Достапни линкови

Опасност од запирање на американската помош за Украина


Воен инструктор на Армијата на САД покрај украински војници за време на мултинационалните вежби "Rapid Trident 2019" во Меѓународниот центар за одржување на мирот и безбедност во близина на Лавов, 24 септември 2019 година.
Воен инструктор на Армијата на САД покрај украински војници за време на мултинационалните вежби "Rapid Trident 2019" во Меѓународниот центар за одржување на мирот и безбедност во близина на Лавов, 24 септември 2019 година.

САД се најголем финансиски донатор на Украина. Но, 18 месеци по почетокот на руската инвазија, анкетите покажуваат пад на поддршката за дополнителни средства. Републиканските претседателски кандидати минатата недела жестоко се судрија околу ова прашање.

„Ако САД се повлечат од помошта за Украина, тоа би ги охрабрило другите земји да го сторат истото, но тоа ќе ја подели и НАТО алијансата“, изјави пензионираниот американски генерал Стивен Твити за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Според него, рускиот претседател Владимир Путин смета токму на ова сценарио.

Откако Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година, Соединетите Држави ѝ дадоа на земјата разурната од војна повеќе од 60 милијарди долари помош, вклучително и 43 милијарди долари воена помош.

Во последната недела од август американскиот државен секретар Антони Блинкен најави уште еден пакет помош за Киев, кој вклучува муниција и проектили и изнесува 250 милиони долари.

Овие бројки ги прават САД најголем финансиски донатор на Украина.

Но, 18 месеци по почетокот на руската инвазија, некои Американци се сомневаат дека помошта вреди за цената.

Што велат републиканските претседателски кандидати?

Минатата недела, осумте републиканци во трката за претседателска номинација на нивната партија жестоко се судрија околу ова прашање.

Меѓу нив беа и оние кои рекоа дека доколку победат на претседателските избори во 2024 година, американската помош за Украина ќе ја условат со зголемување на помошта од Европа.

„Европа мора да се крене. Ќе ја натерам Европа да застане и да ја заврши својата работа“, рече Рон ДеСантис, гувернер на Флорида.

По САД, институциите на Европската унија се најголеми донатори на Украина. Потоа следат Велика Британија, Германија, Канада, Полска, Франција и така натаму.

Предизвикувачот на ДеСантис, Вивек Рамасвами, отиде уште подалеку, велејќи дека нема да поддржи зголемено финансирање за Украина.

Тоа е катастрофа“, вели бизнисменот без искуство во јавна служба.

„Ние се браниме од инвазија преку туѓа граница, кога тие воени ресурси треба да ги користиме за да спречиме инвазија на нашата јужна граница, овде во САД“, рече Рамасвами, мислејќи на границата со Мексико поради големиот прилив на мигранти кои влегуваат во САД.

Неколку други кандидати, меѓу кои и поранешниот потпретседател Мајк Пенс, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли и поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, ги критикуваа тие ставови, бранејќи ја континуираната поддршка на САД за Киев.

Кандидатот Доналд Трамп, кој води во анкетите, не учествуваше во дебатата, но во интервју објавено на платформата Х, некогаш позната како Твитер, рече дека Русија никогаш немало да ја нападне Украина доколку тој беше претседател. Трамп, кој беше претседател на САД од 2017 до 2021 година, не обезбеди никакви докази за овие тврдења.

Паѓа поддршката за дополнителни средства за Украина

Според анкетата објавена минатиот месец од телевизиската мрежа Си-Ен-Ен, 45 отсто од Американците го поддржуваат начинот на кој сегашниот претседател Џо Бајден се справил со ситуацијата во Украина.

Сепак, според истата анкета, мнозинството Американци, 55 отсто, не го одобруваат тоа што Конгресот одобрува дополнителни средства за Украина. Додека 45 отсто велат дека Конгресот треба да одобри такви средства.

Ова истражување е спроведено од 1 јуни до 31 јуни на примерок од 1.279 возрасни лица.

За споредба, анкетата спроведена во раните денови на руската инвазија кон крајот на февруари 2022 година, покажа дека 62 отсто од Американците сметаат дека Соединетите држави требало да направат повеќе.

Без САД, Украина нема да може да продолжи...

Пензионираниот американски генерал Стевен Твити вели дека е тешко да се одреди дали американската помош за Украина ќе продолжи со ист интензитет, со оглед на неизвесноста на американските избори.

„Се надевам дека САД и нашите сојузници во НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат Украина. Важно е да ја разгледаме пошироката слика, во врска со заканата за мирот и безбедноста на европскиот континент“, вели Твити.

Бен Хоџис, поранешен командант на американската војска во Европа, вели дека Бајден треба да направи повеќе за да им објасни на своите граѓани зошто „успехот во Украина е во интерес на Америка и нејзините сојузници“.

„Во спротивно, силната двопартиска поддршка [за Украина] би можела да почне да опаѓа следната година“, вели тој.

„Американците ќе се фокусираат на изборите, додека политичките противници на претседателот може да најдат можност да ја критикуваат неговата политика“, додава Хоџис.

Хоџис вели дека на ова се надева Кремљ: слабеење или намалување на американската и западната поддршка за Украина.

Руските власти постојано ја критикуваа воената помош од Западот, велејќи дека тоа ги прави соучесници во конфликтот во Украина.

Марк Кансиан, пензиониран полковник на американските маринци, вели дека „без американско учество, глобалната поддршка за Украина ќе потоне. И без странска помош, Украина не би можела да ја продолжи војната“.

Според него, евентуалното повлекување на помошта најверојатно ќе биде придружено со барање за решение на конфликтот преку преговори.

„Тоа значи прекин на огнот, кој на Русија би ѝ донел делумна победа“, вели Канчијан.

Западните сојузници постојано ветуваат дека ќе и помогнат на Украина „колку што е потребно“, но честопати не прецизираат колку е потребно за што.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека „колку што е потребно“ значи поддршка на целите поставени од украинскиот претседател Володимир Зеленски и украинскиот народ, кои вклучуваат: враќање на областите окупирани од Русија, вклучително и Крим, и протерување на руските сили од украинска територија.

За генералот Хоџис, терминот „колку што е потребно“ е „празен“. Според него, тоа го користат многу лидери за да го избегнат она што треба да се каже, дека „сакаме Украина да победи“.

„Не можеме да знаеме што ќе се случеше доколку Путин надвладееше во Украина, но варварството што тој го покажа е добар показател“, напиша Вашингтон пост во статија од јуни.

„Западот мора да ѝ обезбеди на Украина оружје што ѝ е потребно за да преживее... Должност на цивилизираниот свет е да спречи уште еден хорор“, пишува американскиот весник.

XS
SM
MD
LG