Достапни линкови

 
Новиот ирански закон за хиџаб се смета за „чин на одмазда“ против жените

Новиот ирански закон за хиџаб се смета за „чин на одмазда“ против жените


Пишуваат: Киан Шарифи и Бабак Гафури Азар

Долги затворски казни, високи парични казни и забрани за патување.

Ова се дел од казните кои им се закануваат на жените кои го прекршуваат новиот закон за хиџаб во Иран.

Законот за хиџаб и чедност, усвоен на 30 ноември, предизвика бура во Исламската Република, каде дури и некои високи верски претставници го критикуваа, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Законот, од 74 члена, ја повикува јавноста да ги пријави наводните прекршители во полиција и ќе ги казнува бизнисите и таксистите кои одбиваат да го сторат тоа.

„Ова не можете ни да го наречете закон“, изјави Насрин Сотудех, истакната активистка за човекови права и адвокат, за радио Фарда на РСЕ.

Законите постојат за да ги заштитат граѓаните, рече таа, но новата легислатива „ги лишува жените од безбедноста на улиците“.


Сè поголем број Иранки одбиваат да носат задолжителна шамија - клучен столб на исламскиот систем.

Хиџабот беше во центарот на невидените протести што избувнаа низ Иран во 2022 година.

Демонстрациите беа поттикнати од смртта на Махса Амини, млада жена која почина во притвор откако беше уапсена за наводно кршење на законот за хиџаб.

За време на протестот, жените и девојките ги симнаа шамиите и ги запалија.

Властите брутално ги задушија демонстрациите, убивајќи стотици и апсејќи илјадници луѓе.


Сотудех истакна дека многу Иранци сакаат одговорните за тие смртни случаи да бидат „казнети“. Наместо тоа, додаде таа, „законодавците го донесоа законот како чин на одмазда кон жените и мажите“.

Таа предупреди дека критичарите ќе „преземат акција“ доколку законот не биде повлечен, сугерирајќи дека би можело да има протести.

Насрин Сотудех со години е во и надвор од затвор поради нејзиниот активизам и преземање чувствителни правни случаи, вклучително и застапување на жени кои беа приведени поради мирен протест против задолжителниот хиџаб.

„Неприменлив“ закон

Во последниве години, властите го заострија спроведувањето на наредбата за носење на хиџабот.

Тие повторно ги воведоа таканаречените полициски патроли за морал, кои беа суспендирани по протестите во 2022 година.

Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) исто така формираше нова единица во Техеран за спроведување на правилата за хиџабот. Членовите на таа единица се нарекуваат „Амбасадори на љубезноста“.

Во ноември, штабот во Техеран за промоција на доблести и спречување на пороци најави отворање на „клиника“ која ќе нуди „научен и психолошки третман“ за жените кои одбиваат да го следат исламскиот кодекс на облекување.

Иранските психолози предупредија на последиците од „етикетирањето на здравите луѓе како болни“.


Во заедничката изјава на 1 декември, Сотудех и активистот за човекови права и исламски научник Седиге Васмаги го осудија новиот закон за хиџаб како „срамен“ и „средновековен“.

Контроверзноста околу новиот закон е толку голема што на 2 декември претседателот Масуд Пезешкијан на телевизија во живо изјави дека законот „не може лесно да се спроведе“ и ги доведе во прашање новите казни за оние кои го прекршуваат законот за хиџаб.

Дури и неколку верски старешини предупредија против спроведувањето на новиот закон.

„Не само што големи делови од овој закон се неспроведливи... туку тој ја поразува неговата цел и ги тера младите да ја мразат верската настава“, напиша ајатолахот Мостафа Мохакек Дамад во отвореното писмо до највисоките верски претставници на 2 декември.

Во заедничката изјава на 4 декември, три истакнати здруженија на забавната индустрија го осудија законот, велејќи дека „секој закон што ја претвора вашата земја во голем затвор нема смисла“, и ги повикаа властите да го укинат.

XS
SM
MD
LG