Достапни линкови

Македонските власти апелираат на деескалација на Косово


Косовски полицајци чуваат стража околу влезот во селото Бањска, северно Косово на 25 септември 2023 година.
Косовски полицајци чуваат стража околу влезот во селото Бањска, северно Косово на 25 септември 2023 година.

Ситуацијата во соседството не се одразува на безбедноста во Северна Македонија, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска. Властите со загриженост следат што се случува во Косово и повикуваат на дијалог. Македонските државјани кои вчера беа во близина на насилството, се упатени дома.

Безбедно се вратија дома македонските државјани кои вчера беа сместени во бања во близина на манастирот во селото Бањска на северот на Косово, каде што имаше оружен напад. Косовската полиција ги придружувала седумте македонски државјани, меѓу кои и едно дете.

Радио Слободна Европа (РСЕ) се обиде да стапи во контакт со македонските државјани кои беа во Бањска, но не сакаат јавно да зборуваат. Тие вчера исплашени од пукотниците во близина на хотелот, цел ден се обидувале да добијат помош од властите во земјава, за да ги евакуираат од Косово.

Од хотелот каде биле сместени и македонските државјани за РСЕ велат дека денеска сите гости си заминале под полициска придружба, но не соопштуваат повеќе детали.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи на официјалниот профил на Фејсбук соопшти дека косовската полиција претходно разговарала со македонските државјани и е направена анализа.

„Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи оружениот напад врз полицијата“, објави Османи.

Тој дополнува дека лично зборувал со неговата колешка од Косово, Доника Гервала – Шварц, а косовската полиција за цело време ја гарантирала безбедноста на државјаните на Северна Македонија. Со нив постојано контактирале и вработените во македонската амбасада во Приштина.

Османи претходно го осуди убиството на полицаецот.

Во косовското село Бањска на 24 септември беше убиен косовски полицаец, а дополнително во текот на целиот ден околу триесетина вооружени напаѓачи го окупираа манастирот, кој се наоѓа во селото.

Подоцна во текот на вчерашниот ден, косовската полиција соопшти и дека се убиени тројца напаѓачи, а четворица од нив се приведени, но и дека состојбата во манастирот во Бањска и натаму е тензична.

Полицaјци патролираат по пукањето, на патот кон селото Бањска, Косово, 24 септември 2023 година.
Полицaјци патролираат по пукањето, на патот кон селото Бањска, Косово, 24 септември 2023 година.

Повици за деескалација и за дијалог

Македонските власти се загрижени за ситуацијата во соседната земја, го осудуваат нападот на полицијата и апелираат на дијалог. Но, тоа што се случува во соседството не влијае на безбедноста на земјава, вели министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска.

„Тоа го гарантира фактот дека сме земја членка на НАТО и во изминатиот период вложуваме многу во одбраната. Она што не сакаме да се случи е дополнителни конфликти или во Косово или во регионот, кои практично ќе го дестабилизираат“, изјави министерката на прес-конференција на 25 септември.

Прес-конференција на министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска и министерот за одбрана на Норвешка, Бјорн Арилд Грам, кој е во официјална посета на Северна Македонија, 25 септември, 2023.
Прес-конференција на министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска и министерот за одбрана на Норвешка, Бјорн Арилд Грам, кој е во официјална посета на Северна Македонија, 25 септември, 2023.

Очите се вперени кон Косово, не само заради тоа што ни е соседна земја, туку затоа што таму има распоредени македонски сили, како дело од НАТО, во мисијата на КФОР, додава министерката.

Загриженоста за ситуацијата во Косово ја дели и министерот за одбрана на Норвешка, Бјорн Арилд Грам, кој е во официјална посета на Северна Македонија.

„Мислам дека овој трагичен инцидент ја илустрира важност за намалување на тензиите во северно Косово. Политичкиот дијалог мора да се врати повторно за да се спречи понатамошна ескалација“, рече министерот на заедничката прес-конференција.

Тој не сакаше да прави паралела на ситуацијата во Украина и тоа што сега се случува во Косово и рече дека не е продуктивно да се споредуваат различни конфликти, оти секоја си има своја динамика и секоја бара посебен начин на справување.

Граѓаните во земјава може да бидат спокојни порача и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил. И тој го осуди насилството и апелираше на деескалација на настаните во Косово и на продолжување на дијалогот, за да може, како што вели регионот да оди напред, оти граѓаните заслужуваат подобра иднина.

„Сигурно зад тоа што се случи вчера на Косово стои некоја агенда, на некои кои сакаат овој регион повторно да биде регион на немир и на кавга меѓу соседите. За среќа, има политичари и кај нас и во Албанија, верувам и во сите земји во регионот, кои сакат да го видат интегриран во ЕУ“, рече Ковачевски на 25 септември, одговарајќи на новинарски прашања по посета на скопска компанија.

Лидерите на Србија и Косово во февруари годинава постигнаа договор за нормализација на односите во Брисел, додека во март договорија анекс за негово спроведување во Охрид.

Но тензиите во областите со мнозинско српско население во северно Косово се зголемија кон крајот на мај, откако членовите на српската заедница се спротивставија на албанските градоначалници кои беа избрани во април.

Изборите во април беа бојкотирани од гласачите од српската заедница.

Во јули, Косово и Европската унија (ЕУ) се договорија за чекорите што Приштина треба да ги преземе за стабилизирање на ситуацијата, вклучително и намалување на полициското присуство во општините во северно Косово и одржување нови избори.

Кога се зголемија тензиите на северот на Косово, меѓународната заедница, предводена од САД и ЕУ, побара од Приштина и Белград да ги намалат тензиите и да се вратат на дијалогот за нормализација на односите, посредуван од Брисел.

ЕУ тогаш воведе некои казнени мерки против Косово за неисполнување на условите, а САД најавија дека Приштина нема да учествува на воените вежби на НАТО „Бранител Европа 23“.

Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти последен пат беа на разговори во Брисел на 14 септември, но како што изјави високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел - косовскиот премиер Албин Курти не бил подготвен да направи чекор напред.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG