„Честита слобода команданте“. Ова е најчестата порака на социјалната мрежа Фејсбук од луѓе кои му пишувале на Агим Красниќи, кој беше водач на т.н. „кондовска група“.
Вооружената група која подоцна одговараше за тероризам, во 2004 година предизвика мини криза во држава која се уште се справуваше со последиците од конфликтот во 2001-та година. Неговите приврзници во тоа време го зазедоа скопското село Кондово, при што заробија и претепаа неколку полицајци.
Красниќи беше осуден на вкупно 15 години затвор, а од целата казна треба да одлежи уште околу 3 години. Тој до пред 4 години казната ја издржуваше во штипскиот затвор.
Избега на Косово во 2020 година од затворот во Штип додека користеше погодности и викенд отсуство.
Бегалецот во мај 2024 година беше екстрадиран во Северна Македонија откако после распишана меѓународна потерница беше уапсен во Косово. Сега казната ја издржува во затворот во Шутка, но, тој деновиве повторно користел погодности, иако еднаш побегна од затвор.
Ова за РСЕ го потврдија и од Управата за извршување на санкциите која е надлежна за затворите, но може да се види и од активностите на неговиот фејсбук профил, каде е споделено видео на кое се гледа како излегува од затворот.
„Лицето Агим Красниќи од 19.10.2024 година е со полуотворен третман во установата КПУ Затвор Скопје и имајќи го пред вид овој податок осуденото лице се стекнало со можност за користење погодности надвор од установата. Истиот користел домашно отсуство три дена од 22 – 25 октомври 2024 година и слободно движење од 7 часа на ден 28.10.2024 година од каде уредно и навремено се вратил во установата каде ја извршува затворската казна“, се вели во одговорот до РСЕ од Управата за извршување санкции.
Косовската полиција по 4 години бегство од Северна Македонија го уапси Агим Красниќи во април годинава заедно со неговиот брат Бесим Красниќи, како и со Сехат Рамадани и Фадиљ Точи. Сите се дел од кондовската група која пред скоро две децении ја предизвика кризата.
Меѓународната потерница за Красниќи беше за разбојништво, тешки дела против општата сигурност и кривично дело поврзано со тероризам.
Четворицата беа уапсени во Урошевац, откако биле запрени возејќи „ауди“ со македонски регистарски таблички, во кое биле пронајдени оружје и муниција. Се барале за обид за убиство и учество во тепачка. Тројца приложиле лажни документи за идентификација известија од косовската полиција.
Инаку според информациите од санкции, брат му, Бесим Красниќи е во притвор во истиот затвор.
И по екстрадиција – викенд излез
Ниту една институција нема одговор на прашањето како може лице кое еднаш било екстрадирано во земјава после бегство од затвор, пак да користи поволности.
Во Законот за извршување на санкциите нема предвидено таква ситуација воопшто. Со членот 153 е уредено какви и во кои услови можат да се користат погодности. Секоја установа си има куќен ред и еден затвореник може, меѓу другото, да добие слободен излез до 7 часови, може да добие 15 дена отсуство во текот на годината, или да користи целосно или делумно одмор на слобода.
„За добро поведение и залагање во работата, како и за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувство за одговорност и за интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, на осудените лица можат да им се дадат одделни погодности“, пишува во ставот 1 од овој член.
Ако затвореникот ги злоупотребил ваквите погодности пак директорот на затворот може да му ги ограничи погодностите за наредните три месеци, или да го упати во самица.
Од Управата за извршување санкции не одговорија на прашањата на РСЕ како може да се спречат бегствата од затворите. Во неодамнешна изјава директорот Александар Пандов побара да се расчисти со терминологијата, бидејќи не се работело за класично бегство од затвор кога затворениците не се враќале од викенд излез.
„Да ги расчистиме термините. Бегство, е префрлување преку ѕидини, жица, копање на тунел. На луѓето кои им биле дадени погодности и не се вратиле, не е класично бегство“, рече Пандов на прес конференција одржана на 15.08.2024 година.
Околу 200 затвореници се „легални“ бегалци
Последната вест за помилувањата од страна на Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова ја разбранува јавноста, уште повеќе што еден од помилуваните веднаш по излегувањето на слобода од затворот во Идризово беше повторно уапсен.
Според полицискиот билтен Акиф Равманоски се барал за обид за убиство што го сторил додека претходно бил излезен на викенд отсуство.
Но, според последните информации од Министерството за внатрешни работи многу затвореници кои користат викенд излез или се сторители на други кривични дела или пак воопшто не се вратиле зад решетки.
Министерот Панче Тошковски обелодени дека околу 200 затвореници во текот на 2023 и 2024 година се избегани од затворите „Идризово“ и „Скопје“.
Од Хелсиншкиот комитет за Радио Слободна Европа велат дека овој висок број на таканаречените бегства од затвори мора да ги алармира раководствата на затворите.
„Кога се дава привремена слобода, таа е наменета како погодност за затворениците кои покажале напредок во процесот на реинтеграција и рехабилитацијата или пак имаат низок ризик од повторен прекршок. Сепак, злоупотреба на оваа одредба од страна на голем број осудени лица сугерира на предизвици во тоа како се донесуваат одлуките и како се спроведуваат заштитните мерки“, вели за РСЕ, Александра Трајановска од Хелсиншки комитет за човекови права.
Универзитетскиот професор по правни науки Ќебир Авзиу смета дека и без промена на законот би можело да се интервенира во дозволите за давање бенефиции на затворениците, особено на оние кои се повторници на кривични дела или бегалци.
„Законските бенефити и можности не би можеле да се ограничат, освен да се промени законот што би било подолг процес. Но бидејќи политиките на бенефиции ги водат пенитенцијарните установи сепак може да има една рестриктивна политика во однос на овие бенефиции како што се пуштање на слобода. Овие лица кои се рецидивисти и кои се познати сторители на кривични дела не би требало толку лесно да ги добиваат тие бенефиции. Би требало да се процени дека постои опасност дека тешко би се вратиле во затворските установи“, вели за РСЕ, професорот по кривично право Ќебир Авзиу.
Според невладините организации потребно е да се направи сеопфатен преглед на процедурите и политиките што ги регулираат погодностите за привремена слобода. Решението гго гледаат во засилен мониторинг од надлежните институции, посилни механизми за одговорност како и унапредување на процесите на ресоцијализација и рехабилитација.