Достапни линкови

Се гледа ли крајот на контролата на нуклеарното оружје?


илустрација
илустрација

За прв пат по кубанската ракетна криза, имаме директна закана за употреба на нуклеарно оружје... Не се соочивме со изгледите за Армагедон од времето на Кенеди и кубанската ракетна криза“, рече американскиот претседател Џо Бајден во 2022 година.

Острото предупредување дојде откако рускиот Владимир Путин, кој претрпе големи неуспеси во неговата целосна инвазија на Украина и беше принуден да повика стотици илјади цивили за да ја зајакне војската, рече дека неговата влада „ќе ги искористи сите средства што ни стојат на располагање“ доколку биде загрозен рускиот територијален интегритет.

Не беше првпат тој да се повика на можноста за користење нуклеарно оружје во врска со војната во Украина.

„Ова не е блеф“, рече тој во говорот на 21 септември 2022 година во кој најави делумна мобилизација.

И покрај реториката на Путин, западните официјални лица посочија дека не виделе материјални подготовки за нуклеарен напад од страна на Русија, а некои експерти истакнаа дека оружјето „не е толку корисно за постигнување воени цели“.

Иако рускиот нуклеарен напад врз Украина се чини малку веројатен, ризикот од нова трка во нуклеарно вооружување продолжува да расте.

Русија и Соединетите Држави се повлекоа од неколку клучни договори за контрола на вооружувањето во текот на изминатите години, а само еден од тие договори Нов СТАРТ - е сè уште е во сила и треба да истече во 2026 година. Русија вели дека нејзиното учество во договорот, кој го ограничува бројот на нуклеарни боеви глави, лансери и бомбардери што може да ги распоредат двата потписници е суспендиран, иако вети дека засега ќе ги почитува ограничувањата.

Ако Нов СТАРТ истече без да има замена за него, двете големи нуклеарни сили нема да имаат ограничувања за тоа колку нуклеарни боеви глави и возила за испорака ќе можат да се распоредат за прв пат од стапувањето на сила на договорот СТАРТ I пред 30 години, во 1994 година.

Ерозијата на договорите за контрола на нуклеарното оружје започна во раните 2000-ти, кога Соединетите Држави се повлекоа од договорот за антибалистички ракети. Потпишан во 1972 година, ова беше еден од првите договори кој имаше за цел да се избегне трка во вооружување со одржување на паритет меѓу Советскиот Сојуз и САД.

Договорот за противбалистички ракети (ABM Treaty) беше дизајниран за да елиминира една од причините поради кои Соединетите Држави или Советскиот Сојуз ќе бараат голем арсенал: со само ограничена способност за соборување на дојдовните проектили, ќе има помала потреба од огромни количини боеви глави. Со повлекувањето на САД, Русија веднаш објави дека повеќе нема да ги почитува границите договорени во договорот СТАРТ II, до кој двете сили одлучија да се придржуваат иако договорот официјално не стапи во сила.

Следниот голем билатерален договор што падна беше Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF), кој забрани проектили од земја со дострел меѓу 500 и 5500 километри. Соединетите Држави долго време ја обвинуваа Русија за непочитување на договорот, при што администрацијата на Обама откри дека крстосувачката ракета тестирана од Русија во 2014 година ги прекршила границите на дострелот на договорот. Администрацијата на Трамп објави дека ќе се повлече од договорот во октомври 2018 година, а Русија ќе одговори на ист начин.

Овие билатерални договори за контрола на вооружувањето го намалија бројот на боеви глави од врвот од над 60 000 кога беше потпишан Договорот за нуклеарни сили со среден дострел INF во 1987 година на помалку од 10 000 кога беше потпишан Нов СТАРТ во 2011 година.

Нови противници

Покрај наводното кршење на договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) од страна на Русија, администрацијата на Трамп го наведе неучеството на Кина и потребата да се подготви за потенцијален конфликт во јужниот дел на Пацификот.

Кинеското проширување на нејзиниот нуклеарен арсенал претставува пречка за нуклеарните преговори кои не постоеја за време на Студената војна, кога неамериканските и советските арсенали и амбициите беа доволно мали за да се игнорираат. За време на Трамп, САД ги поврзаа изгледите за нов нуклеарен договор со Русија со идејата дека Кина треба да се приклучи на Нов СТАРТ или на друг трилатерален нуклеарен договор.

Минатата година, Конгресната комисија за стратешка положба на Соединетите Држави откри дека Соединетите Држави „повеќе нема да можат да ја третираат кинеската нуклеарна закана како „помал вклучен случај“ на руската нуклеарна закана“.

Според шведскиот институт за меѓународен мир СИПРИ, Кина значително ги проширува своите нуклеарни сили и најверојатно распоредила „мал број свои боеви глави“ во 2023 година. Се очекува таа да продолжи да ги зголемува своите сили во текот на следната деценија и би можела да одговара на американскиот или рускиот број на распоредени интерконтинентални балистички ракети во тоа време, иако вкупниот број на боеви глави ќе остане помал.

Дали светот ќе го забележи огромно проширување на бројот на складирани и распоредени боеви глави доколку се дозволи на Нов СТАРТ да истече без замена за таков договор, останува нејасно.

Според Дерил Кимбал, шеф на Здружението за контрола на оружјето, Соединетите Држави и Русија имаат поефикасни начини да ја зголемат големината на распоредените арсенали. По истекот на договорот, „и двете страни ќе имаат капацитет да го удвојат бројот на распоредени боеви глави со „зголемување“, што значи зголемување на бројот на нуклеарни боеви глави присутни во системите за испорака што се веќе распоредени.

Пранај Вади, висок директор на Советот за национална безбедност на САД за контрола на вооружувањето и разоружување, вели дека иако Соединетите Држави мора да бидат подготвени за ограничувањата наведени во Нов СТАРТ да „исчезнат без замена“, сепак не треба „да се зголемуваат нашите нуклеарни сили да одговараат или да бидат побројни од вкупниот број на нашите конкуренти“.

Со оглед на постојната способност на Соединетите Држави за втор удар, има смисла тоа што повеќе не значи дека е и нужно подобро. Само една подморница од осум до 10 кои се во море во секое време носи околу 100 боеви глави, што е доволно за „да уништи голема земја и да убие десетици милиони луѓе“, смета Кимбал.

И покрај неможноста дури и комбинираните нуклеарни сили на Русија и Кина да започнат успешен прв напад - таков што ќе ја исфрли способноста на Соединетите Држави да предизвикаат катастрофална штета како одговор - САД може да почнат да ги зголемуваат своите нуклеарни сили.

Извештајот на Комисијата за стратешка положба за подготовка за закани од 2027 до 2035 година наведува дека нуклеарната сила на САД мора да биде „или поголема по големина, или различна по состав или и двете“ ако сака да одговори и на ревизионистичка Русија и на Кина за која во извештајот се трвди дека „се стреми кон зголемување на нуклеарната сила со размери и темпо невидено од американско-советската трка за нуклеарно вооружување која заврши кон крајот на 1980-тите“.

Повеќе, повеќе, повеќе...

Извештајот на Комисијата продолжува да препорачува Соединетите Држави итно да „постават повеќе боеви глави на распоредените носачи, да распоредат или да ги засноваат нуклеарните сили во азиско-пацифичкиот театар, да го зголемат планираниот број на бомбардери способни за нуклеарно оружје, да се фокусираат на теренски нуклеарни подвижни ракетни носачи, кои моментално не се во арсеналот на САД, и да се подготвуваат да го распоредат идниот „Сентинел“ ICBM (Сентинел ICBM ја претставува модернизацијата на копнениот дел на американската нуклеарна тријада) во конфигурација што носи повеќе независни возила за повторно влегување (во моментов, секој Minuteman III ICBM носи само една боева глава, како резултат на ограничувањата наметнати од Нов СТАРТ).

Во исто време, Русија, исто така, фрла ресурси за надградба на својот арсенал, со неодамнешното тестирање на новиот тип на тешки интерконтинентални балистички ракети, RS-28 Sarmat, очигледно неуспешно.

„Сармат“ е едно од шесте оружја што Путин ги претстави на своето годишно обраќање во 2018 година, каде што анимирано видео покажува како руски ракети летаат кон цел што личи на Флорида. Двајца американски аналитичари неодамна тврдеа дека пронашле веројатна локација за распоредување на уште едно од руското „непобедливо оружје“, објавено од Путин во 2018 година. Русија, исто така, ги продолжи нуклеарните тестирања, подготвувајќи објекти на островот Новаја Земља, каде што Советскиот Сојуз ја тестираше најголемата нуклеарна бомба која е досега детонирана.

Покрај потенцијалното „подигнување“ боеви глави на постојните носачи и развој на нови системи за вооружување, Соединетите Држави неодамна објавија дека ќе распоредат ненуклеарни крстосувачки ракети кои претходно би биле забранети според договорот INF во Германија, при што Путин вети дека ќе одговори на свој начин и ќе го подигне самонаметнатиот мораториум за распоредување ракети со среден дострел доколку распоредувањето продолжи.

Русија, исто така, наводно распоредила нуклеарно оружје во Белорусија, која не била домаќин за таа намена од раните 1990-ти.

Бидејќи се случуваат бројни промени во положбата на нуклеарните и конвенционалните ракетни сили, односите меѓу Западот и Русија и Кина се на најниската точка од Студената војна и повеќе земји создаваат значителни резерви на боеви глави, ние веќе би можеле да го живееме почетокот на следната трка за нуклеарно вооружување и доколку нуклеарните сили не се договорат за нови ограничувања, тоа би можело да биде исто толку ризично како и минатата.

XS
SM
MD
LG