Достапни линкови

ЕУ препорача 40 мерки за реформа на Судскиот совет


Седница на Судскиот совет на Северна Македонија.
Седница на Судскиот совет на Северна Македонија.

Како одговор на низата скандали и проблеми кои го потресоа Судскиот совет изминатиов период, ЕУ ja оцени неговата работа и даде низа мерки кои треба да бидат спроведени за да се зголеми независноста, одговорноста и ефикасноста на ова тело. Без имплементација на овие мерки, ЕУ не гледа како земјата ќе ги спроведе потребните реформи во правосудството.

Европската унија (ЕУ) очекува итно да бидат спроведени 40 мерки во Судскиот совет и тие да бидат приоритет на сегашната, но и на секоја идна влада и на сите правосудни институции во Северна Македонија.

По низата скандали кои го потресоа Судскиот совет, ова тело беше под лупа на Европската Унија (ЕУ), која во септември ја започна Оценската мисија на неговото работење, а денеска евроамбасадорот Дејвид Гир ги презентораше заклучоците.

Во Извештајот е наведено дека ЕУ препорачува спроведување на сите 40-те мерки, за кои Гир наведе дека дел се краткорочни, а дел среднорочни и долгорочни. За спроведување на 23 од нив, потребни уставни и законски измени, додека 17 може да ги спроведе самиот Судски совет.

Мерките вклучуваат структурни реформи во Судскиот совет, промена на мандатот на членовите, измени на процесот на селекција на членовите, унапредување на практиките за транспарентност, зголемување на финансиската независност на телото и вклучување на цивилното општество во изборот на членовите во мониторингот на неговата работа.

Проблемите во Судскиот совет не се од вчера, тие се акумулирани подолго време и не се навремено и соодветно адресирани на систематски начин, рече Гир, додавајќи дека сето ова довело до моменталните предизвици со кои се соочува функционирањето на телотo, вклучително неспроведувањето на законите и недостатокот на добри практики, што „влијае врз целокупната работа на правосудството“, рече Гир.

„Потребна е итна акција да се адресираат овие проблеми, бидејќи правосудството се наоѓа во критична точка“, рече Евроамбасадорот.

Политички и бизнис влијанија

Судскиот совет е најважна институција во судската власт, бидејќи тој одлучува за одговорноста, дисциплината и разрешувањето на судиите. Но, загриженост особено предизвикаа настаните во ноември 2022 и во јуни 2023 година.

Оценската мисија започна по превирањата, откако за пет месеци беа сменети две претседателки на телото. Прво претседателката Павлина Црвенковска која даде оставка во номеври, а потоа Весна Дамева која беше разрешена.

И Црвенковска и Дамева, заминаа од функцијата со тешки обвинувања: Дамева за политички влијанија, а Црвенковска рече дека ја отстапува функцијата поради делување на судска- бизнис елита.

Неколку дена по смената на Дамева, за нов претседател на Судскиот совет беше назначен Сашко Георгиев на итна седница која се одржа во тензична атмосфера.

Георгиев беше избран на „колегиум“ по десетдневното „натегање “ околу процедурите за смената на Дамева, која поднесе и тужба до Управниот суд за нејзиното, како што рече, незаконско разрешување.

Критиките кон Судскиот совет за политички влијанија и притисоци беа наведени и во Извештајот на Европската комисија во ноември, а слични забелешки даваат и САД, како и невладините организации во Северна Македонија.

ОБСЕ спроведе анкета на судии, во која повеќе од половина се изјасниле дека Судскиот совет не го сметаат како орган кој во пракса е независен во своето работење.

Извештајот на Оценската мисија бил изработен од тројца експерти од областа на правосудството од 19 до 22 септември, кои анализирале закони, релеванти документи, а разговарале со невладини организации и претставници на власта, рече денеска Гир.

17 од дадените мерки во Извештајот се однесуваат на практики за подобро работење на Судскиот совет. Седум од овие 17 мерки се за подобрување на транспарентноста на Судскиот совет, за што Гир рече дека е клучно за довербата на јавноста во оваа институција.

Останатите се однесуваат на процесот на оценување на работата на судиите за нивното унапредување, на изборот на членови и врметраењето на нивниот мандат, мерит-системот, етичкиот кодекс, процените за дисциплинска постапка против судиите, буџетската автономија и на комуницирањето со јавноста.

Во извештајот се пропорачува дека 6-годишниот мандат во Судскиот совет, може да значи долготрајно оддалечување од судиите од работата во судниците, рече Гир.


Експертите на ЕУ во извештајот го анализирале и процесот на разрешување на претседателот на Судскиот совет, за што Гир рече дека е значајно прашање со оглед на случувањата во телото во Судскиот совет во јуни.

Во извештајот исто така е дефинирано каков вид на прекршувања би можеле да доведат до разрешување на претседателот на Судскиот совет, но и какви одговорности треба да има при извршувањето на оваа функција.

ЕК - Судскиот совет да се спротивстави на надворешни влијанија

Во извештајот на Европската комисија во ноември, за Судскиот совет беше посочено дека треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и дека треба да се спротивстави на секое надворешно влијание.

Критиките од Брисел во годишниот извештај беа дека Северна Македонија нема напредок во судството и борбата против корупцијата.

Се нотира и дека има застој и во усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, со кои треба да се подобри работата на институциите. Ограничено е и спроведувањето на стратегијата за човечки ресурси во судството и обвинителството.

Агелер - Советот не ги иисполнува законските обврски

За случувањата во Судскиот совет и постапувањето на ова тело, америиканската амбасадорка во Скопје Ангела Агелер во ноември наведе дека Советот не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски и дека тоа не е правдата што ја очекуваат жителите на оваа земја.

„Судскиот совет, теоретски независно тело – има клучна одговорност за назначување квалификувани судии и за дисциплинирање на оние кои не ги исполнуваат највисоките стандарди. Мандатот на Советот е да обезбеди правилно и транспарентно функционирање на судството во оваа земја. Жал ми е што морам да кажам дека сме виделе малку докази што укажуваат дека овие свети должности се исполнети. Народот на оваа земја заслужува подобро“, рече Агелер.

Коментарите на Агелер следуваа неколку дена откако таа одржа работна средба со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која јавно ги осуди политичките притисоци врз неа и врз институцијата што ја води.

Лога бараше престанок на мандатот на членовите

За „скандалозните случувања“ во Судскиот совет, во јуни годинава реагираше и министерот за правда Кренар Лога, кој поради нив предложи распуштање на сегашниот состав на ова тело.

„Тоа што се случи во Судски совет сите не загрижува и го осудуваме тоа. Очекувам враќање во нормала. Едно од можните решенија, за кои разговарам и со политичките партии и со власта, е со законски преодни одредби да имаме престанок на мандатот на сегашниот состав на ова тело“, рече Лога.

Анкетата на ОБСЕ

Мисијата на ОБСЕ спроведе анонимна анкета во која биле вклучени 212 судии и 83 обвинители. Повеќе од половина односно 62 проценти од судиите не го сметаат Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење.

И покрај тоа што вредностите како транспарентност и очетност на Судскиот совет е усогласена со меѓународните стандарди и принципи, колективното однесување на Советот не ги отсликува овие вредности во очите на правосудството, се вели во истражувањето на ОБСЕ.

Георгиев - судиите немаат храброст

Само 32 проценти од судиите веруваат дека составот и начинот на избор на членовите на Судскиот совет ја обезбедува неговата независност и непристрасност, додека 67 проценти не веруваат во тоа.

По спроведената анкета на ОБСЕ за доверба во судството, претседателот на судскиот совет Георгиев им порача на судиите кои ја пополнувале дека немаат храброст, бидјеќи за влијанијата зборувале анонимно, а не пријавиле во Советот.

Тој додаде дека смета оти дека на тој начин судиите сами си го рушат интегритетот. Во исто време им замери што посочиле и дека не му веруваат на Судскиот совет бидејќи и таму според анкетата сметаат дека има надворешни влијанија, па ги упати правдата да ја бараат во обвинителството или други институции.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG