Достапни линкови

Бауер: Украина има добра воена причина да напаѓа подлабоко во Русија


Артилериски ракетен систем ХИМАРС во близина на линијата на фронтот во северниот регион Херсон во Украина, ноември 2022 година
Артилериски ракетен систем ХИМАРС во близина на линијата на фронтот во северниот регион Херсон во Украина, ноември 2022 година

Претседателот на Воениот комитет на НАТО, Бауер вели дека заканите упатени од рускиот претседател Путин и поранешниот претседател Медведев како одговор на овие дискусии ја покажуваат нивната фрустрација. И тој, и началникот на Генералштабот на чешките вооружени сили Река, се согласни дека НАТО земјите треба да одвојуваат повеќе од два отсто за одбраната

Дали да и се дозволи на Украина да нападне длабоко на територијата на Русија со проектили со долг дострел од западно производство е „политичка дебата“, но од воена гледна точка тоа ќе биде во рамки на законското право на Украина, вели претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмиралот на холандската морнарица, Роб Бауер, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тој вели дека укинувањето на рестрикциите не е прашање за кое НАТО разговара, но според него како воен лидер, одговорот за ова би бил потврден за украинските сили.

„Според повелбата на ОН и според законот за вооружен конфликт, ако сте нападнати од една држава, тогаш ви е дозволено да се браните. Таа одбрана не застанува во вашите граници. Дозволено ви е всушност да го нападнете непријателот на неговата сопствена територија“, вели Бауер.

Бауер интервјуто за РСЕ го даде на 14 септември, додека Воениот комитет на НАТО, кој е највисоко воено тело на Алијансата, се состана во Прага на дводневна конференција за да ги разгледа стратешките случувања во Алијансата од аспект на одлуките донесени на самитот на НАТО во јули.

Состанокот се случи еден ден откако британскиот премиер Кир Стармер се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа за да разговараат дали да се одобри барањето на Киев за употреба на ракети со долг дострел против цели во Русија.

„Заканите од Путин и Медведев ја покажуваат нивната фрустрација“

Бауер смета дека заканите упатени од рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот претседател Дмитриј Медведев како одговор на овие дискусии ја покажуваат нивната фрустрација од тоа како војната се одвива две и пол години откако Русија ја започна инвазијата.

„Мислам дека тоа е првенствено доказ за тоа колку се фрустрирани затоа што Русија не постигна ниту една од нејзините стратешки цели во Украина“, рече Бауер.

Путин претходно оваа недела рече дека Западот ќе биде „во војна“ со Русија ако и дозволи на Украина да нападне со ракети со долг дострел произведени од Запад, додека Медведев на 14 септември изјави дека Русија може да го уништи главниот град на Украина, Киев, со ненуклеарно оружје, доколку Западот ги укине своите ограничувања.

Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на земјата, исто така рече дека Москва може да прибегне кон нуклеарно оружје.

Бауер вели дека заканите мора да се сфатат сериозно, но оти она што го прават НАТО и другите сојузници на Украина е „во рамките на повелбата на ОН, во рамките на меѓународното право“.

„И ние ќе продолжиме да го правиме тоа“, вели тој.

Во својот говор на конференцијата, Бауер ја пофали украинската војска бидејќи му докажала на светот дека „нема ништо што не можат да направат“ и дека им е потребна само поддршка од нивните сојузници за да ги постигнат своите цели.

„И тие ќе го имаат тоа. Не само сега, не само за времетраењето на војната, туку и во следните децении“, рече Бауер во говорот на конференцијата.

Сојузниците на НАТО предводени од САД донираа десетици милијарди долари за воена опрема за да и помогнат на Украина да се бори против инвазијата, а Бауер рече дека украинските сили од ден на ден стануваат „се поинтероперабилни“ со силите на НАТО, со што земјата се приближува до НАТО членство.

„Еден ден ќе застанеме рамо до рамо под знамето на НАТО. Украина ја заслужува нашата континуирана поддршка, не само поради тоа кои се тие како народ, туку и поради тоа кои сме ние како НАТО“, рече тој.

Бауер, исто така, вели дека на НАТО му треба многу поголем производствен капацитет во одбранбената индустрија и треба подобро да се координира за да се зголеми одвраќањето.

„Колку повеќе го зајакнуваме нашето одвраќање, толку поголеми шанси имаме да ги заштитиме слободите за кои се грижиме и да спречиме војната некогаш да навлезе во наша земја“, рече тој.

Повеќе пари за одбраната

Војната во Украина ја коментираше и армискиот генерал-полковник Карел Река, началник на Генералштабот на чешките вооружени сили, кој рече дека станува збор за опстанок на Украина и борбата за принципите на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет, за чија одбрана постои и НАТО.

„Императив е ние, кои сме на врвот на нашата војска, да и ја обезбедиме сета неопходна помош на Украина, без разлика дали е во форма на обука или снабдување со оружје и друга воена опрема“, рече Река во обраќањето на конференцијата на 14 септември.

„Со поддршката на Украина, ние исто така го зајакнуваме нашето единство и ја спречуваме руската закана“, додаде тој.

Река, исто така, предупреди дека заканите од Русија доаѓаат не само на конвенционалното бојно поле, туку и во форма на хибридни тактики, сајбер напади, кампањи за дезинформација и кинетички чинови на насилство.

„Сите овие акции се дизајнирани да сеат страв и да го поткопаат единството на нашите општества. Затоа, мора да имаме широк пристап кој ги интегрира нашите конвенционални воени способности со силна сајбер одбрана и силна цивилно-воена соработка“, изјави чешкиот генерал.

И Бауер и Река се согласија за потребата од поголеми финансиски одвојувања за одбраната, при што Река рече дека „јасно е оти два отсто од БДП за одбраната нема да бидат доволни“.

XS
SM
MD
LG