Достапни линкови

 
Главниот соработник на Марин Ле Пен најави кандидатура за претседателските избори

Главниот соработник на Марин Ле Пен најави кандидатура за претседателските избори


Марин Ле Пен и Жордан Бардела
Марин Ле Пен и Жордан Бардела

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир, Жордан Бардела, потврди дека ќе се кандидира на француските претседателски избори во 2027 година, доколку неговата менторка Марин Ле Пен, која веќе трипати беше кандидат и важи за фаворит, биде спречена да учествува поради судска пресуда за проневера.

„Јасно е дека Марин Ле Пен е мојот кандидат, но ако утре ѝ биде забрането да се кандидира, мислам дека можам да кажам дека јас ќе бидам нејзиниот кандидат“, изјави Бардела во интервју за „Ле Паризиен“.

Дваесет и деветгодишниот Бардела, кој е и претседател на групата Патриоти за Европа во Европскиот парламент, долго време се сметаше за наследник во Национален собир, но досега немаше јавно изразено подготвеност да влезе во претседателската трка.

Тој се наметна како најочигледен кандидат на најголемата крајнодесничарска партија во Франција откако Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера и доби петгодишна забрана за извршување јавни функции.

Ле Пен и уште 23 обвинети се товарат дека незаконски користеле повеќе од 4 милиони евра средства од Европскиот парламент за плаќање на соработници кои формално биле асистенти на пратеници, но всушност работеле за партијата.

„Работам и се подготвувам“, рече Бардела, нагласувајќи ја „апсолутната неопходност за останување обединети“.

Тој истакна и дека „Марин Ле Пен ужива презумпција на невиност“ и најави дека ќе ги искористат сите правни средства за да ја бранат нејзината невиност.

Апелацискиот суд ќе ја донесе конечната одлука за случајот до летото следната година.

XS
SM
MD
LG