Време е да се пресече синџирот на криминалот и да се истера правдата на виделина, затоа што и врапчињата знаат за корупцијата и злото што владее кај нас, порачаа родителите на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ на четвртиот протестен марш „Задоцнета реакција“ што денеска (26 април) се одржа во Кочани.
Во пораката до институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата побараа тие да не ја одбегнуваат одговорноста и да ја сфатат болката што ја чувствуваат по своите деца.
„Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно, и сега, и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот“, порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.
Во краткиот прекин на маршот пред зградата на Општина Кочани, во која се сместени државните инспекциски служби, беше упатено прашање дали им е потребна дополнителна обука за да можат ефикасно да си ги извршуваат работните задачи.
Пред Полициската станица во Кочани, учесниците на маршот побараа одговорност од полициските службеници кои претходно не ја спречиле трагедијата во „Пулс“.
„После таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу криминални дејствија, меѓу кои за продавање, купување и консумирање дрога. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите деца со нивниот прерарно одземен живот. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Затоа бараме одговорност од вас, МВР, затоа што можеби други ве амнестирале, ама ние не“, порачаа од протестниот марш.
Пред Основниот суд и Обвинтелството родителите и блиските на починатите побараа правдата да биде задоволена и да се соопштат вистинските виновници за несреќата.
„Да ги прашаме обвинителите, дали толку вредеа животите на нашите деца, па да постапуваат со „притвори – пушти“. Дали виновните си ја плаќаат слободата? Кој потпишува документи дека децата ни се безбедни на јавни простори? Здравиот разум размислува што ќе потпише, а нечесниот и алчен потпишува без да се плаши пред судот Божји“, рекоа родителите.
Протестниот марш заврши во Паркот на Револуцијата од каде и почна, а роднините на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собирите и во наредниот период ќе бидат уште погласни во барањата за правдата.
Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 61 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.