Американскиот претседател Доналд Трамп имаше „многу продуктивен разговор“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред погребот на папата Франциск во Ватикан, изјави официјален претставник на Белата куќа.
Стивен Чунг, директор за комуникации на Белата куќа, рече дека Трамп и Зеленски „се сретнале приватно денеска (26 април) и имале многу продуктивен разговор“.
„Повеќе детали за состанокот ќе бидат објавени подоцна“, рече тој, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Зеленски, Сергеј Никифоров, изјави дека двајцата претседатели се сретнале пред да присуствуваат на погребот и разговарале околу 15 минути.
Тој рече дека Трамп и Зеленски се согласиле да се сретнат подоцна истиот ден за понатамошни разговори пред американскиот претседател да го напушти Рим.
„Се надевам на резултати за сè што опфативме. Заштита на животите на нашите луѓе. Целосен и безусловно прекин на огнот. Сигурен и траен мир што ќе спречи избувнување на уште една војна“, напиша Зеленски на X во објава споделена по погребот.
„Многу симболичен состанок што има потенцијал да стане историски, ако постигнеме заеднички резултати.“
Трамп и Зеленски се сретнаа и со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер на маргините на погребот. Канцеларијата на Зеленски соопшти дека состанокот меѓу четворицата лидери „бил позитивен“.
Појавувањето на Зеленски на погребот било дочекано со аплауз од толпата кога бил виден како пристигнува на плоштадот Свети Петар.
Разговорот меѓу Трамп и Зеленски на погребот се нивна прва средба лице в лице по нивната јавна расправија во февруари во Белата куќа. Исто така, ова се случува во време кога претставникот на Трамп, Стив Виткоф, разговараше со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ на 25 април.
Потоа, Трамп тврдеше дека договорот за завршување на војната е „многу блиску“ и го повика Зеленски да го „заврши тоа“ во објава на социјалните мрежи.
Тој претходно ги предупреди двете страни дека Вашингтон е подготвен да се откаже од напорите предводени од САД за посредување во мировен договор меѓу Киев и Москва, доколку наскоро не се постигне договор.