Дваесет и три лица се уапсени во вчерашната акција на полицијата која следува по повеќемесечна предистражна постапка во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Од ОЈО ГОКК денеска (24 април) информираат дека предметниот обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 49 лица.
Станува збор за основано сомнение за извршени низа кривични дела со кои е направена штета на државниот буџет.
„Во текот на 2023 година првоосомничената порано вработена на универзитетска клиника заедно со други двајца осомничени создале злосторничко здружение-група, која имала за цел вршење на кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Примање поткуп“, „Давање поткуп“, „Примање награда за противзаконито влијание“ и „Давање награда за противзаконито влијание“, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Во меѓувреме припадници на групата станале уште деветмина осомничени од кои двајца како лекари специјалисти биле претседатели на Стручната комисија за издавање на наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега од друго лице во рамките на ЈЗУ Општа болница Велес, а останатите лекари специјалисти вработени во ЈЗУ Општа болница Велес, Универзитетска клиника за неврологија Скопје, ПЗУ – ординација за општа медицина и специјалистички ординации од Велес, адвокат од Велес и службено лице во ЈУ Центар за социјална работа – Тетово.
„Заради стекнување со противправна имотна корист, криминалната група од лица баратели на социјалното право помош и нега од друго лице – туѓа нега, барала и примала парични средства – поткуп или награда за противзаконито влијание. За возврат организаторите и припадниците на криминалната група преземале противправни дејствија на директно или индиректно давање или нудење на парични награди, поткуп на службени лица, како и противправни дејствија на директно или индиректно примање на парични награди или поткуп со што на барателите им обезбедувале исполнување на условите за успешно водење на постапката за стекнување со право на туѓа нега. За остварување на право на туѓа нега тие ги пријавувале барателите што давале поткуп кај матични доктори кои вршат дејност во Велес со цел надлежна за постапување да биде Стручната комисија за издавање на наод оцена и мислење при ЈЗУ „Општа болница Велес“ чиј поранешен и актуелен претседател на комисијата се членови на групата“, информира ОЈО ГОКК.
На 3 матични лекарки им се става на товар кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, 16 осомничени кои понудиле и дале поткуп заради обезбедување на медицинска документација со невистинита содржина се осомничени дека сториле кривично дело - Давање награда за противзаконито влијание и кривично дело - Давање поткуп, додека на 9 осомничени кои се согласиле и дале парична награда на товар им се става кривичното дело – Давање награда за противзаконито влијание.
Припадниците на групите освен за кривично дело Злосторничко здружување се осомничени и за други кривични дела и тоа: 5 лица за кривично дело – Давање поткуп, Примање награда за противзаконито влијание, Давање награда за противзаконито влијание и Злоупотреба на службена положба и овластување, 4 лица за кривично дело - Давање поткуп, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, едно лице за кривично дело-Примање награда за противзаконито влијание, Давање награда за противзаконито влијание и Злоупотреба на службена положба и овластување, две лица за Злоупотреба на службена положба и овластување, Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание, едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, две лица Злоупотреба на службена положба и овластување и Примање награда за противзаконито влијание и две лица за Злоупотреба на службена положба и овластување, три лица за Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание и едно лице за Злоупотреба на службена положба и овластување, Примање поткуп, Давање награда за противзаконито влијание и Примање награда за противзаконито влијание.
Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд.
За 12 осомничени обвинителството предложи определување на мерка притвор, додека за 3 лица мерка куќен притвор. За останатите лица се предложени мерки на претпазливост.