Како Министерство за здравство стоиме на располагање за да се исчисти криминалот и корупцијата во здравство, порача министерот за здравство, Арбен Таравари, кој во при посетата на кумановската болница одговараше на новинарско прашање за вчерашната акција на полицијата во врска со незаконско доделување на инвалидски пензии.
Таравари потсети дека претходно имаше и случај во државниот Геријатриски центар, кога директорот беше фатен при земање на мито од 20 000 евра.
„Се случи во Геријатрија една акција, тој беше член на нашата партија, утредента го разрешив од директор и задутре го исклучивме од партија. Сите што грешат треба да одговараат, ние ниту сме полиција, ниту јавно обвинителство, ниту ги следиме луѓето. Меѓутоа ги поздравувам сите овие акции,“ изјави Таравари.
Тој посочи дека има информации за злоупотреби од страна на вработени во здравствените установи, но, како што вели, не сака да генерализира оти не се сите доктори такви.
„Но, таму кај што постојат сомнежи ги поддржувам и стоиме како министерство за здравство да помогнеме на сите вакви акции за да се исчисти криминалот и корупцијата“, истакна Таравари.
Во вчерашната полициска акција по наредба на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беа извршени неколку претреси на различни локации поради сомнение за долгогодишна злоупотреба на системот за доделување надомест за помош и нега од друго лице и незаконско доделување право на инвалидска пензија. Неофицијално, во акцијата биле опфатени педесетина лица.