Достапни линкови

Осми ден блокада пред РТС


илустрација
илустрација

Блокадата на зградите на Радио-телевизија на Србија (РТС) од синоќа (21 април) влезе во осмиот ден и како што е најавено, ќе трае се додека не се распише нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) или додека РТС не „згасне“.

Студентите во блокада и граѓаните кои ги поддржуваат и утрово се пред зградите на РТС во центарот на Белград, на улицата Таковска и на Кошутњак.

Jавниот медиумски сервис сe уште не емитува редовна програма. Утринскиот дневник повторно беше реализиран како серија снимени прилози, без спикер во студио, а содржеше и избрани снимки од други телевизиски станици.

Претседателот на Српската напредна партија и поранешен премиер, Милош Вучевиќ, рече дека повеќедневната блокада на РТС претставува насилство и посочи дека мора да се покрене кривична постапка против секој што може да се идентификува, за да се покаже дека постои владеење на правото.

Коментирајќи ги студентските блокади на РТС, Вучевиќ изјави дека оние кои учествуваат во тоа мора да добијат кривична пријава.

„Ова што се случува околу РТС е насилство. Обвинителството и полицијата мора да поведат кривична постапка против секој што може да го идентификуваат. Мора да добијат кривична пријава“, рече Вучевиќ и додаде дека е загрозена државата, а не само РТС.

„Парадокс е што РТС беше наклонет кон оние кои блокираат. Нивниот број опаѓа, но има луѓе кои ја радикализираат ситуацијата. Според мене, вистинскиот одговор е кривично-правна одговорност за секој што го прави ова“.



Министерот за евроинтеграции во Владата на Србија, Немања Старовиќ изјави дека блокирањето на РТС е апсолутно неприфатливо и такво нешто би било незамисливо во ниту една европска земја - да се врши притисок врз повеќе од 1000 вработени и новинари и технички лица и да им се ускратат основните човекови и економски права. Тој додаде дека загрижувачки се реакциите на професионалните новинарски здруженија во овој случај.

„Загрижувачки се млаките реакции од професионалните здруженија, зборувам за Здружението на новинари на Србија и за независното здружение на новинари на Србија, а благите реакции што доаѓаат од самата Европска комисија се многу разочарувачки. Се знае како се спроведуваат протести, а тоа не е блокирање на луѓето и создавање нешто што, за жал, не потсетува на заложничка криза во која се наоѓаат работниците на РТС“, посочи Старовиќ.

Студентите во блокада од Филозофскиот факултет одговорија дека не спорат дека на работниците на РТС им се ускратени основните човекови права, но не поради блокадата.

„На Старовиќ му укажуваме на следново: не се ускратуваат со блокирање на зградите на јавниот медиумски сервис, туку со ускратување на елементарното право на достоинствена работа што со децении им е ускратено на работниците во оваа компанија“, наведуваат студентите во објавата на социјалната мрежа X.

Тие додаваат дека со негирање на можноста за критичко размислување и постапување, бројни малверзации, заплашување и изложување на големи притисоци на вработените во јавниот медиумски сервис, се крши тоа основно човеково право.

Вработени во Радио телевизијата на Србија (РТС) собрани околу неформалната организација „Наш протест“ соопштија дека ги загрижува фактот што никој од раководството на јавниот сервис официјално не им се обратил од почетокот на блокадата на медиумот. Тие бараат утврдување одговорност за навреда кон студентите во програмата и оставка од одговорните за тоа.



Вработените во РТС во соопштението потенцираат дека немаат никакви упатства како да го остварат своето право на работа во оваа кризна состојба.

„Зошто менаџментот дискриминира со тоа што само мал дел од вработените ги кани на работа, а другиот поголем дел се игнорира? Зошто ни се ускратува правото на работа? прашаа од „Наш пРоТеСт“ во соопштение.

Тие го повикаа раководството итно да ги контактира со јасни упатства.

Студентите во блокада ги блокираат влезовите на РТС во центарот на Белград и на Кошутњак од минатиот понеделник.

Новиот српски министер за информации Борис Братина во својата велигденска честитка ги повика надлежните органи да ја деблокираат РТС, бидејќи нејзиниот „пад“ е исто како и државен удар.

„Пад на РТС под притисок на блокаторите би имал значење на „државен удар“, односно пад на општествениот поредок“, се нагласува во соопштението потпишано од новиот министер за информации Борис Братина.

РТС, поднесе кривична пријава во петокот до Првото основно јавно обвинителство во Белград против непознати лица кои се претставуваат како студенти во блокадата, кои од 14 април блокираат објекти на медиумот во главниот град на Србија.

И српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот нагласи дека државата ќе има сила да го заштити уставниот поредок.

Новинари, сниматели, уредници и продуценти со големи напори реализираат телевизиски програми и покрај незаконската блокада на зградата, студијата, техниката и прогонот на новинарите и снимателите на терен“, соопшти РТС на својата веб-страница.

XS
SM
MD
LG