Вести
Советот на ЕУ одобри нови 4,2 милијарди евра помош за Украина
Советот на ЕУ на 9 декември одобри исплата на втората транша финансиска помош во рамките на Украинскиот механизам, во износ од над 4,2 милијарди евра во форма на грантови и заеми, наменети за поддршка на макрофинансиската стабилност на Украина и за функционирањето на нејзината јавна администрација.
Со усвоената одлука, Советот заклучи дека Украина ги исполнила неопходните услови и реформи предвидени во Планот за Украина за да може да добие нова транша средства од Украинскиот механизам. Советот, исто така, ја нагласи важноста од што побрза исплата на овие средства, со оглед на тешката фискална ситуација во Украина.
Планот за Украина вклучува мерки насочени кон закрепнување, реконструкција и модернизација на земјата, како и реформи што таа планира да ги преземе во следните четири години како дел од процесот на пристапување кон ЕУ.
Со Планот за Украина, одобрен од страна на Советот на ЕУ во мај годинава, се предвидува Унијата преку Украинскиот механизам да и додели на Украина финансиска поддршка во износ до 50 милијарди за периодот од 2024 до 2027 година.
Од оваа сума, 32 милијарди евра се предвидени за поддршка на реформите и инвестиции, чија исплата ќе зависи од исполнување на предуслови поврзани со функционирањето на демократските институции, владеењето на правото и реформските процеси, пред се во борбата против корупцијата и перењето пари, измените на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, подобрување на деловното опкружување, во енергетиката и зелената транзиција и во заштитата на животната средина.
Досега во рамките на овој Механизам, ЕУ на Украина и исплати околу шест милијарди евра, од кои 1,89 милијарди евра како предфинансирање и транша од речиси 4,2 милијарди евра – 1,5 милијарди евра грантови и над 2,6 милијарди евра заеми.
види ги сите денешни вести
Зеленски: Русија распоредува се повеќе севернокорејски војници во Курск
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 14 декември изјави дека Москва почнала да вклучува повеќе севернокорејски трупи во нејзините напори да ги истера украинските сили од рускиот регион Курск.
„Денес веќе има прелиминарни податоци дека Русите почнале да користат војници од Северна Кореја во нападите - забележлива бројка“, рече Зеленски.
„Русите ги вклучуваат во консолидирани единици и ги користат во операциите во регионот Курск, засега е само таму.
Коментарите на Зеленски дојдоа откако Главната управа за разузнавање на украинската војска (ХУР) издаде соопштение во кое се вели дека севернокорејските трупи веројатно ќе почнат да ги напаѓаат украинските воени позиции во регионот Курск во блиска иднина.
ХУР рече дека е „веројатно“ Русија наскоро да ги вклучи севернокорејските војници во директни напади, истакнувајќи дека во последните денови војниците „добиле дополнителни резерви на храна“.
Севернокорејските единици на 13 декември беа ставени во состојба на готовност и им беше наредено да чекаат дополнителни инструкции, соопшти ХУР.
Некои од војниците се тајно префрлени на линијата на фронтот со цивилни камиони кои однадвор личат на возила за испорака на вода, се вели во соопштението.
Не беше можно да се потврди информацијата, а руското Министерство за одбрана не ја коментираше.
Украинските трупи го започнаа својот упад во областа Курск во август и сè уште контролираат некои области. Русија почна да распоредува илјадници севернокорејски војници во регионот во октомври.
Генералштабот на украинската војска на 14 декември соопшти дека од почетокот на денот се случиле 45 судири во областа Курск, а 26 од нив се уште се во тек.
„Покрај тоа, непријателот изврши седум воздушни напади, фрли 10 наведувани бомби и изврши 212 артилериски напади врз руските населби и позициите на нашите бранители“, се вели во дневниот резиме на Генералштабот.
Во резимето се додава дека најтензичните ситуации на бојното поле се случуваат во областите во близина на Покровск, Курахивск и Вримивск.
Руската војска ја „подобри тактичката позиција“ во правецот Покровск, соопшти прес-службата на воениот округ Хортица.
Руските сили исто така се обиделе да ја подобрат својата тактичка позиција во областа Блаходатне, но не биле успешни, претрпеле загуби и се повлекле.
Украинските сили извршија свои напади врз објектите што ја снабдуваат руската армија со нафтени деривати, соопшти Генералштабот.
Нападот на руското складиште за нафта во Орел во текот на ноќта на 13 декември предизвика „моќен пожар“, се вели во соопштението на Генералштабот, во кое складиштето е опишано како еден од најголемите нафтени терминали во предградијата на Орел.
Локалните власти и руските државни медиуми не ги коментираа извештаите.
Руската област Орел се граничи со регионите Курск и Брјанск.
Во пограничниот регион Белгород, украински беспилотни летала убиле деветгодишно момче и запалиле голем нафтен терминал таму, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграма.
Момчето загинало кога дрон удрил во домот на неговото семејство надвор од Белгород, рече Гладков, додавајќи дека неговата мајка и 7-месечната сестра се хоспитализирани.
Тој објави фотографии од, како што рече, последиците од нападот, прикажувајќи куќа со отворени дупки на покривот и предниот ѕид опкружена со насипи урнатини.
Гувернерот на Орел, Андреј Кличков, на Телеграм потврди дека напад на украинско беспилотно летало запалил складиште за гориво. Тој подоцна изјави дека пожарот е локализиран и дека нема жртви.
Пријави за пет големи компании за можни злоупотреби со К-15
Пристигнаа пријави за злоупотреба на исплатата на К-15 или регресот за годишен одмор во реалниот сектор, само во текот на вчерашниот ден до „Гласен Текстилец“ пристигнале пријави од пет големи компании во земјава, кои вработуваат над 2.000 работници, изјави денеска Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“.
Таа истакна дека пристигнуваат првите пријави за принудно потпишување бланко листови од страна на работодавачите, кои пријавуваат дека работат со загуба. Ампева вели дека на тој начин овие работодавачи сакаат да го заобиколат законот и да исплатат К 15 во износ од 2.000, 1.000, 500, а и 100 денари.
„Во самиот Закон за работни односи, не во колективните договори да си стои, сумата 40% од просечна плата, меѓутоа не смее да се наведе износот кој не смее да биде под таа сума. Тоа е единствен начин да се запрат злоупотребите на грбот на работниците, а од страна на синдикатите. Овде не можам да ги обвинам Организација на работодавачи, бидејќи тие си го бранат сопствениот капитал, вели Ампева.
Таа смета дека казните се минимални за работодавачите, единствено што може државата да направи е Управата за јавна приходи да направи контрола во компаниите кои пријавиле загуба, за да исплатат помала сума на регрес за годишен одмор.
„Казните во време на претходната власт на работодавачите им дадоа ветер во грб за да ги кршат законите. Ете тоа е Законот за прекршоци, затоа да не ги гледаме казните, туку да ја натераме УЈП, за оние кои пријавиле загуба и оние фирми кои исплатиле сума пониска од 16.800да проверат за какви загуби се работи. Дали се работи дека некој газда си купил ново порше, нова вила, стан, треба да се провери тој момент. Вообичаено тие сега пријавуваат загуба, со тоа што ќе го обноват нивниот личен возен парк, вели Ампева.
Во реалниот сектор работниците треба да добијат К 15 во износ од 16.800, а вработените во администрација 11.000 денари. Исплатата на К-15 е до крајот на годината.
Украинските сили соборија 58 руски беспилотни летала
Одбранбените сили на Украина соборија 58 руски беспилотни летала во текот на претходната ноќ и во саботата наутро, соопштија вооружените сили на Украина.
Ноќта на 14 декември Русите ја нападнаа Украина со беспилотни летала од типот Шахед и беспилотни летала од други типови од регионите Курск, Приморски-Ахтарск, Ориол, Брјанск и Милерово, објави Укринформ, повикувајќи се на соопштението на Вооружените сили на Украина на Телеграма.
Додаваат дека во нападите биле користени вкупно 132 дронови.
Во соопштението се наведува и дека воздушниот напад бил одбиен од противвоздушни единици, авијација, единици за електронско војување, мобилни противпожарни групи на воздухопловните и одбранбените сили на Украина.
До 9 часот утринава беа соборени 58 нападни и други беспилотни летала од типот Шахед во областите на Чернигов, Суми, Киев, Полтава, Черкаси, Виница, Одеса, Миколив, Харков, Дњепропетровск и Кировоград.
Поради акциите на одбранбените сили, 72 руски беспилотни летала не стигнале до целите и се изгубиле на локацијата, додека два се вратиле во Русија.
Одбранбените сили на Украина објавија дека рано на 14 декември откриле и неутрализирале десетина руски беспилотни летала кои биле насочени кон Киев.
„Новогодишна кошничка“ за пониски цени од утре
Од утре треба да почнат да важат цените од таканаречената „Новогодишна кошничка“ во која производите би требало да се со пониски цени од минимум 10 проценти.
Бројката на производи кои влегуваат во „Новогодишната кошничка“ се очекува да достигне до 1000, опфатени се околу 80 компании, но во неа не влегуваат маслото шеќерот, кафето и какаото за да не им се направеле големи штети на компаниите.
„Овие производи не ги ставивме во мерката зашто не сакавме да им наштетиме на компаниите кои зависат од домашниот пазар, но и од цените на суровините на светските берзи, кои во моментов се многу зголемени. Но, има и одговорни компании кои и на овие изземени производи дадоа одредени попусти, нагласува заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Тој ги повика граѓаните и синдикатите и тие со инспекторатот да вршат своевиден мониторинг на цените на производите и да ја пријават секоја неправилност.
„Ги повикувам граѓаните, синдикатите заедно со пазарниот инспекторат кој ќе биде постојано на терен, да следат и да се уверат дека производите во кошничката се намалени најмалку 10 проценти од најниската цена од претходниот месец пред да започне акцијата. Така што, не верувам дека има некои изигрувања, зашто компаниите и маркетите ја понудија оваа акција и не верувам дека самите ќе ја изиграат.
Во новогодината кошничка се опфатени месо и месни производи, млеко и млечни производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци, риба, пекарски прооизводи, тестенини, кондиторски производи, овошје, зеленчук. Овие производи опфатени со мерката ќе се продаваат на преку 300 пунктови во сите градови во земјава.
Мерката ќе трае од 15 декември до 15 јануари.
Од друга страна најновите податоци од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) откриваат дека минималната синдикална кошница за ноември била зголемена за 772 денари во споредба со октомври 2024 година.
Поскапувања има на некои од производите што граѓаните секојдневно ги конзумираат:
• Доматите поскапеле за 40 денари,
• Краставиците за 20 денари,
• Оризот за 21 денар,
• Кравјото сирење за 16 денари,
• Јајцата за 10 денари.
Некои производи се намалени: овчото сирење за 46 денари, килограм портокали -35 денари, јаболката 10, спанаќот 18, а марулата за 6 денари помалку.
Со воведувањето на нови мерки, како празничните кошници, ќе биде на Владата да обезбеди краткорочно олеснување, но вистинскиот ефект повторно ќе зависи од доследноста во нивната примена и одговорноста на трговците.
Муцунски го обвини Фрчковски за злоупотреба на буџетот
Македонското министерство за надворешни работи и трговија има сериозни индиции за поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски за злоупотреба на јавни буџетски средства.
Ова денеска го истакна министрот Тимчо Муцунски, кој меѓу другото рече дека индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра.
„Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Спроведена е внатрешна постапка во МНР, информациите кои стигнаа до мене се навистина многу загрижувачки. Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а понатаму ќе имаме обврска, да ги информираме релевантни институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Љубомир Фрчкоски писмено поднесе оставка до претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова во август 2024 година. Тој кој по две години вршење на функцијата амбасор во ОН, на почетокот на јули бил повикан на консултации од страна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, поради наводи за финансиски нерегуларности во работењето.
Тогаш до јавноста објави сметки за уплата на средства од сукцесијата на објектот во буџетот на државата, но и обвини дека вработените во Мисијата во ОН била оставени без средства за здравствено осигурување од страна на МНР, тврдејќи дека неговото повикување на консултации е всушност поради тоа што не е „погоден“ на идеологијата на новите власти.
Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во МНР, Муцунски денес напомена дека вакви ситауции не смеат да се повторуваат и најави максимално почитување на Законот за надворешни работи.
Што се однесува до најавата на кое било лице дека ќе поднесе тужба против МНР или некој друг, тоа е, истакна Муцунски, негово право.
„Јас тука ништо не можам да спорам, но сум убеден дека откако МНР е раководено од моја страна внимаваме секогаш максимално да се почитуваат законите и процедурите, што, за жал, морам да констатирам, не било пракса додека ова Министерство било раководено од мојот претходник. Најеклатантен пример е последното отповикување на генералниот конзул во Њу Џерси каде лицето било именувано на таа позиција спротивно од одредбите на Законот. Таква пракса не смееме да дозволиме, треба да бидеме репер за почитување на законите, рече министерот.
Муцунски подвлече дека некои дипломати редовно се отповикуваат, зашто им е истечен мандатот, но има и други случаи, како оние со Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди.
Тој најави дека во најскор можен период ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции, а во 2025 година, целта е да бидат пополнети и сите ДКП-а.
Израел со десетици напади во Сирија
Израелски воени авиони извршија околу 40 воздушни напади во текот на ноќта, насочени кон поранешни сириски воени позиции во околината на Дамаск, според мониторинг групата.
Сириската опсерваторија за човекови права, воен мониторинг со седиште во Велика Британија, на 14 декември соопшти дека израелската армија уништила неколку цели, вклучително и истражувачки центар северно од Дамаск.
Откако сирискиот претседател Башар ал Асад беше соборен од власт, израелските воздухопловни сили често вршат големи воздушни напади врз воени објекти во Сирија.
Во 28 воздушни напади, погоден е источниот регион Каламун, околу 90 километри северно од главниот град Дамаск. Израелските воени авиони целеа и уништија складиште за оружје, воен аеродром и подземни тунели, додаде набљудувачката група.
Победата на бунтовниците, предводени од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која ја презеде контролата врз Дамаск минатиот викенд, стави крај на повеќе од 53 години владеење на семејството Ал Асад.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја прогласија ХТС за терористичка група Министрите за надворешни работи на Арапите се состануваат со меѓународни претставници во сабота во Јордан за да разговараат за иднината на Сирија - без присуство на Сиријци.
Јорданското Министерство за надворешни работи соопшти дека целта на средбата била да се истражат начини за поддршка на земјата за време на преодната фаза по падот на долгогодишниот лидер Башар ал Асад.
Целта на разговорите е да се гарантира инклузивен политички процес предводен од Сирија, кој ги вклучува сите групи во скршената земја.
Според јордански извори, на состанокот ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на Јордан, Саудиска Арабија, Ирак, Либан, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Катар.
Арапските претставници треба да се сретнат со шефовите на дипломатиите на Турција и САД, Хакан Фидан и Антони Блинкен во градот Акаба.
Учествува и претставникот на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, како и специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен.
Русија го блокираше користењето на апликацијата Вибер
Руските власти ги блокираа услугите на Вибер бидејќи операторот наводно го прекршува законот, соопшти во петокот рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор.
Регулаторот рече дека апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Ракутен, се користела за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.
Обвинителите го истражуваа Вибер за ширење „информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија“, објави државната новинска агенција ТАС.
Вибер не го коментираше тоа.
Од 2018 година, операторите на комуникациските платформи во Русија мора да ги складираат приватните податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видео и да ги достават до разузнавачките служби на барање.
Руските власти дополнително ја зајакнаа цензурата во земјата од почетокот на војната против Украина.
Вибер беше казнет минатата година за наводно дискредитирање на руските вооружени сили со тоа што не ги избришал информациите за војната како што наредил Владимир Путин.
Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за пораки и социјални мрежи. Linkedin, Facebook, Instagram и Signal не можат да се користат во Русија без ВПН (виртуелна приватна мрежа).
Самит ЕУ-Западен Балкан на 18 декември во Брисел
Самитот Европска Унија – Западен Балкан ќе биде уште една можност да се потврди дека иднината на земјите од регионот е во европското семејство.
На 18 декември на редовниот годишен самит ќе се сретнат лидерите на земјите членки на Европската унија (ЕУ) и лидерите на земјите од регионот. Ова ќе биде прв самит со кој ќе претседава Антонио Коста, новоизбраниот претседател на Европскиот совет.
Шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја усвојат декларацијата на крајот на самитот, а од регионалните лидери се очекува да се усогласат со неа. Меѓу другото, ќе се констатира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
„Има нова динамика во процесот на проширување. Забрзувањето на процесот на пристапување, врз основа на правична и ригорозна условеност и принципот на сопствените заслуги, е во наш заеднички интерес“, се вели меѓу другото во нацртот на завршната декларација дека лидерите ќе усвојат на крајот од самитот што ќе се одржи на 18 декември.
Решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и реафирмираната посветеност на приматот на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото, ќе бидат добредојдени. Владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми и силната улога на граѓанското општество, ќе бидат пренесени преку овој документ, се клучни за обезбедување на функционална демократија.
„Во оваа смисла, дејствијата ќе зборуваат погласно од зборовите бидејќи партнерите ја преземаат одговорноста и ги спроведуваат неопходните реформи, особено во областа на фундаменталните работи“, се вели во нацртот до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) има пристап.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе отпатува на самитот и како што самиот рече денеска пораките за него не се многу јасни во однос на Северна Македонија.
„Пораките од Брисел не се многу јасни, но нашата порака е јасна дека ние доволно направивме како тоа што не го стори ни една друга држава во ЕУ и сега гледате како една на друга земја по принципот на Бугарија, а во минатото и на Грција си ставаат вето. Сега прашањето е дали ако еднаш направите преседан, по тоа тој преседан станува пракса. Гледаме дека тоа таму станува пракса, рече Мицкоски.
Според Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски за ЕУ мора да ги земе пред вид геополитичките движења во регионот.
„Мора да се исцрта јасен пат за нашите преговори, што се очекува а што треба да направиме за да имаме предвидлив и извесен пат. Ова нема да е лесно за нас и за ЕУ но мора да е најдобро за нас и за кредибилитетот за ЕУ земајќи ги пред вид геополитичките движења во регионот, рече Муцунски.
Сите земји од Западен Балкан ќе бидат повикани да „остварат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, вклучувајќи санкции, нивно спроведување и спречување на заобиколување. Лидерите на ЕУ ќе ги пофалат оние земји кои веќе го прават тоа.
Регионалната соработка ќе зазема важен дел од заедничката декларација, каде што ќе се подвлече дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.
Специјална покана ќе биде испратена до Белград и Приштина, без одлагање да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите, вклучително и Договорот за патот кон нормализација.
Покрај политичкиот аспект, финалната декларација ќе има и конкретни иницијативи кои ќе им помогнат на земјите од регионот постепено да се интегрираат во многу области на ЕУ.
Се споменува Планот за раст вреден шест милијарди евра. ЕУ ќе изрази подготвеност да ја разгледа понатамошната економска и комерцијална интеграција на земјите од регионот.
Меѓу документите што ќе бидат усвоени се споменува и интеграцијата во Европската транспортна унија. Се споменува и поставување зелени линии преку граничните премини со цел да се забрза движењето на стоката.
ЕУ го поддржува и учеството на земјите од балканскиот регион во „зелената агенда“, чија цел е зачувување на животната средина и борба против глобалното затоплување.
Го поддржува и вклучувањето на земјите од регионот во дигиталната агенда на ЕУ и „Заедничкиот дигитален пазар“.
Грузијците протестираат против екстремно десничарски претседател
Областите во близина на парламентот на Грузија беа блокирани, а сообраќајот беше запрен додека опозициските демонстранти се собраа на големи протести против очекуваното назначување на екстремно десничарски претседател.
Протестот на 14 декември, со присуство на бројни полициски сили, доаѓа во време кога избирачкиот колеџ во кој доминира владејачката партија Грузиски сон треба да го назначи Михаил Кавелашвили, 53-годишен поранешен фудбалер и десничарски популист, за претседател на Грузија.
Демонстрациите се продолжение на тековните протести поради парламентарните избори, за кои актуелниот претседател на земјата и опозицијата велат дека се наместени.
Кавелашвили, единствениот кандидат за главно церемонијалната функција, се очекува да биде избран преку индиректно гласање во парламентот. 53-годишниот Кавелашвили е познат по неговите жестоки критики против Западот и неговото противење на правата на ЛГБТК.
Кавелашвили ќе ја замени претседателот Саломе Зурабишвили, која застана на страната на проевропските демонстранти кои повеќе од две недели секојдневно излегуваат на улиците низ целата земја на големи демонстрации.
Зурабишвили, која беше трн во око на владејачката партија и го критикуваше Грузиски сон за нејзиниот поавторитарен став, рече дека ќе одбие да се повлече откако нејзиниот наследник ќе биде инаугуриран на 29 декември.
„Она што ќе се случи утре во парламентот е травестија - тоа ќе биде настан целосно лишен од легитимитет, противуставен и нелегитимен“, рече Зурабишвили на прес-конференција на 13 декември.
Таа претходно изјави дека изборите се манипулирани со помош на Русија.
„Ние сме сведоци и жртви на руската специјална операција, модерна форма на хибридна војна против грузискиот народ“, рече 72-годишната жена по парламентарните избори во октомври.
Во меѓувреме, претставниците на опозицијата во кавкаската земја одбија да ги признаат резултатите од парламентарните избори, тврдејќи дека Грузискиот сон го наместил гласањето за да остане на власт и дека го бојкотираат парламентот.
Политичката криза избувна откако Грузискиот сон победи на изборите и се засили по минатомесечната одлука за одложување на преговорите за пристапување на Грузија во Европската унија.
Властите реагираа насилно на големите протести, апсејќи стотици луѓе во последните две недели. На 13 декември се одржа уште еден митинг во Тбилиси, а на 14 декември се очекуваат нови немири.
Рано на 14 декември, демонстрантите се собраа во близина на Филхармонијата и почнаа да маршираат кон зградата на парламентот на помалку од 2 километри.
Сообраќајот на централната авенија Руставели, која ги поврзува двете локации, е прекинат, а полицијата е мобилизирана во близина на зградата на Собранието и блискиот Плоштад Слобода.
Кога избирачкиот колегиум почна индиректно гласање во зградата на парламентот, Зурабишвили накратко се појави на авенијата Руставели, но таа на насобраните новинари само им рече дека „сè кажав, сега одам на работа“.
Насобраните демонстранти скандираа „Салома! и ги покажаа своите дипломи согласно поканите „Покажи му ја дипломата на Кавелашвили“. Кавелашвили, наводно, нема високо образование.
Новинарите на РСЕ јавуваат дека се поставени нови бариери за контрола на толпата пред зградата на парламентот и се проширија до авенијата Руставели.
Насилството врз опозицијата и новинарите го осудија САД и Европската унија.
На 12 декември, американскиот Стејт департмент воведе нови визни ограничувања за грузиските службеници поради „поткопување на демократијата“ во Грузија.
Овој потег ќе влијае на околу 20 лица кои работат на владини позиции, се вели во соопштението, без именување.
„Ние сме посветени да обезбедиме високи функционери одговорни или соучесници во поткопувањето на демократијата да бидат предмет на визни ограничувања“, се вели во соопштението.
Во американското соопштение се повторува дека Вашингтон „силно го осудува тековното, брутално и неоправдано насилство на партијата Грузиски сон врз грузиските граѓани, вклучително и демонстранти, членови на медиумите, активисти за човекови права и опозициски фигури“.
На 12 декември, претседателот Емануел Макрон ја повтори поддршката на Франција за аспирациите за членство на Грузија во ЕУ и изрази солидарност со демонстрантите.
„Би сакал да ја повторам нашата целосна поддршка за европскиот пат на Грузија и за бранителите на демократијата“, рече Макрон на брифинг со новинарите со полскиот премиер Доналд Туск во Варшава.
Тој, исто така, ја изрази својата загриженост за „репресијата врз младите, вознемирувачките изјави на шефот на владата и, во основа, предавството на европскиот пат толку брзо по изборите“.
На власт од 2012 година, Грузискиот сон беше основан од милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, пријател на Русија. Претходно оваа година, Грузискиот сон го протурка таканаречениот закон за странски агенти, моделиран по сличен руски закон што го користеше Кремљ за да ја задуши политичката опозиција и да ги потисне критичарите.
Вучиќ ќе разговара со САД и Русија за санкциите за нафта
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се уште не го видел официјалниот документ со кој Соединетите Американски Држави (САД) воведуваат санкции за нафтената индустрија на Србија (НИС), но дека има „некаква официјална потврда“ дека одлуката ќе стапи на сила на 1 јануари поради руската сопственост.
„Имаме некаква официјална потврда, но мораме да го видиме докумнтот. Документите уште не сме ги виделе. Кога ќе го видиме документот, прво разговараме со Американците, па потоа одиме да разговараме со Русите“, вели Вучиќ. изјави за РТС на 14 декември.
Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Газпром Нефт и нејзината чадор компанија Газпром.
Вучиќ додаде дека не е подготвен „во овој момент да разговара за потенцијалните санкции против Москва“.
Претседателот на Србија ден претходно најави дека САД за неколку дена ќе воведат санкции кон НИС поради руската сопственост во поранешното државно претпријатие, а на санкциите ќе им се придружат и Британците.
Можноста за воведување санкции кон НИС не ја потврдија САД и Велика Британија.
Според податоците на Централниот регистар на хартии од вредност, Гаспром нефт и Гаспром имаат 56,15 отсто сопственост во поранешниот државен гигант, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.
„Газпром нефт“ беше на црната листа на Европската унија и САД во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Белград одбива да се приклучи на западните санкции против Москва и продолжува да одржува врски со официјални лица во Кремљ.
Србија е доминантно зависна од Русија во енергетскиот сектор, но презеде мерки за диверзификација на патиштата за снабдување и добавувачите.
Последниот договор за испорака на гас, што го договорија Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин во екот на инвазијата на Украина во мај 2022 година, истекува во март 2025 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете