Вести
Цената на струјата за домаќинствата нема да се зголеми повеќе од еден отсто
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, не очекува просечната цена на струјата за домаќинствата да се зголеми за повеќе од еден процент, почнувајќи од 1 јануари идната година.
Ваквата проценка ја темели на цените кои РКЕ ги одреди за мрежарината, за преносот и за дистрибуцијата на елктричната енергија, како и врз основа на понудената цена од страна на ЕСМ до универзалниот снабдувач ЕВН хоум која изнесува 62 евра за мегават час.
Колкаво ќе биде точно зголемувањето на цената на електричната енергија, како и цената по одделни блокови на потрошувачи, ќе биде познато деновиве откако пресметките ќе ги направи ЕВН хоум кој како универзален снабдувач е надлежен за тоа и потоа таквите цени ќе ги достави до РКЕ на контрола и на конечно одобрување. Цените ќе се однесуваат на регулираниот пазар на електрична енергија преку кој се снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи.
„ Имајќи во предвид дека веќе ја знаеме и цената која што ја пријави и ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач, која што изнесува 62 евра за мегават час, јас не очекувам покачувањето на електричната енергија на просечната цена за домаќинствата да биде поголемо од еден процент“, рече Бислимоски на денешната прес конференција и додаде:
„Делот којшто е најбитен и се однесува на домаќинствата и на најголем дел од малите потрошувачи, односно мрежарината, вклучувајќи го преносот и дистрибуцијата, таму имаме намалување за седум проценти“, рече Бислимоски.
Процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.
Во врска со дневната евтина тарифа Бислимоски појасни дека анализите покажале дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот како и на нашата берза се најниски во периодот од 12 до 16 часот а највисоки од 20 до 24 часот.
„Имајќи во предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа се одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е, па потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Инаку во однос на дневна евтина тарифа Македонија е единствена држава во регионот која има евтина тарифа во текот на денот“, изјави Бислимоски.
види ги сите денешни вести
Шефицата на косовската дипломатија: Србија стои зад нападот на каналот Ибар-Лепенец
Косовската министерка за надворешни работи, Доника Гервала, ги повтори обвинувањата дека Србија стои зад експлозијата што се случи на 29 ноември, кога беше оштетена критичната инфраструктура на Косово - каналот Ибар-Лепенец.
„Србија ги копира руските стратегии и ги користи ставајќи ги во регионален контекст. Ова не е етничка тензија и не е спор меѓу Косово и Србија. Она што се случува пред нашите очи, и тоа со години, се зголемена ескалација и тензија и тоа е тест за она што Западот е подготвен да го прифати“, изјави таа.
Гервала зборуваше пред европратениците во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, каде што се одржа вонредна расправа за ситуацијата во Косово по настаните од изминатиот викенд.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер изрази солидарност со граѓаните на Косово.
„Ние сме многу загрижени и тажни поради овој опасен дестабилизирачки напад на Косово. Ние сме солидарни со сите погодени од нападот. Ги осудуваме овие криминални дела кои мора да бидат истражени, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Мекалистер.
Повеќето пратеници кои зборуваа за време на расправата истакнаа дека мора да има последици доколку навистина се потврди дека Белград стои зад нападот, како што тврдат претставници на Приштина.
Тие посочија дека е неопходна адекватна истрага за да се утврди кој точно стои зад настанот.
Во експлозијата на каналот во селото Вараге кај општина Зубин Поток немаше жртви, но таа создаде голема пукнатина на страничниот ѕид поради што водата се излеа од каналот, Тоа придонесе некои делови од земјата да се соочуваат со недостиг на вода.
Од хидросистемот Ибар-Лепенац, со вода се снабдува целиот север на Косово, регионите на Митровица, како и Приштина и нејзината околина, вклучително и Косовската енергетска корпорација за ладење на нејзините термоелектрани.
Европската унија оцени дека станува збор за „терористички напад“ и „акт на саботажа“.
ДКСК препушти Сиљановска Давкова да одлучува за претставка за директорката на Агенцијата за разузнавање
До Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) била поднесена претставката против актуелната директорка на Агенцијата за разузнавање (АР), Габриела Јаковлева, бидејќи, како што се тврди во неа, не биле доставувани извештаи за работата до повеќе тела во државата. Меѓутоа, со образложение дека оваа Агенција е под надлежност на шефот на државата, Антикорупциска ќе ја препрати претставката кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова, одлуки комисијата на седница на 2 декември.
Агенцијата за разузнавање, согласно закон, за работите од своја надлежност треба да известува повеќе државни органи – претседателот на Собранието, Владата, премиерот, како и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница и други органи во зависност од предметот за кој работи.
Во претставката што е поднесена против директорката е наведено дека таа досега не доставила информации за работењето до Собранието.
„ДКСК не може да навлезе во надлежноста дали комуникацијата и размената на податоците помеѓу наведената Агенција и другите органи тече согласно потребите од причина што надлежен орган за законско постапување на законот за Агенција на разузнавање е претседателот на државата. ДКСК нема надлежност да навлегува дали комуникацијата согласно закон помеѓу наведените институции тече согласно потребите и динамиката која ја определува самата Агенција. За размена на нивните информации дали се во време и на место согласно закон, проценува претседателот на државата“, рече членот на ДКСК, Цвета Ристовска.
Претседателката Сиљановска Давкова ја назначи Јаковлева за директорка на АР на 28 јуни.
Антикорупционерите на денешната седница споменаа уште еден предмет кога е во прашање Агенцијата за разузнавање. Станува збор за претставка против вработен кој наводно за време на парламентарните избори имал објавено фотографии од партиски штаб на Фејсбук. ДКСК посочи дека овој предмет го препуштила на внатрешната контрола на АР за да се види дали наводите се точни или не.
Антикорупциската комисија претходно добија и други пријави за безбедносниот сектор, по што беше оформен предмет за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, поради сомнежи за сертификатот по англиски јазик добиен од Бугарија.
Но, за овој случај од ДКСК сè уште прибираат информации.
„Во однос на случајот за којшто прашувате, доставени се неколку пријави до ДКСК. Од страна на ДКСК поднесени се барања за прибирање на потребна документација за утврдување на фактичката состојба, за што сè уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК“, одговорија од Антикорупциска на новинарско прашање по денешната седница.
Предметот за Христовски беше отворен на 22 октомври по анонимна пријава дека тој не ги исполнува условите за директор.
Тој беше именуван на функцијата на 16 октомври откако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го разреши поранешниот директор Зарко Милошевски.
Баербок ја предупреди Кина дека поддршката за Русија ќе влијае на односот со Германија
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на 2 декември го предупредила нејзиниот кинески колега дека поддршката на Пекинг за Русија ќе влијае на односите и врските помеѓу Германија и Кина, соопштија од нејзиниот кабинет.
Шефицата на германската дипломатијата се сретна со нејзиниот колега Ванг Ји во Пекинг во период кога Берлин се обидува да изгради подобри врски со Кина додека се занимава со клучните разлики меѓу двете држави.
Според соопштението од германското Министерство за надворешни работи, Баербок му рекла на Ванг дека „зголемената кинеска поддршка за руската војна против Украина има влијание врз нашите односи“.
„Засегнати се суштинските германски и европски безбедносни интереси“, рекла германската министерка.
Кина се претставува како неутрална страна во војната во Украина и вели дека не испраќа воена помош на ниту една од страните, за разлика од САД и другите западни земји. Но, таа и понатаму е близок политички и економски сојузник на Русија, а членките на НАТО го означија Пекинг како „одлучувачки овозможувач“ на војната којашто Кина никогаш не ја осуди.
Влада: Оставката на Дамева е единствената исправна одлука
Оставката на претседателката на Судскиот совет е единствената можна и исправна одлука по огромните забелешки за нејзината работа, сметаат од Владата откако Весна Дамева денеска (2 декември) на прес-конференција соопшти дека си поднесува неотповиклива оставка од функцијата.
„Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“, велат од Владата.
Претставници на актуелната власт, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски, изминатиот период во повеќе наврати ја критикуваа работата на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Власта планираше и целосно распуштање на овие две тела, на што се спротивстави и дел од стручната јавност и меѓународната заедница.
На 29 ноември Мицкоски, најави „робустна акција против судии и обвинители кои што ја спречуваат правдата“. Тој посочи дека власта има план и дека од понеделник почнува спроведувањето на планот.
Соопштувајќи за оставката, Дамева пак, рече дека одлуката ја донела како последица на обидите да се наруши нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот.
Таа обвини дека власта нема слух за подобрување на состојбите во судството, туку напротив го опструира, и дека политичарите од владејачката гарнитура постојано го критикувале Судскиот совет.
„Она што ми беше најтешко и кое беше клучно за мојата одлука се нарачани текстови кои се споделуваа по одредени портали, и тука беше јасна намерата, се бараше начин да бидам оцрнета, да бидам прикажана како влијаам врз судски постапки во кои е оштетена компанија со која управува на мојот сопруг, и тоа го игнорирав. Никогаш и на ниту на еден начин не сум влијаела, ниту сум се довела во таква ситуација“, вели Дамева.
Таа додаде дека Мицкоски од собраниската говорница изнел наводи дека во Судскиот совет има неколку кланови, дека се правеле фалсификувани записници и дека дел од членовите на Советот не ја извршувале функцијата професионално, па на нивно место требало да дојдат нивни луѓе. Тоа според неа, е поразително.
По повлекувањето од претседателската функција, Дамева ќе продолжи да работи во Судскиот совет како член.
Неколку часа по одлуката на Дамева, попладнето на 2 декември, Судскиот совет одржа итна седница на која ја констатираше оставката.
Дел од дневниот ред беше и избор на нов претседател, но по предлог на членот Исамедин Лимани, оваа точка беше отстранета.
„Двајца членови со право на глас се отсутни, а исто така сме во фаза на избор на двајца нови членови на Советот кои ќе се избираат на 11 декември. Еден член од општата листа од Апелационо подрачје Штип и еден член од посебната листа, така што изборот на претседател мислам дека треба да биде кога Советот ќе биде комплетиран“, посочи Лимани.
Неговиот предлог беше едногласно поддржан од останатите членови.
Обвинителот чие возило беше опожарено очекува брзо откривање на сторители
Џелал Бајрами е обвинителот чие возило е едно од запалените во текот на претходната ноќ во Куманово. За палењето на автомобилот тој самиот се огласи јавно со очекувањето дека сторителите ќе бидат бргу пронајдени.
Очекувам и се надевам дека брзо ќе се најдат сторителот или сторителите на оваа дело. Приватно е возилото, паркирано пред дворот од куќата пред влезната врата. Нема друга штета, возилото е целосно опожарено“, изјави Бајрами за државната агенција МИА.
Обвинителот посочува дека запаленото возило први го забележале соседи кои и пријавиле по што пристигнале екипи од противпожарната единица и од полицијата. Пожарот бил изгаснат бргу, но од возилото не останало ништо.
На местото на настанот излегол и дежурен обвинител и биле земени доказни материјали за расчистување на случајот.
Претходно, од јавното обвинителство соопштија дека извршиле увид на локациите во Куманово во кои биле опожарени вкупно два автомобили и една деловна просторија.
„Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од самото место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор“, информираа од ОЈО.
Во посета на Куманово денеска беше заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени кој оцени дека станува збор за изолирани случаи.
„Констатиравме дека безбедносната состојба е стабилна а овие изолирани случаи дел се целосно расчистени, дел се работи на нивно расчистување и изведување на сите прекршители пред лицето на правдата. Одржувањето на безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните се апсолутен приоритет на полицијата и секој што ќе се обиде на било каков начин тоа да го наруши ќе биде спречен и санкциониран од страна на полицијата и изведен пред лицето на правдата“, напиша Исени на Фејсубк.
Како што јавија повеќе медиуми синоќа (1 декември) во Куманово се случиле неколку пожари. За еден од нив, прв на Фејсбук информираше членот на Советот на Општина Куманово, Фитор Јакупи кој напиша дека му изгорела неговата приватна канцеларија. Од неговата партија ДУИ реагираа дека пожарите се подметнати.
Освен во Челопек, Јаневска најави инспекција и во други училишта за слични настани
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека инспекција ќе има и во други училишта во Северна Македонија за каде Министерството добило пријави и има докази за настани слични како на тој од ОУ „7 Март“ во тетовско Челопек.
На 28 ноември кога албанската заедница го одбележува Денот на знамето, на приредба во училиштето во Челопек ученици беа облечени во воена униформа со амблеми на Ослободителната народна армија (ОНА) односно УЧК и со пушки во рацете.
„Просветниот инспекторат е тргнат во училиштето во Челопек. Дополнително, имавме пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга. Во сите тие училишта за кои имаме докази со слики и со пријави дека се случувал таков немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме кога ќе се вратат инспекторите да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време“, изјави Јаневска за време на посетата на Штип на 2 декември.
Министерката порача дека политиката треба најмалку да ја има во училиштата „во оваа заедничка држава која им припаѓа на сите нејзини граѓани“ и тврди дека постапувањето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е законско.
Опозициската партија ДУИ, пак, претходно обвини дека ваквиот начин на постапување од власта во однос на училиштата е „антиалбанска политика“ и обвинува за „двојни стандарди“ посочувајќи го примерот од пред две години кога деца на приредба во Аеродром биле облечени како Комити и „изведувале воени поздрави“.
„Ја разбирам политиката на ДУИ и дека грчевито се обидуваат да ја поткренат својата позиција во општеството, но начинот е крајно погрешен. Како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но никако преку децата и училиштата и никако со понижување на државните симболи и со воведување милитаризам во училиштата“, одговори денеска министерката.
Во однос на Комитите таа излезе и со коментар дека меѓу нив имало од различни етникуми и тие се „дел од историјата на државата Македонија“ и треба да се изучуваат како тема во наставата додека УЧК и нејзините симболи „за оваа држава не значат ништо“.
За конкретниот случај во Аеродром таа потсети дека воспитувачката од градинката што ја организираше приредбата беше отпуштена од работа и во моментот е во судска постапка.
Инаку, извештајот од просветниот инспекторат во Челопек треба да биде завршен утре. Директорот на инспекторатот, Шабан Алајбегу по надзорот денеска изјави дека записникот сè уште не е составен, но верува дека најдоцна до утре ќе биде готов.
Прославите низ неколку градови низ Северна Македонија по повод Денот на албанското знаме – 28 ноември, кога и се случи настанот во Челопек, предизвикаа неколку инциденти. Во Скопје имаше сквернавење на македонското државно знаме кое беше откачено и искинато, а МВР истата вечер приведе осум лица. Четворица од нив, меѓу кои и еден малолетник, поради сквернавењето на знамето, додека останатите за учество во тепачка.
Потоа, уапсени беа и три лица во Прилеп, кои како одговор на инцидентите во Скопје, го сквернавеа албанското национално знаме.
Вандализам, како што изјави градоначалникот Максим Димитриевски, бил забележан и во Куманово. Таму, следното утро, на 29 ноември, беше откорната таблата пред влезот на Конзулатот на Република Србија за што МВР приведе еден малолетник.
Трамп ги номинираше Пател за директор на ФБИ и Булос за советник за Блискиот Исток
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го номинираше либанско-американскиот бизнисмен Масад Булос за висок советник за арапски и блискоисточни прашања.
Булос, чија номинација Трамп ја објави во неделата, потекнува од православно христијанско семејство од Либан. Тој е свекор на ќерката на Трамп, Тифани.
Булос беше дел од тимот на предизборната кампања на Трамп и работеше на доближување до гласачите од арапско-американските заедници во клучната држава Мичиген, меѓу кои владееше незадоволството од одговорот што администрацијата на Џо Бајден го имаше за израелските офанзиви против милитантите во Појасот Газа и Либан.
На минатомесечните избори Трамп победи во Мичиген, додека претходно во 2020-та ја загуби оваа држава од актуелниот претседател Бајден, потсетува Гласот на Америка.
„Масад го составува договорот и е силен поддржувач на мирот на Блискиот Исток. Тој ќе биде моќен застапник на САД и нивните интереси и задоволен сум што го имам во нашиот тим“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа „Трут“.
Ден претходно, Трамп го номинираше Кашјап „Каш“ Пател да го води Федералното биро за истраги (ФБИ), велејќи дека тој е „брилијантен адвокат, истражувач и борец за ’Америка на прво место‘, кој ја поминал својата кариера разоткривајќи ја корупцијата, бранејќи ја правдата и заштитувајќи го американскиот народ“.
Во првата администрација на Трамп, Пател (44) беше на три позиции во одбраната, разузнавањето и националната безбедност. Тој се препорача себеси како нов извршен директор ветувајќи дека ќе ја исчисти „длабоката држава“ во ФБИ.
Исто така, Пател рече дека ќе започне кампања за одмазда против противниците на Трамп, вклучително и против агенти на ФБИ кои го истражуваа поранешниот и идниот претседател, како и новинари и други лица.
За време на неговиот прв мандат, Трамп го предложи Пател за заменик-директор на ФБИ, но тогашниот секретар за правда Вилијам Бар, сега критичар на Трамп, рече дека назначувањето ќе се случи само „преку него мртов“.
Пател вети дека ќе го затвори седиштето на ФБИ во Вашингтон и ќе испрати многу од агентите низ земјата за да се борат против криминалот, наместо да започнуваат повеќе операции за прибирање разузнавачки информации.
Првата пречка за Трамп во остварувањето на целта Пател да биде директор на ФБИ е тоа што Бирото веќе има директор. Тоа е Кристофер Вреј, кој беше назначен токму од Трамп и чиј 10-годишен мандат трае до 2027 година.
Трамп ќе мора да го отпушти Вреј или тој самиот ќе мора да поднесе оставка.
Директорот на ФБИ се назначува со десетгодишен мандат со цел неговата работа и наредбите за истраги да не подлежат на дневно-политички каприци.
Сепак, Трамп веќе отпушти еден директор на ФБИ, Џејмс Коми, во 2017 година, пред да го назначи Вреј.
Трамп тврди дека ФБИ е „сериозно скршено“ и дека ја „изгубило довербата од Америка“.
Пател се соочува со сослушување во Сенатот и најверојатно ќе се соочи со тешки прашања за тоа како ќе ја води агенцијата и како ќе надгледува повеќе од 10.000 агенти за криминални истраги и уште 25.000 вработени во Бирото.
Ховениер за нападот на каналот Ибар-Лепенец: Сè уште е рано да се знае виновникот
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека Соединетите Држави силно го осудуваат „страшниот напад“ на каналот Ибар-Лепенец во Зубин Поток во петокот, 29 ноември, и дека, иако сè уште е рано да се знае кој е одговорен, во оваа фаза „ниту една група или држава не смее да биде исклучена“.
Ховениер ова го изјави по средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, кој го повика дипломатскиот кор на Косово за да го информира за најновите информации во врска со нападот, кој Косово го смета за терористички и ја обвинува Србија.
Србија, пак, ги негира сите обвинувања и наведува дека води сопствена истрага за овој случај.
„Во моментов, САД не можат да кажат кој стои зад нападот, сè уште е рано да се каже и случаите како овој бараат внимателно спроведени истраги. Она што можам да кажам е дека им понудивме помош на косовските власти. Веруваме дека тоа е многу важно е да се спроведе темелна истрага за да се идентификуваат одговорните“, рече Ховениер.
Амбасадорот додаде дека нападот го загрозил животот на граѓаните на Косово и дека „одговорните мора да одговараат“.
Специјалниот претставник на Европската Унија во Косово, Аиво Орав, изјави дека највисоките функционери на Европската Унија јасно го искажале својот став за овој случај, повикувајќи се на претходното соопштение на ЕУ во кое нападот е оценет како „терористички и чин на саботажа“.
Нападот се случи во селото Вараге во општина Зубин Поток, општина со мнозинско српско население на северот на Косово. Косовската полиција соопшти дека нападот бил извршен со експлозивен материјал тежок до 20 килограми.
Каналот Ибар-Лепенац го снабдува со вода целиот север на Косово, подрачјето на Митровица, Приштина и околината, како и Електростопанство на Косово.
Новинарите на Радио Слободна Европа во понеделник (2 декември) објавија дека вода сè уште истекува од каналот, но дека надлежните работат на решавање на проблемот.
Косовските власти уапсија осум осомничени во врска со нападот и извршија претрес на северот на земјата.
Основниот суд во Приштина во неделата соопшти дека обвинетиот Д.В. изрече мерка притвор од еден месец поради сомнение дека сторил кривично дело загрозување на уставниот поредок со уништување или оштетување јавни објекти и опрема.
Нападот беше остро осуден од Меѓународната заедница.
Верските лидери повикаа на соживот и почитување на државните симболи
Поглаварите на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелистичко-методистичката црква и Еврејската зедница ги повикаа сите македонски граѓани да не потклекнуваат пред обидите за нарушување на соживотот во државата.
Во соопштението упатено по денешната средба во Скопската епархија се наведува дека треба да се продолжи со продлабочување на меѓусебната солидарност и да се запази почитта едни кон други, кон државните симобили на државата и кон симболите на сите етнички заедници во неа.
„Средбата на разнообразни култури, носи можност за благородување на духот на човекот и за зголемување на креативноста на целото општество. Бог ни дал да живееме во една заедничка држава. Затоа ние, поглаварите на МПЦ Охридска Архиепископја, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелистичко методистичката црква и Еврејската зедница ги повкуваме сите македонски граѓани да не потклекнуваат пред некои обиди за нарушување на соживотот, туку сите заедно да продолжиме да ја продлабочуваме меѓусебната солидарност и да ја запазуваме почитта едни кон други, кон државнните симобили на нашта татковина, и кон симболите на сите етнички заедници во неа“, се наведува во соопштението.
Соопштението е потпишано од поглаварите на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, на Исламската верска заедница, Реис ул Улема Шаќир ефенди Фетаи, на Католичката црква, г. Кирил Стојановски, на Евангелистичко-методистичката црква, супер итенден Марјан Димов и на Еврејската зедница, Пепо Леви.
Средбата и апелот на верските лидери следи откако кулминираше прославата на Денот на албанското знаме кога во центарот на Скопје беше сквернавено и запалено македонското знаме. Како што соопшти полицијата, за сквернавење на националните симболи, уапсила 17 лица меѓу кои имало и малолетници.
Уапсени се и три лица во Прилеп, кои како одговор на инцидентите во Скопје, го сквернавеа албанското национално знаме. Уапсено е и лице во Куманово што корнело национален симбол на Република Србија од почесниот конзулат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете