Вести
Блинкен предупредува на „вистинска итност“ за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупреди на итна потреба да се постигне дипломатска резолуција за војната во Газа и Либан, откако Агенцијата за бегалци на Обединатите Нации изрази загриженост поради израелските воздушни напади, велејќи дека тие ги загрозуваат оние што бегаат од војната.
Зборувајќи пред состанокот во Лондон со арапските лидери на 25 октомври, Блинкен ја истакна потребата да се стави крај на конфликтот во денот кога при израелските напади загинаа 38 луѓе во Газа и тројца новинари во Либан.
„Имаме потреба од вистинска итност за да дојдеме до дипломатска резолуција и целосна имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, така што може да има вистинска безбедност долж границата меѓу Израел и Либан“, рече Блинкен, осврнувајќи се на веќе донесената резолуција по последната голема војна Израел-Хезболах во 2006 година.
Израел вети дека ќе го неутрализира Хамас поддржан од Иран, кој беше прогласен за терористичка организација од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Офанзивата ја старуваше во октомври минатата година откако милитантите на Хамас влегоа во Израел и убија околу 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници.
Конфликтот неодамна се прошири во Либан, каде што борците од Хезболах, милитантна група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан, започнаа речиси секојдневни напади врз Израел како поддршка на Хамас, друга група поддржана од Техеран.
Либанските власти соопштија дека повеќе од 2.500 луѓе се убиени во борбите во земјата, додека повеќе од 1,2 милиони се раселени, што предизвика хуманитарна криза.
Израелското воздушно бомбардирање и копнената инвазија врз Либан започна со таргетирање на раководството и воените капацитети на Хезболах. Но, неодамна Израеч ги прошири своите цели на цивилната инфраструктура, вклучително и банки кои беа поврзани со Хезболах, организација која е означена како терористичка од Соединетите држави, додека Европската унија го стави на црната листа на само нивното вооружено крило, но не и политичката партија.
Блинкен на 24 октомври рече дека Израел ја постигнал својата цел за „ефикасно разбивање“ на Хамас додека ги турка двете страни да ги обноват преговорите за да се постигне примирје.
Во меѓувреме, израелските воздушни напади го нападнаа јужниот дел на Либан, при што израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека метите во близина на границата со Сирија вклучуваат области за кои ИД тврди дека групата ги користи за шверц на оружје во Либан.
Портпаролката на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Рула Амин, изјави дека нападите ги загрозуваат животите на многумина кои не се вклучени во конфликтот, имајќи предвид дека околу 430.000 луѓе преминале во Сирија од почетокот на војната.
„Нападите на граничните премини претставуваат голема загриженост. Тие го блокираат патот кон безбедноста на луѓето кои бегаат од конфликти“, изјави Амин.
види ги сите денешни вести
Минималната плата ќе се зголеми за 1.812 денари

Владата денеска (25 март)на седница ја усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2.685 денари во бруто износ, односно 1.812 денари во нето износ, соопшти владината прес-служба.
Претходно премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање рече дека од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или околу 2 200 денари повеќе од сегашната минимална плата и најави дека доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.
„Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400, така е според Законот. Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, рече премиерот Мицкоски.
Како што најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, до крајот на месецов треба да се направат пресметките и да се утврди висината на минималната платата. Во таа насока веќе е формирана Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите и минатата недела е изгласана на седница на Владата.
„Тие почнаа да работат за да одберат кој синдикат исполнува услови за да биде репрезентативен. По утврдувањето на репрезентативноста веднаш ќе го свикаме Економско социјалниот совет на кој ќе ја отвориме како тема минималната плата. Доколку работодавачите и синдикатите се договорат за друг начин на утврдување или друга вредност на минималната плата ние ќе бидеме таму за да им помогнеме на двете страни“, рече Дурмиши на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Данките би можеле да бидат повикани во војска на 1 јули

Младите Данки би можеле да бидат повикани на воена служба веќе на 1 јули 2025 година, изјави денеска (25 март) министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
„Со оглед на моменталната ситуација во одбранбената и безбедносната политика, вооружените сили треба да регрутираат повеќе луѓе и затоа е важен сигнал да се воспостави целосен паритет меѓу жените и мажите до 1 јули 2025 година“, рече Поулсен.
Првично, новиот рамковен договор со кој се зголемува стажот на воениот рок од четири на 11 месеци, предвидено е млади жени да бидат повикани од 2027 година. Поточно, жените кои ќе наполнат 18 години по 1 јули 2025 година, ќе бидат поканети да учествуваат на Денот на одбраната во 2026 година, годишен настан на кој младите мора да учествуваат во лотарија.
Тие извлекуваат број кој одредува дали мораат или не да служат војска, во случај бројот на доброволци да е недоволен.
Како одговор на зголемената закана од Русија, Данска во февруари објави дека ќе одвои дополнителни 6,8 милијарди евра за одбрана во следните две години, пренесува АФП.
Минатата година веќе има зголемување од 5,4 милијарди евра.
Се врати првиот од 115 повредени во пожарот кои се лекуваат во странство

Првиот од 115-те пациенти настрадани по трагедијата во дискотеката во Кочани на 16 март, кои се лекуваат во странство, попладнево се врати во земјава.
Тој се лекувал во болница во Белград, Србија и ќе биде на опсервација во ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје.
Беше пречекан од министрите за здравство Арбен Таравари и за надворешна политика и наворешна трговија Тимчо Муцунски.
Директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев изјави дека вратениот пациент е во сосема подобрена општа клиничка состојба, но извесен период, можеби до утре, ќе биде опсервиран на клиниката.
„Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме дома да си оди кај семејството. Протоколот вели дека треба да земеме барем основна лабораторија, да направиме едно интервју за да видиме низ се што прошол додека се лекувал таму. Доаѓањето во својата држава и дома, секако дека за него е да не кажам малку стресна состојба и ние не можеме веднаш да го пуштиме да си оди дома, туку ете малку тука ќе биде со нас, ќе се дружи со нашиот персонал, а во меѓувреме ние ќе ги направиме иследувања, рече Чибишев.
Директорот на Токсикологија нагласи дека според Планот на Кризниот штаб има подготвено повеќе тимови кои се составени од психијатри и психолози кои ќе работат со пациентите кои се лекуваат во земјава и тие што ќе се вратат од странство.
Светската атлетика воведува тест со брис за да се потврди полот на спортистите

Меѓународниот атлетски сојуз денеска (25 март) објави дека го одобрил воведувањето на тест со брис за да се утврди дали спортистот е биолошки жена или не.
„Ова е важен начин да се задржи фокусот на интегритетот на женската конкуренција. Ова е несомнено патот напред“, рече претседателот на Сојузот, Себастијан Коу.
Од 2018 година, регулативите на Светската атлетика бараат од спортистите со родови разлики да го намалат нивото на тестостерон преку хормонска терапија со цел да се натпреваруваат на меѓународно ниво во женска конкуренција.
Оваа регулатива беше потврдена од Судот за спортска арбитража, како и од Федералниот суд во Лозана, кој во својата одлука ја истакна правичноста на натпреварувањето како основен принцип на спортот, врз основа на тоа што нивото на тестостерон им дава предност на спортистките во конкуренција.
Датумот за воведување на новите мерки не е одреден, но „се очекува тие да бидат во сила за време на Светското првенство во Токио“, кое ќе се одржи од 13 до 21 септември оваа година, пренесува АФП.
Не беа откриени доверливи планови, тврди Белата куќа

Белата куќа денеска (25 март) соопшти дека никаква доверлива информација не протекла кога планот за напад на Хутите во Јемен по грешка бил споделен со американски новинар, што е неверојатен безбедносен пропуст за кој се дозна во понеделникот, пренесува АФП.
„Не се зборуваше за 'воени планови'“ и „не беа споделени никакави доверливи информации во дискусијата“, напиша портпаролката на Белата куќа Керолин Левит на „Икс мрежа“.
„Белата куќа се обидува да открие како бројот на (Џефри) Голдберг ненамерно бил додаден во разговорот“, додаде Левит, мислејќи на главниот уредник на Атлантик.
Белата куќа потврди во понеделникот дека главниот уредник на списанието Атлантик по грешка бил вклучен во високо доверлив групен разговор со група високи американски функционери посветен на нападите против Хутите во Јемен.
Ова несомнено се смета за еден од најсериозните безбедносни пропусти во поновата воена историја на САД, оценува АФП.
Голдберг во долгата статија во понеделникот (24 март)откри дека однапред, преку апликацијата за пораки Сигнал, добил детален план за нападот на 15 март извршен од американската војска против оваа бунтовничка група во Јемен.
„Секретарот за одбрана Пит Хегсет ми го испрати планот за напад“ два часа пред почетокот на нападот, вклучувајќи „прецизни детали за оружјето, метите и распоредот“, пишува Џефри Голдберг, главен уредник на престижното списание „Атлантик“.
Голдберг објаснува дека во тој групен разговор имало вкупно 18 луѓе, меѓу кои, според него, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс и шефот на Централната разузнавачка агенција Џон Ретклиф, како и секретарот за одбрана Пит Хегсет.
До 15 март, тој видел серија пораки од највисоките функционери на американската влада, вклучително и онаа од Пит Хегсет од 15 март, во која се опишани неодамнешните напади.
Новинарот рече дека, додека не излегле првите информации за вистинските напади, тој „силно се сомневал“ во кредибилитетот на оваа група.
„Не знам ништо за тоа“, рече претседателот Доналд Трамп во понеделникот, додека бројни пратеници го осудија протекувањето на информации
Денеска, во телефонски разговор со NBC, Трамп рече дека вклучувањето на новинарите во групата за доверливи дискусии е „грешка“ која на крајот „не била сериозна“.
Тој додаде дека Мајк Волц, советникот за национална безбедност, „научил лекција“ од оваа грешка.
Проверка на лиценците двапати годишно, Владата усвои предлози за законски измени и дополнувања

Владата денеска (25 март)усвои предлози за измени и дополнувања на седум закони во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Со нив, ќе се воведе обврска двапати годишно да се врши проверка на сите иматели на лиценци.
Имајќи ги предвид последните трагични случувања, како што посочуваат од Владата, целта е вршење почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија односно овластувања.
„Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон“, соопшти владината прес-служба.
Дополнително, како што се посочува во соопштението, законските измени предвидуваат за следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш.
Вицепремиерот Александар Николоски претходно информираше дека од досега исконтролираните над 3 100 лиценци во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање, кај 479 е констатирано неправилно работење поради што ќе бидат одземени од правните лица.
„Целта не е да казнуваме, туку компаниите кои доброволно се согласиле на условите што ги предвидува законот, да ги исполнуваат. Феноменот е дека во моментот на поднесување на барањето ги исполнуваат условите, а потоа престануваат да ги исполнуваaт тие услови“, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој најави дека листа ќе биде доставена до соодветните институции за натамошно постапување и оти со законски измени таквите контроли ќе бидат обврзувачки на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа.
Папата Франциск бил толку блиску до смртта што лекарите размислувале да го прекинат лекувањето

Поглаварот на Римокатоличката црква бил толку блиску до смртта во еден момент за време на неговата 38-дневна битка со пневмонија во болницата Џемели во Рим што неговите лекари размислувале да го прекинат лекувањето за да му дозволат да умре во мир, изјави шефот на медицинскиот тим на папата Франциск.
По респираторната криза на 28 февруари, кога папата за малку ќе се задушеше од повраќање, „постоеше реален ризик да не успее“, рече лекарот од болницата Џемели, Серџо Алфиери.
„Моравме да одлучиме дали да застанеме таму и да го пуштиме или да продолжиме со сите можни лекови и терапии, изложувајќи го на висок ризик од оштетување на другите органи. На крајот се одлучивме за втората опција“, изјави Алфиери за италијанскиот весник Кориере дела сера, пренесе Ројтерс.
Папата Франциск (88) во неделата (23 март) се врати во Ватикан по најтешката здравствена криза што ја доживеа во неговиот 12-годишен понтификат.
Тој беше примен во болница на 14-ти февруари поради бронхитис кој се разви во билатерална пневмонија, особено сериозна здравствена состојба за некој кој боледувал од плеврит како млад човек, а кај кого потоа хируршки бил отстранет дел од едното белодробно крило.
Ватикан во своите дневни извештаи за здравствената состојба на папата Франциск за време на неговиот престој во болница достави невообичаена количина на детали и информации, пишува Ројтерс.
За време на престојот во болницата, Светиот Отец помина низ четири „респираторни кризи“ кои се манифестираа како тешки напади на кашлање предизвикани од стеснување на неговите дишни патишта, кои потсетуваат на напади на астма.
Со цел Папата целосно да закрепне, лекарите наредиле двомесечен одмор по неговото пуштање од болница.
Не се знае колку ќе може да биде виден во јавноста во наредните денови.
САД и Русија ги завршија разговорите за Украина, но без заедничка изјава

САД и Русија ги завршија преговорите за делумен прекин на огнот во Украина, но страните не усвоија заедничка изјава како што се очекуваше.
Американските и руските претставници вчера (24 март) одржаа 12-часовни разговори во Саудиска Арабија како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.
Рускиот сенатор рече дека Москва и Вашингтон не издале заедничка изјава поради позицијата на Украина, но не даде детали.
„Фактот што седеа 12 часа и наводно договорија заедничка изјава, која сепак не беше усвоена поради позицијата на Украина, е многу типичен и симптоматичен“, агенцијата Интерфакс ја цитира изјавата на Владимир Чижов.
Неговите коментари дојдоа откако Кремљ соопшти дека содржината на американско-руските разговори нема да биде објавена во јавноста и дека двете страни сè уште ги „анализираат“ резултатите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека разговорите меѓу Москва и Вашингтон биле фокусирани на технички прашања.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров истакна дека меѓу темите што се разговарале е и безбедноста на поморскиот сообраќај во Црното Море, каде пристаништа имаат и Русија и Украина.
Лавров за државната новинска агенција ТАСС изјави дека Русија го поддржува продолжувањето на Црноморската иницијатива, договор што и овозможи на Украина безбедно да извезува жито. Русија го напушти овој договор во 2023 година.
Претходно, член на рускиот преговарачки тим изјави дека разговорите со американските претставници биле „интензивни“, но корисни.
„Разговаравме за сè. Тоа беше интензивен дијалог, не беше лесен, но многу корисен за нас и за Американците“, изјави Григориј Карасин за ТАСС денеска (25 март). „Беа разгледани многу проблеми“, додаде тој.
Извор од Белата куќа изјави за Ројтерс дека разговорите поминале „неверојатно добро“.
Во Саудиска Арабија, американските и украинските претставници одржаа нова рунда разговори во денеска. АФП го цитираше членот на украинскиот преговарачки тим кој вели дека „сите детали ќе бидат објавени подоцна“.
Трамп рече дека територијалните граници и потенцијалната американска сопственост на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина се дел од преговорите.
Минатата недела, американскиот претседател ја изнесе идејата САД да ја преземат контролата врз оваа електрана, која Русија ја зазеде на почетокот на војната.
Во исто време, и Русија и Украина продолжија да вршат напади.
Во рускиот ноќен ракетен напад врз украинскиот град Суми беа ранети повеќе од 90 луѓе, меѓу кои 23 деца.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како последен пример на „загуба, болка и уништување, нешто што Украина никогаш не го сакаше“.
Зеленски рече дека Русија е „единствениот ентитет што ја продолжува оваа војна и го мачи нашиот народ и целиот свет“.
„За да се принуди Русија да постигне мир, потребни се силни мерки и решителни акции“, рече Зеленски. „Подготвени сме да поддржиме секоја силна иницијатива што ја прави дипломатијата поефикасна.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха напиша на мрежата Х дека нападот во понеделникот врз Суми покажа дека изјавите на Москва за мир се „празни“.
„Москва зборува за мир додека извршува брутални напади врз густо населените станбени области во големите украински градови“, напиша Сибиха.
За украинскиот напад извести и руската страна. Официјален претставник на окупираната украинска област Луганск изјави дека шест лица загинале во гранатирање на Краина, меѓу кои и новинар на рускиот весник „Известија“.
Весникот наклонет кон Кремљ го идентификуваше новинарот како Александар Федорчак, велејќи дека тој бил убиен „во регионот Харкив“. Рускиот канал Звезда, кој е спонзориран од Министерството за одбрана, објави дека неговиот снимател и возачот загинале додека снимале репортажа со Федорчак.
Кривична пријава за пет физички и едно правно лице за јавна набавка за обезбедување на наплатните рампи

Против пет физички и едно правно лице е поднесена кривична пријава за злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 натпатни рампи на Јавното претпријатие за државни патишта. Меѓу лицата против кои е поднесена кривичната пријава е и поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Е.Р.
„Кривичната пријава е поднесена против Џ.Б. (54) од Кичево, Е.Р. (56) од Тетово, Е.Љ. (61) од Тетово, М.Б. (48) од Скопје и Д.З. (39) од Тетово и против правен субјект од Кичево. Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи“, информираат од Министерството за внатрешни работи и од Државното јавно обвинителство.
Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 8.8.2022 година со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување.
„Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно“, велат од Обвинителството.
На овој начин, на осомничениот носител на набавката му е овозможено да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.
Граничната полиција истражува како Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Србија

Граничната полиција на Босна и Херцеговина, по налог на директорот Мирко Купрешаковиќ, спроведува истрага за преминувањето на државната граница од страна на Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска, се вели во денешното (25 март) соопштението на оваа државна институција.
Додик ја премина границата меѓу Босна и Херцеговина и Србија еден ден претходно, кога отиде во Батајница, во близина на Белград, да ја одбележи годишнината од бомбардирањето на НАТО.
Претседателот, премиерот и претседателот на Собранието на Република Српска – Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ се осомничени за напад на уставниот поредок, а по нив е распишана централна потерница, како што потврдија за Радио Слободна Европа на 17 март.
Доколку по некое лице биде издадена централна потерница, секоја од 16-те полициски агенции и одделенија во Босна и Херцеговина се бара да ги уапси.
„Се преземаат сите мерки и дејствија за утврдување на околностите и начинот на кој претседателот на Република Српска Милорад Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Република Србија. Во врска со споменатиот настан, Граничната полиција на БиХ ќе го извести Обвинителството на БиХ и ќе соработува со сите органи за спроведување на законот“, се додава во соопштението.
Во Босна и Херцеговина, постојат три полициски агенции кои работат на државно ниво, по една на ниво на секој ентитет и по една во областа Брчко. Сите десет кантони во ентитетот на Федерацијата БиХ имаат и свои полициски сили.
Поради сложената државна структура, некои од нивните надлежности се преклопуваат.
Практично сите полициски агенции во државата меѓу своите надлежности имаат спречување на кривични дела, откривање на нивните сторители, истрага на кривични дела и соработка со надлежните обвинителства.
Граничната полиција на БиХ е одговорна за контрола на државната граница, за спроведување на законот за движење и престој на странци и за кривични дела насочени против граничната безбедност.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете