„Масовниот убиец Јахја Синвар, кој беше одговорен за масакрот и злосторствата на 7 октомври, беше убиен денеска од војници на Израелските одбранбени сили (ИДФ)“, изјави израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац.
Израелските власти објавија дека во воена операција во Газа, бил убиен лидерот на Хамас, Јахја Синвар, кој се смета за организатор на нападот врз Израел на 7 октомври минатата година, во кој загинаа околу 1.200 Израелци, а околу 240 други беа земени како заложници, што предизвика војна во Газа и десетици илјадници палестински жртви во израелските напади.
Израелската војска објави дека во операција во јужниот дел на Газа, на 16 октомври, го убила водачот на палестинското движење Хамас, поддржано од Иран, кое САД и Европската унија го прогласија за терористичка организација.
Хамас официјално не ги коментираше извештаите.
„По завршувањето на процесот на идентификација на телото, може да се потврди дека Јахја Синвар е елиминиран“, објави ИДФ денеска (17 октомври).
Во соопштението се вели дека десетици операции извршени од израелските сили во текот на изминатата година ги „ограничиле“ движењата на Синвар и „довеле до негова елиминација“.
„Јахја Синвар е елиминиран откако минатата година се криеше зад цивилното население на Газа, над и под земја, во тунелите на Хамас во Појасот Газа“, се вели во соопштението.
Израелскиот министер за надворешни работи, Кац, ја нарече смртта на лидерот на Хамас „големо воено и морално достигнување за Израел“.
„Отстранувањето на Синвар создава можност за итно ослободување на заложниците и потенцијална промена што може да доведе до нова реалност во Газа - без Хамас и без иранска контрола“, рече Кац.
Израелскиот претседател, Исак Херцо, ги пофали војската, безбедносната агенција Шин Бет и безбедносните служби, за елиминацијата на Јахја Синвар.
Опишувајќи го како „мозок зад смртоносниот напад на 7 октомври“, Херцог рече дека лидерот на Хамас „е одговорен за години на грозоморни терористички акти против израелски цивили, граѓани на други земји и убиства на илјадници невини луѓе“.
„Сега, повеќе од кога било, мораме да дејствуваме на секој можен начин за да ги вратиме 101 заложници што се уште ги држат терористите на Хамас во Газа во ужасни услови“, рече Херцог.
Синвар накратко застана на чело на Хамас. Тој го замени Исмаил Ханије, кој беше убиен во израелски напад во предградие на Техеран, на 31 јули.
Иако Израел не презеде одговорност за загинувањето на некои од високите функционери на Хамас, призна дека убил други, вклучително и Салех ал-Ароури Мохамед Деиф, воениот командант на движењето.