Вести
Владата најави вработување на 600 приватни специјализанти

Владата на седница попладнето на 24 јули дала зелено светло за вработување на 600 нови приватни специјализанти за потребите на јавните здравствени установи.
Информацијата преку социјалните мрежи ја соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари.
Премиерот смета дека ова е шанса за младите доктори и ќе придонесе за „помалку метеж и поголема грижа за пациентите во болниците“.
Таравари, пак, посочи кога ќе се реализираат вработувањата.
„До крајот на годинава ќе се вработат 300, а идната година уште 300 приватни специјализанти. Со оваа одлука Министерството за финансии се задолжува до декември 2024 година да обезбеди дополнителни финансиски средства во износ од 38.000.000 денари за вработување на 300 приватни специјализанти“, вели Таравари.
По одлуката на Владата, Министерството за здравство дополнително ќе треба да ги утврди критериумите за вработување на приватните специјализанти.
Приватните специјализанти изминатиот период постојано бараа подобри услови за работи и повисоки примања.
Тие организираа неколку протести, а во април годинава стапија и вогенерален штрајк.
На државните клиники во Северна Македонија работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26 000 денари, а едно од нивните барања беше негово покачување на 40 000 денари.
види ги сите денешни вести
Владата на Србија усвои план за изградба на нафтовод од Унгарија до Нови Сад

Владата на Србија усвои Уредба за утврдување на Просторен план за инфраструктурен коридор на нафтовод од границата со Унгарија до Нови Сад во должина од 113 километри.
Просторниот план е донесен заради енергетската безбедност на Србија, се вели во Уредбата.
Гасоводот треба да биде изграден до 2028 година. Проценетата вредност на проектот е 157 милиони евра за српскиот дел од гасоводот.
Вкупниот капацитет на нафтоводот кој ќе се поставува под земја по целата должина е околу 5,5 милиони годишно, пишува во документот што го усвои српската Влада.
Според планот, интерконекцијата со Унгарија е лоцирана во близина на граничниот премин Хоргош на северот на Србија, а крајот на трасата на терминалот „Транснафта“ АД Панчево.
Во октомври 2022 година, Србија и Унгарија се договорија за изградба на нафтовод, што ќе ѝ овозможи на Србија да се снабдува со поевтина нафта од Урал со поврзување со рускиот нафтовод Дружба (Пријателство).
Властите во Белград одлучија да изградат дополнителна линија за снабдување со нафта кога Хрватска го забрани транспортот на руска нафта на крајот на 2022 година во согласност со санкциите на Европската унија против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Србија и Унгарија развија соработка во областа на енергетиката. Во јули 2023 година потпишаа договор за основање на заедничка компанија за трговија со гас.
Србија поради немање сопствени капацитети изнајмува складиште за гас од Унгарија.
Во исто време, овие две земји одржуваат односи со Пекинг и Москва, што наидува на незадоволство во Европската унија.
Шведска објави нов пакет воена помош од 1,6 милијарди долари за Украина

Шведска објави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 16 милијарди круни (околу 1,6 милијарди долари), што е најголемиот пакет досега од оваа нордиска земја, рече Пал Џонсон, министер за одбрана на Шведска, јави Ројтерс.
Најголемиот дел од пакетот, 9,2 милијарди круни, ќе се состои од опрема што ќе биде купена во процеси предводени од шведската управа за одбранбен материјал, рече Џонсон на прес-конференција.
Владата на Шведска го зголеми буџетот за 2025 година на 40 милијарди круни од 25 милијарди проектирани претходно, за да се помогне во борбата на Киев против руската инвазија.
Францускиот суд ја осуди Марин Ле Пен и ѝ забрани да се кандидира за јавна функција

Судот во Париз ја прогласи екстремно десничарската француска политичарка Марин Ле Пен за виновна за злоупотреба на фондови на Европската унија ѝ и забрани пет години да се кандидира за јавна функција, јави Ројтерс.
Забраната за кандидирање стапува на сила веднаш, објави судијата на 31 март, откако Ле Пен и осум членови на нејзината партија „Национален собир“ беа прогласени за виновни за проневера на јавни пари.
Судијата ја осуди француската политичарка и на четиригодишна затворска казна, од кои две се во домашен притвор, а две се условни и на парична казна од 100.000 евра.
Пресудата ја спречува да се кандидира за претседателските избори во 2027 година, јави Ројтерс, додавајќи дека Ле Пен има право на жалба на оваа одлука.
Одлуката на судот е неуспех за Ле Пен, која во моментов, според анкетите на јавното мислење, е фаворит за следните претседателски избори во Франција.
Според судот, Ле Пен е виновна за проневера на 474.000 евра, поради фиктивно вработување на четворица помошници од нејзината партија во Европскиот парламент.
Ле Пен и 24 членови на нејзината политичка партија „Национален собир“ беа обвинети дека ги пренасочиле парите на Европскиот парламент за да ги платат партиските вработени.
Како што пренесуваат весниците „Монд“ и „Фигаро“, судот проценил дека вкупната штета изнесува 2,9 милиони евра, бидејќи претставниците на нејзината партија „вработувале во Европскиот парламент луѓе кои реално работеле за Национален собир“.
Ле Пен ја напушти судницата пред изрекувањето на пресудата. Се очекува таа да поднесе жалба на пресудата.
Ле Пен претходно најави дека 2027 година ќе биде нејзино последно учество на претседателските избори и дека ќе го задржи своето место во парламентот до крајот на мандатот.
Пристигнувајќи во судот во понеделникот, на 31 март, таа не сакаше да разговара со новинарите, а претходно ги обвини обвинителите дека бараат нејзина „политичка смрт“.
Обвинетите тврдеа дека парите на Европскиот парламент биле користени легитимно, но судијата Бенедикт де Пертуис во пресудата навел дека „сите овие луѓе всушност работеле за партијата и дека законодавецот на ЕУ не им дал никакви задачи“.
Во Литванија пронајдено возило со четворица исчезнати американски војници

Спасувачките екипи извлекле потонато воено возило во Литванија, во кое се превезувале четворица американски војници кои се водат како исчезнати, јави редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Оклопното возило М88 Херкулес беше пронајдено на 31 март, потопено во мочуриште, шест дена откако беше почната спасувачка операција на воениот полигон Пабрада, во близина на границата на Литванија со Белорусија.
Литванскиот министер за одбрана, Давиле Сакалиен, изјави дека допрва треба да се утврди што се случило со четворицата војници.
„Не можеме да зборуваме за тоа во овој момент, бидејќи, прво, сè уште нема информации, а дури и кога ќе добиеме информации, постои строг договор дека Американците први ќе излезат со каква било објава“, изјави Сакалиен за литванското државно радио на 31 март.
Литванија, членка на НАТО и на Европската унија (ЕУ), е домаќин на повеќе од 1.000 американски војници стационирани во неа на ротациона основа.
Американската армија за Европа и Африка претходно соопшти дека четворицата војници „вршеле планирана тактичка обука“ кога исчезнале на 25 март.
Во првите часови од операцијата за спасување, се појавија неколку спротивставени тврдења, вклучително и коментарите на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека четворица американски војници се мртви. Портпаролката на НАТО подоцна ги отфрли тие коментари.
Трамп му се закани на Путин со царини за нафтата, од Зеленски бара договор за минералите

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со нови царини за нафтените деривати доколку ги блокира неговите иницијативи за ставање крај на војната во Украина, посочувајќи и дека украинскиот лидер Володимир Зеленски се соочува со „големи проблеми“ доколку не го потпише клучниот договор за минералите со Вашингтон.
„Се договоривме и сега тој вели дека сака повторно да преговара за договорот. Тој сака да биде членка на НАТО, но тоа никогаш нема да се случи. Тој го разбира тоа“, им рече Трамп на новинарите на 30 март, мислејќи на украинскиот претседател Зеленски.
Украинската влада на 28 февруари соопшти дека сè уште го разгледува нацрт-договорот за минерални суровини на САД. Украинската министерка за економија Јулија Свириденко тогаш изјави дека Киев го формира својот став, но дека претставниците ќе го изнесат само кога ќе се постигне консензус.
Украина има значителни наоѓалишта на минерали, високо ценети поради нивната употреба во одбранбените технологии, како и во компјутери, паметни телефони и батерии.
Минатиот месец Украина и САД постигнаа сеопфатен договор за развој на виталните минерални ресурси на Украина.
Договорот беше дел од напорите на Трамп да стави крај на војната и да врати некои од десетиците милијарди долари што САД ѝ ги дадоа на Украина во финансиска и воена помош од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
По средбата меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа на 28 февруари, обидите за финализирање на договорот пропаднаа.
Во меѓувреме, Трамп на 30 март рече дека ќе воведе секундарни царини од 25 до 50 отсто за целата руска нафта доколку се чини дека претседателот Владимир Путин ги блокира неговите напори да стави крај на војната во Украина.
Трамп во неделата рече дека е „многу лут“ кога Путин повика на формирање на преодна влада во Украина, која би можела да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ако Русија и јас не успееме да постигнеме договор за прекин на крвопролевањето во Украина, а верувам дека е виновна Русија, да воведеме секундарни царини за целата нафта што излегува од Русија“, рече Трамп во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-Би-Си.
Тој рече дека трговските мерки ќе бидат воведени во рок од еден месец доколку нема договор за прекин на огнот.
„Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД“, рече Трамп.
Овие најави доаѓаат откако Белата куќа на 25 март објави дека и Русија и Украина се согласиле на прекин на огнот и да дозволат пловидба во Црното Море, како и договор да не се таргетираат енергетски објекти.
Сè уште има проблеми со спроведувањето на договорот. Киев вели дека ќе стапи на сила веднаш, а Москва дека ќе стапи на сила по делумното укинување на санкциите за руските компании и банки вклучени во меѓународната трговија со храна.
Коментарите на Трамп означуваат поместување од мекиот пристап што Белата куќа го зазеде кон Русија откако американскиот претседател го назначи завршувањето на војната во Украина како приоритет на надворешната политика, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Во меѓувреме, Зеленски на 30 март рече дека беспилотните летала, бомбите и гранатирањето се одговор на Русија на предлогот на САД за безусловен прекин на огнот.
„Путин покажува дека не му е грижа за дипломатијата. Потребни ни се поостри санкции против Русија, повеќе капацитети за воздушна одбрана за Украина и повеќе единство меѓу нашите партнери“, додаде Зеленски.
Во услови на дипломатски напори предводени од САД да се постигне прекин на огнот, Киев ја обвини Москва за „воено злосторство“ на 30 март, откако руските беспилотни летала нападнаа воена болница.
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне на одредени места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9 целзиусови степени, а максималната ќе достигне од 11 до 17 целзиусови степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 целзиусови степени.
Како што информира УХМР, до четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови.
Стабилизирање на времето ќе има од петок.
Бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар достигна 1.700 лица

Бројот на жртвите од земјотресот во Мјанмар продолжи да расте и достигна 1.700 лица во неделата, 30 март, додека странските спасувачки тимови се упатија во сиромашната земја, каде болниците беа преоптоварени, а некои заедници се обидуваа да спроведат спасувачки напори со ограничени ресурси, јави Ројтерс.
Во земјотресот од 28 март со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, еден од најсилните во Мјанмар во изминатиот век, има и над 3.400 повредени и над 300 исчезнати, соопшти воената влада.
Шефот на Воената хунта, високиот генерал Мин Аунг Хлаинг, предупреди дека бројот на жртви може да се зголеми и неговата администрација се соочи со предизвикувачка ситуација, објавија државните медиуми, три дена откако тој упати повик за меѓународна помош.
Индија, Кина и Тајланд се меѓу соседите на Мјанмар кои испратија помошни материјали и тимови, заедно со помош и персонал од Малезија, Сингапур и Русија.
„Уништувањето беше големо, а потребите за хуманитарна помош растат од час во час“, соопшти меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Соединетите Американски Држави ветија помош од 2 милиони долари „преку организациите за хуманитарна помош со седиште во Мјанмар“ и во соопштението наведоа дека тим за одговор при итни случаи од УСАИД, кој е подложен на огромни намалувања под администрацијата на Трамп, се распоредува во Мјанмар.
Предвидливото моделирање на Американската геолошка служба процени дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да достигне 10.000 лица, а загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата.
Подобрена е состојбата на двајца пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во Солун

На Клиника за токсикологија во последните 24 часа се примени 4 пациенти од странство и по направените токсиколошки анализи се пуштени на домашно лекување. Сите се во добра општа состојба. За денеска нема најава за враќање други пациенти од странство, соопштија од Министерството за здравство(МЗ).
Во текот на вчерашниот ден кај двајца пациенти од Солун има одредено подобрување и се екстубирани, од интензивна нега се преместени на оддел за пластична хирургија. Кај останатите пациенти состојбата од вчера е непроменета.
Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочанина 16 март, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.
Министерството за здравство информира дека од вчера нема промени во бројот на хоспитализирани пациенти. Во Скопје вкупно се лекуваат 16 пациенти и се во добра општа состојба. Од нив по шест се во стара градска и ГОБ „8 Септември“, а четири се во приватните болници.
Трагедијата во Кочани предизвика низа протестни собири на граѓаните во Северна Македонија кои бараат правда и одговорност за пожарот во дискотеката.
Украина ја обвини Русија за „воено злосторство“ по напад на воена болница

Украина ја обвини Москва за „воено злосторство“ во неделата, 30 март, откако руски беспилотни летала нападнаа воена болница во Харков, вториот по големина град во Украина, во напади во кои властите соопштија дека загинале две лица.
Во нападите во Харков беа погодени и трговски центар, станбен блок и други цели.
Генералштабот на украинската армија ја обвини Русија за „прекршување на нормите на меѓународното хуманитарно право“ за време на нападот и го осуди како „намерно, насочено гранатирање“.
Во соопштението се наведува дека меѓу жртвите има и војници кои се на лекување во медицинскиот центар, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Еден час пред нападот на Харков, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев очекува силен одговор од западните земји на речиси секојдневните напади од руски беспилотни летала.
„Нашите партнери треба јасно да разберат: овие напади не се само напади врз украинските цивили, туку и врз сите меѓународни напори - врз самата дипломатија што се обидуваме да ја искористиме за да ставиме крај на оваа војна“, рече Зеленски во видео обраќање доцна ноќта во саботата.
Украинските власти соопштија дека, покрај нападот на Харков, Русија истрелала балистичка ракета и лансирала беспилотни летала кон градовите Дњепар, Криви Рих и Полтава.
Најмалку две лица загинаа во нападите во текот на ноќта, а 26 лица се повредени низ целата земја, соопштија украинските власти.
Украинскиот претседател рече дека „Русија ги удира позициите на сите што сакаат да ја прекинат оваа војна“, додавајќи дека „невозможно е да се игнорираат стотиците ирански беспилотни летала Шахед што Русија ги лансира секоја вечер.
Белата куќа на 25 март објави дека Русија и Украина се согласиле на прекин на огнот и да дозволат пловидба низ Црното Море.
Сепак, се уште има проблеми со спроведувањето на договорот. Киев вели дека стапува на сила веднаш, додека Москва рече дека ќе го следи делумното укинување на санкциите за руските компании и банки вклучени во меѓународната трговија со храна.
Нападната деканката на Филозофскиот факултет во Ниш

Деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш, Наталија Јовановиќ, била нападната на 30 март, потврди нишката полиција за Радио Слободна Европа (РСЕ).
„Постои сомневање дека со нож била нападната деканката на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Ниш. Ѝ се укажува помош во Клиничкиот центар и се работи на расветлување на сите околности за настанот“, велат за РСЕ од полициската управа во Ниш.
Деканката Јовановиќ и претходно беше цел на напади и закани, бидејќи ги поддржуваше студентските протести и блокадите на факултетите.
Таа била нападната во пресрет на протестот во Ниш, а нејзиниот сопруг за агенцијата Бета изјавил дека до понатамошна наредба ќе биде задржана во Ургентниот центар, не поради повредата, туку поради високиот притисок.
Тој исто така изјави дека „зад овој напад стои потписот на (српскиот претседател Александар) Вучиќ, бидејќи тој ја „посочил неа како едно од главните зла во Ниш“.
Јовановиќ беше меѓу првите раководители на факултет во Србија што ги поддржа студентските барања, а нејзиниот Филозофски факултет беше првиот во Ниш што ги отвори вратите за студентите од блокадата.
Од крајот на ноември, студентите блокираа десетици државни факултети на пет универзитети во Србија.
Бараат утврдување политичка и кривична одговорност за падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември кога загинаа 16 лица.
Бараат и санкционирање на напаѓачите на студентите на протестите по трагедијата и прекин на постапката против уапсените демонстранти.
Надлежните тврдат дека се исполнети сите барања на студентите, ги повикуваат да ги отворат факултетите, а академиците велат дека барањата не се исполнети и дека продолжуваат со блокирање на факултетите.
Студентските барања ги поддржаа организации на просветни работници, правници, универзитетски професори, земјоделци и други граѓани.
Протести предводени од студенти се одржаа во повеќе од 300 градови и населени места во Србија со учество на стотици илјади луѓе.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете