Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска информира дека на 9 мај одржал партиски останок на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партии.
„Фокусот ќе бидат луѓето на прво место: економски силна држава, преку реформи и чекори кој ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда, како и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Мицкоски додава дека очекувањата се големи, и оти поради тоа одговорноста кон народот е уште поголема.
Состанокот следува по одржаните парламентарни избори на 8 мај на кои според првичните резултати на ДИК Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 мандати во новиот 120 член собраниски состав.
Потоа Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 18 пратеници, Европски фронт на ДУИ 19 пратеници, Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 13 мандати, Левица 6 пратеници, а исто толку има и Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаат под еден процент гласови.
Во исто време вчера се одржаа и претседателските избори на кои победи универзитетската професорка Гордана Сиљановска - Давкова, која ќе биде прва жена претседателка на Северна Македонија.
Сиљановска - Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот вторт круг од претседателските избори, го победи досегашниот претседател Стево Пендаровски. Според првичните резултати на ДИК, Сиљановска-Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%).