Голем дел од јавните претпријатија, но и акционерски друштва работат со стари и трупаат нови долгови, а без дотации преку општинска или буџетска помош од државата не можат да функционираат ниту да поделат плати на работниците.
И јавните претпријатија и акционерските друштва долги години важат за „сигурен дом“ на партиски вработувања. А неретко биле и под лупа на истражните органи за незаконско работење за злоупотреби на службените положби и овластувања на раководните лица или сомнежи за незаконски спроведени тендерски постапки.
Јавните претпријатија во Северна Македонија се формирани од различни нивоа на власт, Собрание, Влада, општини и Град Скопје. Во акционерските друштва, пак, акционер односно сопственик е владата.
Државните компании се дел и од партиските програми на неколку натреварувачи во изборната трка.
Една мерка за функционирањето на јавните претпријатија во иднина обединува неколку партиски програми, иако од различни аспекти. Идејата ја има кај коалициите на СДСМ и Вреди, како и партиите Левица и Родина.
Акции за секој граѓанин
Прв во јавноста кој ја најави оваа економска мерка доколку остане на власт е владејачкиот СДСМ. Партијата се залага сопственоста и менаџирањето на државните енергетски компании да ги предаде во рацете на граѓаните.
„Основната главнина на АД ЕСМ е поделена на 31.738.878 обични акции, со номинална вредност од 1 000 денари денари по акција. Планот е одреден процент на акции да се поделат на сите граѓани на нашата држава што се родени до определен консензуално определен термин. Притоа, согласно со податоците од последниот попис, секој граѓанин би добил по околу 8 акции“, пишува во програмата на СДСМ.
Во 2025 година, тоа би се имплементирало во АД ЕСМ, најголемата енергетска компанија, а до крајот на мандатот во 2028 година, реализацијата да се случи и во АД МЕПСО.
„Висок процент од вкупниот број издадени акции на државните енергетски компании да се поделат еднакво на сите граѓани, а остатокот да останат под контрола на државата, во некој извесен период, сè додека граѓаните не воспостават директна контрола на самите компании. Граѓаните да можат да имаат увид во работењето на компаниите, но и директно влијание при изборот на менаџментот и негова контрола. Ако компаниите остварат добивка, таа ќе биде поделена на сите граѓани“, пишува во програмата на социјалдемократите.
Слична мерка најави и коалицијата Вреди, во која се обединети неколку политички партии од албанскиот блок. Сепак, нивната идеја не ги опфаќа само државните компании од енеретскиот сектор, туку сите јавни претпријатија на ниво на Северна Македонија.
Вреди најавува дека на граѓаните ќе им се поделат 49 отсто од акциите на државните претпријатија, а тоа значи секој граѓанин да добие акции во вредност од 10.000 евра.
„Идејата е 49 проценти од овие јавни и државни претпријатија да се вратат како ваучери на акции за секој граѓанин. Бруто вредност на овие јавни претпријатија ако искочат на берза се е околу 20 милијарди евра и 49 проценти кога ќе се поделат на граѓаните на Македонија, секој би имал таков ваучер, со што ќе расте надзорот врз претпријатијата“, изјави во интервју на РСЕ, Изет Меџити, претседател на партијата Демократско движење.
На забелешката дека голем дел државните претпријатија се загубари и што всушност би добиле граѓаните, Меџити одговара дека главниот проблем е големата корупција, која би се намалила со поголемиот граѓански надзор.
„Нема да има потреба од субвенции на државата. Другиот дел од 51 отсто мислам дека треба да оди со јавно-приватно партнерство во кое што ќе влезат сериозни фирми. Идејата е 51 отсто да се оди со јавно-приватно партнерство и 49 отсто да се претворат во акции за граѓаните“, изјави Меџити.
Јавните претпријатија се застапени во програмите и на помалите политички партии. Левица се залага за враќање на правото претставници на работниците да бидат членови на управните одбори на јавните претпријатија. Најрадикална во барањата се чини е Родина, која инсистира на национализација на сите стратешки важни индустрии и фирми.
Додворување на гласачите со социјални мерки
Економски нелогична и нецелосно неразработена идеја, која воедно е и популистичка. Вака експертите кои ги консултираше РСЕ ги оценуваат мерките кои ги нудат партиите за јавните претпријатија.
За Абдулменаф Беџети, академик и професор на Универзитетот за Југоисточна Европа, за предложените мерки вели дека би довеле до многу покомплексен начин на управување со јавните претпријатија во услови кога нивното менаџирање и во моментов е далеку од добро. Овој концепт, смета Беџети, не одговара на две клучни прашања - како до крај се планира да се изведе функционирањето и што ќе биде со субвенционирањето од државата.
„Работничкото самоуправување не е ефикасно управување и не дава резултати. Ние бевме во социјализмот, загубарите така ги создадовме. Нема тука директна економска политика, тоа е социјална мерка. Секоја социјална мерка е спротивна на економската ефикасност. Како тоа ќе им поделите акции, ќе правите акционерски друштва во сопственост на граѓаните и како после ќе давате субвенции по тој основ. На пример ЕСМ, тука државата субвенционира многу. Дали тоа значи дека државата ќе ја субвенционира сопственоста на граѓаните индиректно? Тоа се буквално неразработени модели“, вели Беџети.
Според професорот по административно право и јавна администрација на Правниот факултет на УКИМ, Драган Гоцевски, овој модел наративно наликува на социјалистичкото управување од времето на поранешна СФРЈ. Смета дека ова е добра идеја, но сепак нуди повеќе прашања отколку одговори.
„Во акционерските друштва во државна сопственост акционер е само владата. И не знам како би обезбедиле вработените да бидат акционери освен ако не го умножат бројот на акции и да го дадат на некаква лицитација. Бидејќи после 30 години независност и обид да се влезе во некаква фаза на стопанство, прашање е дали вработените во друштво во државна сопственост имаат даден основачки влог во тоа друштво, со оглед на тоа дека работат таму или сите даночни обврзници во оваа држава имаат подеднаков основачки влог, бидејќи друштвото и структура е градена со пари од данок. Ако воведувате хибрид на јавно претпријатие тоа мора да се трансформира во акционерско друштво и мора да се приватизира“, вели Гоцевски.
Сепак, според него, ако тоа се случи, имајќи во предвид дека поголемиот дел од нив се загубари, се поставува прашањето како би се барале дотации за претпријатијата да работат или би требало да се затворат.
Освен акционери, граѓаните да бидат и „инспектори“
Освен економскиот аспект во функционирањето на државните јавни претпријатија, партиите заговараат и овозможување на сите граѓани да имаат секојдневен увид во работењето компаниите, но и директно влијание при изборот и контрола на менаџментот.
За професорот Беџети, токму неефикасноста во управувањето на државните друштва е нивна најслаба точка. Тој не гледа реална економска поента за подобрување на нивното управување на овој начин.
„Како ќе учествуваат граѓаните во Надзорниот одбор? Во акционерските друштва се знае дека мора да има пропорционално учество во управувањето. Тоа е корпоративно управување. Граѓаните ќе бидат малцински акционери, но од друга страна, со субвенциите од државата, може да имаат одредена добивка и на крај ќе даваат дивиденда. Ако го гледаме ЕСМ како модел, пак државата повлекува пари во буџетот. Државата планира капитални приходи во буџетот околу 50 милиони евра годишно, а државата субвенционира околу 200 милиони евра годишно електрична енергија“, вели Беџети.
Дури и ако им е намерата е да се воспостави тврда меритократија односно елиминирање на можност за политичко влијание, оваа реторика, според професорот Гоцевски, не открива како би се отстранило влијанието на владата во именувањето на граѓанскиот систем на контрола.
„Увид во работата на друштво се обезбедува преку објавување на квартални и годишни извештаи, потоа преку Државниот завод за ревизија, Финансискаа полиција, ДКСК, инспекторати... Ако имате цел систем во кој се сомневате, тогаш како мислите дека граѓаните би имале друго влијание врз работата на друштвото и што тоа би значело? Законот за јавни претпријатија мора да предвиди дека нема да ги избира општината или владата туку ќе има јавен повик. Можеби тоа и би можело да се спроведе демократска контрола, но не стручна и професионална. Тоа ќе биде граѓанска контрола на директорот кој управува со јавното претпријатие. Но, пак се отвора прашањето кој ќе гарантира кој ќе се пријавува и кој би го избирале“, вели Гоцевски.
Кампањата на политичките партии влегува во финиш. На четири дена пред одржувањето на двојните - парламентарни и претседателски избори, во јавните настапи политичарите голем дел пораки упатуваат кон своите политички противници и се фокусираат на неколку основни придобивки доколку победат на изборите. Поретко се забележува промоција на мерките и програмските заложби доколку добијат мандат да креираат државни политики. Дел од партиите кои учествуваат на овие парламентарни избори не ги ни отпечатија изборните програми и тие може да се најдат само онлајн.