Достапни линкови

Повисоките плати ќе го зголемат дефицитот и државниот долг


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Платите растат, иако работниците велат дека тоа е недоволно за да се издржи високата инфлација. Светската банка предупредува дека платите не се во согласност со продуктивноста на економијата. Трошиме повеќе отколку што создаваме и со тоа ќе се зголемува дефицитот во Буџетот, но и државниот долг.

Платите во Северна Македонија растат побрзо од растот на Бруто домашниот производ (БДП), што доведува до пад на продуктивноста. Овој тренд предизвикува загриженост поради ризици од натамошно продолжување на инфлацијата.

Состојбата на намалена продуктивност ја забележа Светската банка во најновиот економски извештај за Северна Македонија. Ефектите од тоа, според економскиот аналитичар Павле Гацов ќе бидат зголемен дефицит во Буџетот, но зголемено задолжување на државата.

„Ќе мораме да се задолжуваме дома или надвор за да го затвориме она што го трошиме повеќе. Значаен дел од растот на платите во земјата е генериран од зголемувањето во јавниот сектор, каде имате раст од цели 25 отсто во однос на истиот период лани, што значи поголеми расходи кои за жал не се следени со поголеми приходи, кои растат со само 4 проценти во Буџетот. Ефектот е зголемен дефицит и на крајот зголемен долг“, вели Гацов.

Светска банка - ризици од зголемени плати

Светската банка во редовниот Економски извештај за Западен Балкан во Северна Македонија наведува дека се намалуваат инфлаторните притисоци поради соодветен одговор на политиките на државата, но посочува дека гледат ризик во зголемување на платите кои не се во согласност со продуктивноста.

„Тоа е нешто што може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво во 2024 година“, рече Сања Маџаревиќ-Шујстер - виш економист во Светската банка.

Продуктивноста во економијата претставува мерка на способноста на производните фактори во создавањето на производи и услуги - колку се тие ефикасни во користењето на ресурсите, како што се работната сила, капиталот, земјиштето и суровините... Висока продуктивност на една економија води до економски раст и подобрување на животниот стандард.

Гацов вели дека во земјава намалувањето на продуктивноста се случува подолго време, но особено во последниот период со забрзаниот раст на платите.

Тој објаснува дека со послаб на раст на понудата на стоки и услуги (реалниот сектор) во однос на растот од побарувачката е класичен пример за тоа како растат цените (инфлација).

Овие загрижувања доаѓаат иако инфлацијата периодов забавува споредено со изминатиот период. Во пикот на енергетската и економска криза инфлацијата достигна раст од 20 проценти, како што беше во ноември 2022.

Државата воведуваше низа мерки за замрзнување на цените и помош за ранливи категории граѓани, бидејќи голем број не можеа да го преживеат месецот поради високите цени особено на храната.

Синдикати - инфлацијата ги јаде платите

Повисоки плати бараа вработените во државната администрација, но и пензионерите кои организирани преку синдикатите излегуваа и на протести. Тие бараа повисоки плати велејќи дека растот на платите го јаде високата инфлација, но револтот кај нив се зголеми особено откако функционерите ги зголемија своите плати за 78 проценти.

ССМ редовно ја објавуваше и Синдикалната потрошувачка кошничка која од месец во месец бележи раст. Просечната плата достигна 39.524 денари, а минималната околу 22.500 денари, но четиричлено семејство со една просечна и една минимална плата едвај ја покрива Синдикалната кошничка.

Во март 2024 година инфлацијата бележи зголемување од 4 проценти во однос на март 2023 година, додека индексот на цените на мало бележи раст од 3.8 отсто, според статистиката на Државниот завод за статистика.

Овие бројки според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи покажуваат дека стапката на инфлација е ставена под контрола.

„Се потврдуваат конзистентните политики во насока на нормализирање на состојбата после воведените замрзнати цени и маржи за основните прехранбени артикли кои важеа заклучно со февруари 2024“, вели Битиќи.

Во пресрет на претстојните двојни избори, претседателски и парламентарни на 24 април и 8 мај, партиите ветуваат натамошно зголемување на платите.

СДСМ ветува дека во следните години ќе ја зголеми просечната плата на над 1.000 евра, а минималната на 600 евра. ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе ги зголемува континуирано платите со растот на економијата.

Раст на инфлацијата и во 2024

Светската банка во новиот извештај посочува дека инфлацијата во 2024 година ќе се зголеми за три отсто, а дека во следните две години (2025 и 2026) ќе се врати „долгорочниот просек на земјата од два процента“.

Но, Светската банка укажува дека Северна Македонија бележи зголемен буџетски дефицит, а дека минатата година имала и економски раст најнизок во регионот. Оваа година се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата.

Гацов сепак смета дека растот на економијата не зависи само од патиштата, особено бидејќи градењето оди бавно, а според него активностите ќе се забават и поради изборите. Приходите зависат од растот на бизнис секторот, вели тој, но и од борбата против сивата економија поради што државата годишно губи околу 450 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG