Околу 325.000 евра од државната каса легнале на сметките на невладини организации, во кои голем дел од нивните основачи веќе земаат плата од државата, покажуваат податоците од владината дата база „Отворени финансии“.
До 2022 година, парите за невладиниот сектор ги доделуваше Генералниот секретаријат на Влада. Со одлука на владата, втора година по ред, државната помош за здруженијата ја прераспределува министерството на првиот вицепремиер, Артан Груби.
Дел од 33-те добитници на државни пари за финансирање на здруженија и фондации од Министерството за политички систем за 2023 година се и нови организации формирани пред помалку од две години и се делумно непознати за граѓанскиот сектор.
Некои од невладините кои ги добиле грантовите се вработени во администрација на централно или локално ниво, а некои се дел од институции каде што се политички назначени од владејачката партија ДУИ. При проверката на основачите на невладините организации РСЕ наиде на имиња на луѓе од Скопје, Тетово и Струга, кои во одредени временски периоди се поврзуваат со владејачката ДУИ.
Државен советник во култура и донатор на ДУИ со државна помош ќе ги враќа заедничките вредности во земјава
На листата добитници на државни пари, едно од позвучните имиња е актуелниот државен советник во Министерството за култура, Бехиџудин Шехаби, кој е основач и претседател на невладиното здружение „Ел Хилал - Скопје“.
Ова здружение од министерството на вицепремиерот Артан Груби доби 10 илјади евра од државната програма за финансирање на здруженија и фондации. Според податоците од владината дата база „Отворени финансии“, овие пари од Министерството легнале на сметките на организациите седум дена по објавата во Службен весник.
Бехиџудин Шехаби е вработен во Министерството за култура како државен советник за европски прашања и креативни индустрии. Претходно, бил и државен секретар во оваа институција.
Шехаби во изјава за РСЕ не откри за каков проект здружението добило пари, туку ни посочи дека ќе бидеме поканети на презентација на проектот на 18 февруари.
За него нема ништо спорно што истовремено е и претседател на здружението „Ел Хилал - Скопје“ и државен советник во Министерството за култура. Го прашавме - дали е моралната, етичката и законската димензија во добивањето на пари од државата.
„За мене, тоа не е спорен момент, има во нашата држава истакнати личности кои се со врвни резултати како спортисти, а работат во државни институции и добиваат поддршка за развој и афирмација на државата во спортот, некои во хуманоста. Јас обезбедувам моја егзистенција како државен службеник. Тоа воопшто не е споредливо со мојата хуманитарна активност, ништо не гледам спорно тука. Јас сум волонтер во „Ел Хилал“, тоа не е професионална организација, туку невладина организација на волонтерска основа која придонесува за намалување на сиромаштијата. Јас не сум професионалец во „Ел Хилал“, тоа е како едно дополнителна рекреација за мене. Тоа е исполнување на моите животни определби“, вели Шехаби за РСЕ.
Според член 52 од Законот за спречување корупција и судир на интереси е недозволиво избрано или именувано лице (што значи назначен функционер од Владата или Собранието ) да биде корисник на финансиска помош од државата.
Но, според критериумите наведени во јавниот оглас објавен за државна помош за невладини организации од Министерството за политички систем, токму овој член од законот се исклучува.
„Не постои забрана за користење поддршка од државата во смисла на член 52 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, се вели во критериумите на јавниот оглас.
Од Министерството за политички систем не одговорија за РСЕ како може овој критериум во огласот правно да го поништи членот од законот за антикорупција, со што им го отвори патот на невладините основани од лица блиски до ДУИ да добијат државна помош од институцијата со која раководи Артан Груби.
Шехаби во 2017 година, беше дел од истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство - СКУП Македонија за трошењето буџетски пари на првите тројца луѓе во Министерството за култура, заедно со тогашната министерка Елизабета Канческа – Милеска и заменик министерот Драган Недељковиќ.
„Бехиџудин Шехаби картичката ја користел во познати скопски ресторани и слаткарници. Во неколку наврати бил клиент и во Буши Фешн ДОО, познати по широката палета на Сваровски накит која на нудат на пазарот“, пишуваше Скуп Македонија.
Според извештаите на ДУИ за членарина, Шехаби во 2016 година донирал 600 евра за партијата.
Последните 10 илјади евра од Министерството за политички систем, невладината „Ел Хилал“ ги добила за проект „Истражување, промоција и враќање на заедничките вредности во РСМ“.
Здружението на Шехаби е основано во 1997 година. Во неговата биографија имал и други државни функции, меѓу кои пратеник во Собранието од 2011 - 2014 година од ДУИ, а бил и директор на Националниот конзерваторски центар.
На 16 мај 2023 година, на владина седница донесена е одлука чиј потписник е вицепремиерот Артан Груби, со што Бехиџудин Шехаби е назначен за член и на Националниот совет за културно наследство.
Членови на невладина кои добиле вработување кај Артан Груби
Вкупно 10 илјади евра на 27 декември доби и невладината организација „Блетезат“. Нејзин претседател е Дјелза Челику. Покрај нејзе, во основачката структура на организацијата се запишани уште и Дрилона Абдиу и Улза Челику.
Случајно или не, документ од Агенцијата за администрација покажува лица со овие имиња и презимиња добиле вработувања во 2022 година во Министерството на вицепремиерот Артан Груби како помлади соработници за унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници. И тоа на ист оглас.
Јавно достапните податоци покажуваат дека Улза Челику била и кандидат за пратеник од ДУИ во шестата изборна единица на 16-тото место на листата за парламентарните избори во 2020 година.
Од Министерството за политички систем за Радио Слободна Европа велат дека здружението „Блетезат“ ги исполнувало сите услови и критериуми за квалитетот на предлог проектот. За него, било извршено поединечно оценување од членовите на комисијата, за кои иако РСЕ праша, од министерството не ги открија нивните имиња.
Додека, пак, за рангирањето на проектот од Министерството велат дека е извршено врз основа на просечна вредност од збирот на оценките на секој член на комисијата.
„За невладината организација е доставена и потпишана изјава за основачка структура од лицето Дјелза Челику која е претседател и овластено лице на здружението. Истата не е вработена во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците“, велат од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Но, од министерството не одговорија конкретно на прашањето - дали други две основачки на здружението се уште се вработени во институцијата.
„Блетезат“ е основано во април 2021 година, а добитник е на државни пари за проектот именуван како „благосостојба и унапредување на општествениот живот на деца со посебни потреби за 2023 година“.
Повеќе детали за некакви активности на оваа невладина организација можат да се најдат само на нејзината Фејсбук страница, каде првата објава датира од 30 март 2021 година.
РСЕ ја контактираше невладината организација. Побаравме контакти и да разговараме со Дрилона Абдиу и Улза Челику. Иако ни ветија дека ќе не поврзат со нив, споделувајќи ги нивните контакти, тоа не се случи.
Невладините со сомнежи за корупција
Снежана Камиловска -Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) вели дека во најмала рака е неетички добитници на државни пари за невладини организации да се основачи кои се вработени во државниот апарат, затоа што тоа остава простор за сомнеж за корупција.
„Тоа зависи од случај во случај, не можеме да генерализараме, од морална и етична основа не треба да биде така, од причина што може да постојат ризици за сторена корупција. Тоа што најмалку, не сакам да сугерирам, тоа што најмалку би очекувала е да не видиме на листата на добитници, основачи, директори на граѓански организации кои се дел од структурата на Министерството за политички систем, затоа што тука би можело да има судир на интереси, кој одлучувал, а кој добил“, изјави Трповска.
Невладина основана од вработена кај Мерко и портпарол во државна институција
Од државата пари доби и здружение во кое членува вработена во општина Струга, каде што градоначалствува Рамиз Мерко од ДУИ. Неговата советничка за спроведување на проекти во секторот туризам и меѓународна соработка, Беса Зиба е една од петте основачи на невладината „КФДК – Струга“.
Документ од 2021 година открива дека таа претходно била советник во секторот за поддршка на градоначалникот Рамиз Мерко и односи со јавност на општината.
Нејзината колешка, основач на здружението, Лиса Баути - Шаќири, сопруга на новиот директор на МКЦ, Бени Шаќири, всушност има слична позиција како нејзината, само во друга, државна институција.
Баути - Шаќири е портпарол на државното акционерско друштво Национални енергетски ресурси (НЕР). Според податоците од веб - страницата, таа во 2021 година, со одлука на институцијата, била назначена за овластено лице за прием на пријави од укажувачи во НЕР АД Скопје.
Оваа невладина организација која е основана во август 2021 година од Министерството за политички систем добила 10 илјади евра за креативна инклузија.
Податоците од владината алатка „Отворени финансии“, покажуваат дека здружението „КДФК-СТРУГА“ добило пари и од општината на градоначалникот Рамиз Мерко, работодавецот на Зиба.
Станува збор за трансфер до организации кои се грижат за постари лица, за што на „КДФК-Струга“ од општината Струга во период од ноември 2022 до декември 2023 година и биле исплатени 41 илјада евра. Според Централниот регистар, основна дејност на здружението е грижа за лица со посебни потреби.
Беса Зиба, една од основачките на невладината и вработена во општината кај Рамиз Мерко, во разговор за РСЕ, не негираше дека е основач на здружението, но, рече дека се повлекла од неговата структура пред една година.
Иако, според податоците од Централен регистар таа се уште фигурира како основач.
Зиба рече дека до сега не злоупотребила функција и дека, како што вели, ќе проверела со здружението зошто не е тргната од основачката структура.
Иако вети дека ќе провери во здружението за што станува збор и дека ќе се слушнеме повторно, РСЕ ја побара Зиба уште два пати во рок од два дена, но, таа повеќе не одговараше на телефонските повици.
И владина советничка во невладина организација
Меѓу 33-те добитниците на државни пари се појави името на владината советничка за протокол, Нина Чоловиќ, која е една од неколкуте основачи на штипското невладино здружение за лица со ретки болести - фенилкетонурија „ПКУ Херои“. Десетте илјади евра здружението ќе ги искористи за проектот - едукативни трибини за ретката болест фенилкетонурија.
Чоловиќ е дел од владиниот протокол на премиерот Димитар Ковачевски. Но, според законот за спречување на корупција и судир на интереси, основач на правно лице (невладина организација или компанија) не треба да биде корисник на финансиска поддршка од државата, иако критериумите во јавниот оглас тоа го дозволуваат.
Ова здружение е основано од пет лица, меѓу кои е и Чоловиќ. Здружението е дел од англиското друштво за фенилкетонурија ЕСПКУ. Ретката болест фенилкетонурија погодува приближно еден од 10 000 луѓе во Европската Унија годишно.
Чоловиќ за РСЕ потврди дека била дел од основањето на здружението, но, напоменува дека повеќе ниту фигурира во неговата структура, ниту е дел активностите кои ги извршува, со оглед на функцијата која ја има во Владата. На прашањето колку време има откако е повлечена, ни одговори „неколку месеци“.
Сепак, тековната состојба на „ПКУ Херои“ извадена на 11 јануари 2023 година покажува дека Нина Чоловиќ се уште се води како една од основачите на здружението кога го добиле грантот.
Откако и ги предочивме овие факти, Чоловиќ не упати да комуницираме со Софија Чоловиќ - Јордева, претседателка на здружението.
„Здружението досега учествувало на многубројни настани, едукативни семинари и конференции поврзани со ретките болести и конкретно болеста фенилкетонурија, во регионот и Европа. Во основачката структура на истото се волонтери во здружението и здружението кон нив има исплатено нула денари. Што се однесува до Нина Чоловиќ која
исто така беше волонтер без никаков паричен надомест до Здружението има доставено изјава пред неколку месеци дека се иззема од основачите. Но, нејзиното отстранување од Централниот регистар треба да е со потпис верификувано од сите основачи. Истото досега не е направено
бидејќи еден од останатите основачи живее во Германија“, ни одговори претседателката Чоловиќ - Јордева.
Валдета Касапи - авторка на проект за елитна населба тежок 28 милиони евра
На листата добитници на пари од Министерството за политички систем е и Здружението за култура и општествен развој „Комуниким Скопје“. За претседателка на здружението е заведена Валдета Касапи. Таа е научен соработник вработена во државниот Институт за духовно и културно наследство на Албанците.
Проектот на здружението, вели Касапи, се однесува на создавање на знаковен јазик за лица со оштетен слух наменет за албанската етничка заедница. Тврди дека проектот не е денешен и ад-хок, туку дека е истражуван две години.
„Ја покренав оваа иницијатива во партнерство со Институт за културно наследство на Албанците во Скопје. Јас сум научен соработник вработена таму. Целта е да создадеме абецеда со знаковен јазик и потоа да додадеме материјали за да можат да учат децата Албанци со оштетен слух. Овој проект е почнат без пари. И да не се даделе пари од Министерство за политички систем решени сме да продолжиме. Ние ќе се трудиме во секое министерство да аплицираме за грантови за да реализираме во целост оваа идеја. Во тек сум на аплицирање и во Министерството за информатичко општество и администрација во врска со креирање на апликација бесплатна за сите луѓе кои во семејството имаат деца или возрасни со оштетен слух што им треба толкување на знаковниот јазик“, објаснува Касапи за РСЕ.
Името на „Комуниким“ се појавува и како добитник на пари од Министерството за култура на конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес од областа на литературата и издaвачката дејност за 2023 година.
Здружението „Комуниким“ е формирано на крајот на октомври 2021 година. Речиси четири месеци порано, во јуни 2021 година, медиумите објавија дека токму Касапи е авторка на проектот за изградба на нова елитна населба во општина Сарај, во близина на езерото Треска, во кој двајца други бизнисмени ќе се вложат 28 милиони евра.
Ја прашавме Касапи - дали паралелно е и во бизнис и во невладиниот сектор?
„Не сум веќе во бизнисот, тој ми е веќе предаден. Што да правам што ми дал Господ неколку вештини за да можам да реализирам некои работи? Проектот е создаден, елитната населба е создадена, процесот течел најпрофесионално до моментот на предавање на проектот на тие луѓе што ќе градат. Не се занимавам веќе со бизнис. Истовремено, јас сум била и научен соработник и сум докторирала, што треба ние да ставиме некој нож, зошто да ги стопираме нашите вештини“, изјави Касапи.
Невладина од советник во општина Струга и директор од ДУИ
Меѓу 33-те невладини организации се наоѓа и здружението „Толеранца Лаб“ од село Лабуништа, Струга. Како негов основач се појавува актуелниот директор на Центарот за социјални работи од Струга, Мевмед Халили.
Покрај него, за основач се појавува и името на Кујтим Рашити. Тој е актуелен советник од ДУИ во советот на општина Струга. Во здружението е запишано името и на Асим Максутоски, кој според официјалната програма на партијата за локалните избори во 2017 година, бил кандидат за советник во општината од ДУИ.
Во изјава за РСЕ, Халили вели дека со станувањето на в.д. директор побарал изземање од структурата на здружението, иако неговото име се уште фигурира во тековната состојба на организацијата како нејзин основач.
„Откако сум назначен на јавна функција - променет сум од функција претседател на наведеното здружение и побарав изземање од основач. Сакам да потенцирам дека немам никакво учество во донесување на одлуки, аплицирање на проекти и финансиско менаџирање со проекти и активности на здружението. Не чувствувам морална или етичка одговорност за какви било активности на здружението, зашто не сум дел од управувачките структури на здружението“, ни одговори Халили.
(Екс)претседателка на жените на ПЦЕР и на здружение
Станува збор за организацијата „БИОМ Скопје“, во која како нејзин претседател е лицето Зурија Мемедова. Освен во невладиниот сектор, Мемедова има и неколку годишно искуство во владините институции. Била помлада соработничка во Министерството за правда за бесплатна правна помош, а пред тоа била и дел од кабинетот на министерот без ресор од ПЦЕР, Музафер Бајрам.
Во 2022 година, медиумите информираа дека на Конгресот на партијата одржан во Тетово, Зурија Мемедова е избрана за претседателка на жените на ПЦЕР, додека нејзиниот поранешен претпоставен Музафер Бајрам - за заменик претседател на првиот човек на партијата Самка Ибраимовски.
Мемедова за РСЕ вели дека откако дала отказ од Министерството за правда, во март 2023 година, се откажала и од партиската функција – лидер на жените во ПЦЕР. Напоменува дека откако се повлекла, партијата се уште не направила реизбор за нејзина наследничка.
„Немам никаков ангажман во политичката партија да знам дали направиле реизбор или не, но, се уште ме немаат информирано дека имаат направено избор на нова претседателка на жени на ПЦЕР. Јас им имам поднесено во март 2023 година, тоа е поднесено и тоа можам да ви доставам и писмо дека се повлекувам од функцијата. Буквално немам веќе никаква допирна точка со партијата“, вели Мемедова за РСЕ.
Мемедова сама се понуди да ни го достави документот со кој се откажува од функцијата.
Го контактиравме и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски. Тој тврди дека такво барање Мемедова доставила во партијата.
„Штом доставила барање и престанува функцијата по автоматизам. Според Статутот на партијата секој кој дава оставка се третира дека се прифаќа. Оваа недела треба да назначиме нова претседателка на жените на ПЦЕР“, објаснува Ибраимовски.
Пари и за здружението на поранешен член на ДИК
Меѓу добитниците на државни пари е и здружението основано од поранешниот член на Државната изборна комисија од опозициската партија БЕСА, Енвер Салихи. Тој беше и еден од кандидатите за нов член на Комисијата за заштита од дискриминација, но, не успеа да го помине собранискиот филтер.
Неговата невладина „Пулс демократија“ од Куманово е основана во јануари 2022 година, а добиените државни пари ќе ги дели со кошаркарскиот клуб Риниа за проектот „Преку спортот да се запознаеме меѓу себе“.
Молк од Груби, од Грковска повик до Антикорупциска
Во однос на мерките за превенција од корупција добивме различни одговори од Министерството за политички систем и од кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење.
Првите селективно одговорија само на дел од прашањата, додека вторите упатија порака.
Од Министерството со кое раководи Артан Груби одбегнаа да одговорат на повеќето прашања поврзани со лицата преку чии невладини организации го поделиле колачот од министерството на Груби.
Оттаму се „фатија“ само за една организација – „Блетазет“ посочувајќи дека претседателката на здружението не е вработена во министерството.
Иако за другите две основачки - Улза Челику и Дрилона Абдиу постои официјален документ дека добиле вработување кај Груби во 2022 година.
„Ве известуваме дека основач и претседател на Здружениеата имаат потпишана изјава за основачка структура, во која е наведено - Под полна морална и правна одговорност, дека во основачката структура на здружението/ фондацијата: нема основач/ овластено лице кој се избрано или иманувано лице согласно со закон или кој е член на семејството на избрано или именувано лице“, одговорија од Министерството за политички систем.
Но, од институцијата немаше одговор на клучните прашања - дали е направен мониторинг на реализираните проекти за 2022 година, кои се членови на комисијата кои одлучуваа за повикот од 2023 година. Но, и зошто во јавниот оглас е наведено дека се исклучува членот 52 од Законот за спречување на корупција, со што се овозможува функционери и блиски до ДУИ кои се основачи на НВО да станат добитници на државна помош од министерството.
За разлика од министерот Груби, од кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска велат дека сите институции и избрани и именувани функционери задолжително треба да ги почитуваат сите мерки за превенција од корупција.
„Кабинетот не е истражен орган и нема надлежност да истражува евентуален судир на интереси, односно единствената надлежна институција за утврдување на судир на интереси, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е ДКСК. Во таа насока, очекуваме ДКСК веднаш и без одложување да постапи согласно своите надлежности и да ги истражи информациите и сомнежите поврзани со одлуката на Министерството за политички систем за доделување средства на невладини организации и да донесе одлука за постоење или непостоење на судир на интереси“, велат од кабинетот на Грковска.
Чудни услови: Невладини основани пред една година, а со три години искуство во проекти
Според објавената одлука и податоците од „Отворени финансии“ вкупно 335 илјади евра се распределени на 33 организации, односно по речиси 10.000 евра за секоја поединечно кои ќе треба да ги потрошат за спроведување на предложените проекти заклучно до 30 јуни годинава.
На 19 декември, Владата даде „пас“ за распределба на парите, истиот ден одлуката беше објавена во Службен весник, а стапи на сила веќе од следниот 20 декември.
Парите легнаа на сметките на невладините организации на 27 декември, покажуваат податоците од „Отворени Финансии“.
Критериумите за огласот укажуваат дека невладините организации требало да бидат основани најмалку една година пред објавување на јавниот оглас.
Но, она што е проблематично е по кој критериум се избрани. Еден од критериумите во јавниот оглас е во последните 3 години да имаат реализирани проекти со други организации или институции. Но дел од добитниците се организации се помлади од три години.
Во меѓувреме невладиниот сектор се пожали дека меѓуресорското тело Совет за комуникација на Влада со граѓанското општество е нефункционално откако Министерството за политички систем ја доби задачата на Генералниот секретаријат на Влада да одредува кои проекти на невладините организации ќе добијат пари од државниот буџет.
Според Камиловска Трповска од МЦМС клучните прашања се како се доделуваат тие пари и дали ќе ја исполнат својата цел, развој на граѓанското општество.
„Едното со другото на некој начин се поврзува, а како се потрошени е манифестација на тоа како се доделени парите. Затоа велам дека процесот на доделување треба да биде целосно транспарентен, треба да бидат вклучени во процесот на доделување на тие средства и претставници на невладини организации, како што беше и претходно случај, кога Советот за соработка беше целосно вклучен во начинот на доделувањето на средствата од Генералниот секретаријат“, вели таа.
Според Камиловска Трповска, Министерството за политички систем ги надминува надлежностите.
„Излегувањето надвор од рамките на надлежностите на Министерството за политички систем го доведува до прашање знаењето и капацитетот, односно квалификациите на лицата кои ги доделуваат средствата, бидејќи ако се доделуваат средства кои не спаѓаат во надлежностите на тој систем, логично е прашањето како тие истите ќе ги мониторираат тие програми“, прашува таа.
Советот, кој повеќето невладини го бојкотираат веќе две години, претставува микс помеѓу функционери од различни институции и претставници од невладиниот сектор. Советот беше формиран во 2018 година од владата предводена од СДСМ и ДУИ, која тогаш во јавноста се промовираше како Влада која го цени мислењето на невладиниот сектор и значително повеќе комуницира со граѓанските организации во однос на претходниот владин состав, кој дури вршеше притисоци врз дел од граѓанските организации. Бојкотот почна кога надлеѓноста за доделување на државната помош премина во Министерството за политички систем.
Според законот за основање на невладини организации едно здружение може да биде основано од најмалку 5 физички или правни лица од кои тројца треба да имаат живеалиште или престојувалиште во земјава. Законот е либерален и секој граѓанин има право да основа невладина организација, проблемот е во тоа по кој критериуми ќе биде избрана невладината за државни пари, велат луѓето од граѓанскиот сектор.
Во јавниот повик беше посочено дека приоритет ќе добијат невладините кои ќе изработат проекти за недискриминација, за промоција на вредностите од Охридскиот рамковен договор, повисок животен стандард и економски раст, за пристапните предговори со ЕУ и владеење на правото и независно судство и квалитетно образование.