Колку згради и со колку катови ќе никнат во скопскиот Карпош на местото каде што порано се наоѓаше фабриката Алумина? Ова прашање изминативе денови го сврте вниманието на јавноста кон сопственикот на земјиштето, нафтената компанија од Пласница „Пуцко Петрол“ која за 24 милиони евра пред три години купи парцела од над 40 илјади метри квадратни во овој дел на скопски Карпош.
Фирмата нарача од проектантска куќа за урбанистички план што е објавен на веб страницата на општината и го покажа на јавноста без да одговори на прашањето колку вкупно и какви згради ќе никнат на местото на општината. Со Деталниот урбанистички план за „Алумина“ се дозволува изградба на осум згради високи 35 ката, односно предвидената дозвола Б е со висина на згради од 108 метри.
Според Синтезниот план на „Пуцко петрол„ кој е достапен на вебот на Општина Карпош, планираната површина за домувањето со предложениот Детален Урбанистички План е предвидено да се зголеми за пет илјади квадрати односно над 31.000 м2 , додека според Генералниот урбанистички план е 26.000 м2 .
Според истиот план, површината на градежната парцела е предвидено да изнесува 53.348 метри квадратни, додека имотниот лист „Пуцко петрол“ на парцелата на Алумина покажува сопственост од 42.383 метри квадратни. Во Синтезниот план е упишано и проширување од 20 метри на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов во, како што е наведено, со намалување на паркот од спротива кој ќе стане булевар Македонија.
Општинските советници до крајот на неделата ќе ги разгледуваат граѓанските забелешки на планот, по што ќе одлучат дали ќе го прифатат планот или не. Опозициските советници од ВМРО-ДПМНЕ најавија блокада на гласањето за буџетот на општината со 4. 000 амандмани со цел да не дојде на ред да се разгледува урбанистичкиот план.
Во јавноста сопственикот на „Пуцко Петрол“ сѐ уште не одговорил на прашањата колку и какви кули ќе никнат на местото на поранешната фабрика Алумина, а не одговори ниту на електронски испратените прашања на Радио Слободна Европа.
Одговорот стигна од градоначалникот на општината Карпош Стевчо Јакимовски, кој тврди дека опозициските советници ги лажат граѓаните дека ќе бидат изградени осум кули од 35 ката.
„Лага е дека нема да има две висококатници, односно 35-катници, туку многу повеќе. Лага е дека ќе има сенка врз бараките, затоа што овие објекти кои што се од 9 до 11 ката се повлечени 35 метри од улицата Прашка“, изјави Јакимовски.
Претходниот ДУП се најде пред Уставен суд
Ова не е прв случај интересот за градење на „Пуцко петрол„ во Општина Карпош да е во фокусот на јавноста. Уставниот суд во мај годинава по втор пат укина Детален Урбанистички план со кој општината Карпош му овозможуваше на „Пуцко Петрол“ да изгради бензинска пумпа во близина на базенот „Борис Трајковски“, на плац кој оваа фирма го купи за 2,5 милиони евра на јавно наддавање во 2016 година.
Првиот ДУП беше донесен во 2016 година кога исто така беше градоначалник Стевче Јакимовски, а Уставниот го укина во 2018. Неколку години подоцна во времето на градоначалникот Стефан Богоев беше донесен сличен план кој 2023 година повторно беше укинат од Уставниот суд, затоа што, како што тврдат уставните судии, не е законски, односно не е во согласност со актуелниот Генерален урбанистички план.
Поради ваквите одлуки на Уставниот суд, компанијата „Пуцко Петрол“ ја тужи државата, но и општината затоа што купила земјиште со намена на бензинска станица, која сега не може да ја изгради.
Компанијата од граѓанскиот, а подоцна и од апелацискиот суд „освои“ оштета од 2,5 милиони евра, колку што го купи земјиштето, но од Врховниот суд бара повеќе.
Од друга страна, пак антикорупционерите по разгледување на случајот побараа од Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција кривично да ги гони актерите во, како што велат, незаконското носење на ДУП во скопски Карпош за бензинската станица на „Пуцко Петрол“.
Дел од имотот на Пуцко Петрол вмешан во аферата со Државна Лотарија
Пуцко Петрол инаку, е компанија која нема интерес само за градежништво туку го шири бизнисот и во други дејности.
Сопственикот на„Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски неодамна го прошири својот имот со упис на сопственостa во Централниот регистар на фирмата „Хеј ДООЕЛ“, која годинава склучи договор за закуп на деловни простории со Државна лотарија во скопско Визбегово тежок над 2,6 милиони евра.
Пред Јахоски да стане сопственик на компанијата „Хеј ДООЕЛ“, оваа фирма за само неколку месеци од основањето склучи договор за закуп со Државна лотарија за простории на поранешен ресторан за свадби за 22 илјади евра месечно.
Имено, Јахоски, газдата на „ Пуцко Петрол“ стана сопственик на „Хеј ДООЕЛ“, токму во период кога за компанијата, нејзиниот управител и склучениот десетгодишен договор за закуп со Државна лотарија се заинтересираа од Обвинителството и Финансиската полиција по истражувањето на Радио Слободна Европа.
Дел од имотот на Трансмет во сопственост на „Пуцко Петрол“
Во сопственост на „Пуцко Петрол“ влегува и дел од имотот на фирмата на осудениот Сеад Кочан кој државата требаше да го конфискува од фирмата Трансмет по правосилната пресуда.
Антикорупциската комисија тврди дека дел од имотот на Кочан кој вкупно беше проценет на 17 милиони евра, наместо кај државата преку правните лавиринти со јавно наддавање заврши во имотните листови на „Пуцко Петрол“ по драстично пониска цена. Дел од имотот што судските вештаци го процениле на 5 милиони евра, „Пуцко Петрол“ го добил за 337 илјади евра.
„Следствено, имотот во текот на извршната постапка бил драстично потценет. Проценетата вредност на имотот во извршната постапка не е реална на пазарните услови. Со оваа трансакција буџетот на Република Северна Македонија и нејзиниот имот се оштетени за најмалку 4,6 милиони евра“, пишува во соопштението на Антикорупциската комисија која лани заклучи дека свесно е оштетена државата и побара санкционирање на инволвираните. Но, и по една година, санкции за инволвираните во шемата за намалување на вредноста на имотот нема.
Антикорупциската комисија работи на уште еден случај поврзан со имот на семејството Јахоски. Станува збор за домот на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари во Тафталиџе кој го купил од Исмаил Јахоски и член од неговото семејство за 150 илјади евра, најмалку двојно поефтино од пазарната вредност.
Според договорот за купопродажба во кој Радио Слободна Европа имаше увид, како продавачи на куќата на улица „Бриселска“ се јавуваат Исмаил Јахоски и Љупка Еда Јахоска, додека како купувач стои името на Арбен Таравари.
Во минатогодишната завршна сметка во Централниот регистар „Пуцко Петрол“ во билансната состојба навел дека инвестирал 10,6 милиони евра во недвижности со што вкупната вредност на недвижностите што ги поседува изнесува 28,9 милиони евра, додека вредноста на градежните објекти изнесува 9,6 милиони евра. Во овие пресметки влегуваат и 12 -те бензиски пумпи кои ги поседува.
Пуцко Петрол поседува акции во ОКТА вредни 7,5 милиони евра
Во неа е наведено дека акциите односно хартии од вредност кој ги поседува „Пуцко Петрол“ изнесуваат 635 482 илјади евра. Само пред две недели на контото на „Пуцко Петрол“ беа впишани нови 1,565 акции на ОКТА. Со тоа „Пуцко Петрол“ поседува 11 проценти од акционерското друштво ОКТА. Според податоците од Македонската Берза, тоа значи дека поседува вкупно 93,530 кои според просечната цена на акцијата вредат околу 7,5 милиони евра.
ОКТА е најголемиот снабдувач на горива во земјата, од кој најмногу лесни горива за горење купува „Пуцко Петрол“, покажува анализата на министерството за финансии. ОКТА е официјално трансформирана во акционерско друштво во 1990 година и дел од акционерскиот капитал на ОКТА им припаѓа на вработените и на Фондот за пензиско инвалидско осигурување, пишува на нејзината веб страница.
Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ со години ги снабдува со гориво институциите кои се под капата на централната, но и на локалната власт, која со мнозинството градоначалници е во рацете на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пуцко Петрол годинава доби тендери вредни речиси 19 милиони евра
Само од почетокот на годинава до сега на Биро за јавни набавки се објавени вкупно 300 договори за јавни набавки од гориво за службени возила до масло за горење со „Пуцко Петрол“ со чија вкупна вредност изнесува речиси 19 милиони евра.
Првите три на листа „најтешки“ договори за јавни набавки „Пуцко Петрол“ годинава ги склучил со јавното претпријатие Дрисла за набавка на нафтени деривати за лесни горива во вредност од 3,7 милиони евра, потоа со Јавното претпријатие за одржување на патишта за дизел гориво во вредност од 2,3 милиони евра и последното со Електрани на Северна Македонија за потребите на сопствените бензински пумпи на РЕК Битола во вредност од 1.3 милиони евра.
Податоците од владиниот портал „Отворени финансии“ покажуваат дека од почетокот на годинава до декември оваа компанија наплатила три илјади фактури од неколку стотици денари до суми од милион ипол денари по фактура.
Партиски реакции
Албанските опозициски партии долго време обвинуваат дека компанијата „Пуцко Петрол “ добива тендери најчесто од општини во кои градоначалници се од редовите на партијата на Јаоски, ДУИ. Од ДУИ таквата теза ја демантираа.
Таткото на актуелниот сопственик на „Пуцко Петрол“ Исмаил Јахоски е пратеник од редовите на ДУИ кој претходно беше сопственик на фирмата. Тој пред пратеничкиот мандат повеќе од две децении седеше на градоначалничкото столче во општина Пласница.
Минатата година на обвинувањата дека „Пуцко Петрол“ добива многу тендери поради партиската активност на таткото, од него добивме само кус коментар дека тој нема никаква врска со фирмата на син му.
„ Јас со години не сум дел од таа фирма, побарајте го синот со него разговарајте“ ни изјави на телефон пратеникот Јахоски.
Со општината Пласница сега градоначалствува братот на пратеникот и чичко на сопственикот на „Пуцко Петрол“, Алија Јахоски, кој според податоците од Централниот регистар е овластено лице на фудбалскиот клуб „Таленти Пуцко Петрол“.
Градоначалници од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ набавуваат нафта од Пуцко Петрол
Во листата на купувачи на нафтени горива годинава се наоѓаат училишта, болници, јавни установи и општини како Македонски брод, Гази Баба, Прилеп, Ѓорче Петров, Битола и Велес, каде што градоначалствуваат кадри на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу набавувачите на гориво од „Пуцко Петрол“ се наоѓа и општината Пласница, во која градоначалник е чичкото на Асмир, Алија Јахоски. Според договорите за јавни набавки, во периодот од 2020 до сега општината набавила гориво за административната зграда во вредност од 33 илјади евра.
Но, кога станува збор за конфликт на интерес, законот за спречување на корупција под поимот семејство и роднини подразбира брачен или вонбрачен другар, родители, сестра и браќа, како и други роднини со кои функционерот живее во заедничко домаќинство.
Според податоците од Централниот регистар „Пуцко Петрол“ минатата година ја завршил со добивка од 3,2 милиони евра, додека претходната 2021 година ја завршил со добивка од 3,6 милиони евра.
Само во 2022 година, оваа компанија стана втора на листата од компании кои добиле најмногу тендери од државните институции за набавка на гориво со склучени вкупно 413 тендери вредни над 50 милиони евра, покажува анализата на јавни набавки на невладината Центар за граѓански комуникации.
Според нивната анализа минатогодишните договори за јавни набавки на „Пуцко Петрол“ опфаќаат 4,48 проценти од вкупниот број на тендери, додека на нафтената компанија „Макпетрол“ договорите во вредност од 24 милиони евра претставуваат 2,18 проценти до вкупниот број на тендери на државно ниво. Најголемиот договор за јавни набавки во 2022 година е рамковната спогодба со ЈСП во вредност од 26 милиони евра, со отворена можност да јавното претпријатие не ја набави во целост договорената количина.