Достапни линкови

Која е улогата на Русија во нападот на Хамас врз Израел?


илустрација
илустрација

Дали Русија има некаква улога во инвазијата на Хамас врз Израел, конфликт кој е опасност да се претвори во целосна регионална војна? Не, вели Хана Ноте, експерт за руската политика на Блискиот Исток, но додава дека „прегратката“ на Москва на долгогодишниот поддржувач на Хамас, Иран додаде масло на огнот во регионот.

Минатиот март, палестинска делегација пристигна во Москва на разговори со руски претставници. Делегацијата беше од Хамас, милитантната палестинска група која е окарактеризирана како терористичка организација од Соединетите Држави и од Европската Унија. На средбата, како што соопшти руското МНР, станало збор за „непроменетата позиција на Русија за поддршка на праведно решение на палестинскиот проблем“.

„Кога се разгледуваше прашањето за обновување на палестинското национално единство, руската страна изрази подготвеност да продолжи да помага во надминување на разликите и здружување на позициите на водечките палестински политички сили и движења на платформата на Палестинската ослободителна организација“, соопшти руското министерство.

Односите на Русија со Хамас се добро документирани, како и нејзините односи со главниот поддржувач на Хамас, Иран. За некои набљудувачи и коментатори на тековното крвопролевање во Израел, тоа само по себе е причина за обвинување на Москва дека има директна улога во спиралата на насилства.

„Тоа не е точно“, вели Хана Ноте, аналитичарка од Берлин од Центарот за студии Џејмс Мартин и експерт за руската политика на Блискиот Исток.

„Руската прегратка на Иран и донесе корист на Москва во нејзината војна против Украина, при што Техеран испорачува камикази беспилотни летала и друга опрема за да им помогне на руските сили кои се обидуваат да ја задржат бавната украинска контраофанзива. Но, многу е тешко да се каже дека Русија ќе го поддржи крвавиот напад на Хамас и ќе ризикува целосно нарушување на односите со Израел, чии врски со Москва се млаки, но секако не и непријателски“, истакнува таа.

Во телефонско интервју за Радио Слободна Европа, Ноте објаснува повеќе за улогата на Русија на Блискиот Исток.

Хана Ноте
Хана Ноте

Вие сте скептични за шпекулациите дека Русија може да има улога во овој напад? Дали има некакви индикации дека тие би можеле да имаат некаква директна или индиректна врска со ова?

Гледајќи го ова, имаше селективни извештаи во текот на последните години, пред војната во Украина, дека системи од руско производство се појавиле во рацете на Хамас. Противтенковски проектили, противвоздушни проектили, ова се случува со години наназад и Израел, во тоа време, претпоставуваше дека ова оружје дошло во рацете на Хамас преку Иран.

Никогаш не сум видела индикации за директни, големи испораки на оружје од Русија за Хамас, или дека Хамас бил обучен од руската војска. И повторно, во контекст на овој последен напад, допрва треба да видам докази дека се работи за руско оружје или дека Хамас бил трениран од Русите. Така што, тука не гледам директна улога. Се разбира, односите Русија-Хамас датираат одамна. Мислам, дека тие беа поканети во Москва, претпоставувам, во 2006 година, откако победија на изборите на палестинските територии и оттогаш има делегации на Хамас. Знаете, Русите беа доста активни во последниве години, обидувајќи се да посредуваат меѓу различни палестински фракции. И се разбира, тие никогаш не го признаа Хамас како терористичка организација. Тие секогаш тврдеа дека различните фракции треба да создадат единство. Русите доста често се жалеа во последните неколку години дека Американците го монополизираат мировниот процес, особено за време на администрацијата на Трамп и „Договорот на векот“ (контроверзниот мировен предлог од времето на Трамп).

Така, тие се обидоа да ја продлабочат нивната улога, гордеејќи се што разговараат со сите палестински фракции. Фракциите често доаѓаа во Москва. На тој начин, Русите беа активни на палестинската страна и тоа датира од многу одамна.

Советскиот Сојуз зазеде прилично пропалестински став. Руското Министерство за надворешни работи историски зазема прилично пропалестински став или како што вели, рамноправен пристап кон конфликтот. Значи, овие односи имаат историја. Тоа е вистината. Но, не мислам дека од тоа можеме да заклучиме дека има некаква директна воена поддршка.

Има уште едно прашање за тоа дали улогата на Русија е индиректна овде. Јас би рекла дека поради војната во Украина, поради сериозното влошување на односите меѓу Русија и Западот, а со тоа и променливата геополитика на односите Русија-Иран, Русија, општо земено, му овозможува на Иран повеќе во регионот. Така, Иран се чувствува поохрабрен. Иран и дава дронови и друга поддршка на Русија. Веројатно за возврат добива некаква поддршка од Русија. Русите станаа помалку ентузијасти за обновувањето на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година. Тие станаа попопустливи кон Иран. И така, ова општо чувство на „охрабрување“ можеби игра улога во она што го гледаме во моментов. Значи, тука имаме поиндиректна улога на Русија, наспроти директна.

Добро, добро, прескокнавте три прашања што планирав да ги поставам, па тоа е одлично. Значи, која е користа што Русија некако би можела да ја добие од сето ова?

И за ова имам мало двоумење. Мислам дека од една страна, секако е точно дека поттикнувањето нестабилност, тензии, насилство на Блискиот Исток е во голема мера корисно за Русија во моментов. Ако можат да поттикнат кризи и нестабилност на друго место и да го оттргнат вниманието од западните држави, првенствено од Соединетите Држави, подалеку од Украина и од источното крило на НАТО, тоа е корисно во пошироката геополитичка игра во моментов. Ако нуспроизвод од она што го гледаме во моментов е да се стави клуч на израелско-саудиските разговори за нормализација, мислам дека тоа е исто така добредојдено за Москва, бидејќи израелско-саудиските односи, се американска игра. Значи, тоа е нешто што би и било од корист на Русија.

Израелско гранатирање врз Газа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:10 0:00

На потенцијално негативна страна за нив, јас гледам на руската надворешна политика на Блискиот Исток како политика која се однесува на поттикнување внимателно продуцирана нестабилност. Не гледам како, доколку ова ескалира во поголема војна, или конфронтација меѓу Израел и Иран која потоа би можела да ги зафати Либан и Сирија, како тоа нужно би било корисно за Русија. Затоа што Русите имаат поморски и воздушни бази во Сирија, кои им се многу важни, тие ја проектираат моќта во источниот Медитеран од тие бази. Тие бази се важни како логистички центар за Русите да ги продолжат своите операции во Африка и Сахел, а Вагнер (руската платеничка група основана од покојниот Евгениј Пригожин)останува во игра во Африка. Значи, Сирија е важна. Сега, ако Сирија се дестабилизира со поширока војна, Русите во моменот немаат таков воен опсег за да се справат со таква ситуација. Така што не сум сигурен дека поголема војна е нужно во нивен интерес.

Тоа е моето следно прашање: дали Русија може да се справи со поширока регионална војна кога имаат голема инвестиција во воени капацитети сега врзани во Украина, односно дали можат да жонглираат со две топки истовремено?

Тоа е добро прашање. Тоа ќе зависи од тоа каков вид на руско учество ќе биде потребно. Тие ги задржаа своите бази во Сирија. Тие задржаа голем дел од воената опрема во Сирија. Но, тоа беше доволно за да се одржи ситуацијата под контрола во Сирија, како што е, и големите борбени операции во голема мера престанаа во земјата во последните години. Единственото нешто е што сè уште имате 800-900 американски војници во североисточна Сирија кои Русите ги малтретираа поинтензивно во последните шест месеци, бидејќи мислам дека на среден рок постои руска игра која се турка. А, тоа е Американците да излезат од Сирија. Но, поголема војна? Е, тоа е поинаква игра со топка.

Мојот личен став е дека нема сомнеж дека руско-иранските односи се квалитативно променети. Но, сепак, не мислам дека Русија сака да оди на „се или ништо“ со Иран, дека сака да ги наруши односите со Израел и со земјите од Персискиот залив. Сега, ако има поголема војна и Американците силно застанат на страната на Израел, како што би било многу очекувано. Знаете, тие веќе го испратија носачот на авиони во источниот Медитеран, нема сомнеж каде Американците би биле во оваа поголема војна. Тогаш, прашањето што го имам е: Дали Русија ќе треба да избира страни? Дали Русија нема да види друг избор освен дополнително да се префрли во иранската орбита, ако има поголема војна? Можеби ќе треба. Не сум сигурна дека сакаат. И затоа, исто така, мислам дека Русите не сакаат ситуацијата да оди до толку поголема војна.

Да разговараме за односите на Москва со Израел овие денови. Дали се топли или ладни? Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази солидарност со Израел. Како би ги карактеризирале тие односи овие денови?

Можеби млаки, но подобри откако премиерот Бенјамин Нетанјаху дојде на власт во декември. Претходно, односите беа постудени со оглед на израелската реакција по нападот во Буча, кога доста остро ја критикуваа Русија. Но, Израел денес не испорача смртоносно оружје на Украина. И мислам дека тоа се цени во Москва и тој однос сакаат да го задржат. Значи, имаше тензии, но сè уште постои прилично значајна трговска врска. Постои голема руска дијаспора во Израел, која постоеше уште пред војната во Украина, но таа стана уште поголема откако започна војната во Украина.

А, од израелска гледна точка, најважно е деконфликт на небото во Сирија. Тоа е главната причина зошто Израелците беа толку претпазливи во однос на Русија и не се приклучија на санкциите и не пружаа смртоносна поддршка за Украина. Личниот однос помеѓу Бенјамин Нетанјаху и Владимир Путин донекаде помага. Тие се согласуваат. Откако Нетанјаху формираше влада, тој однос е помалку жесток. Но, мислам дека од гледна точка на Русија, важно е да се задржат Израелците цврсто да одат на страната на Киев, што е уште една причина зошто јас лично не успеав да бидам убедена дека Русите директно го поддржаа Хамас овде, затоа што ако го поддржувале, претпоставувам дека Израелците ќе дознаат за тоа порано отколку подоцна. И тогаш сте ги изгубиле Израелците целосно ако сте Русија, потенцијално, и не сум толку сигурна дека би сакале да го ризикувате тоа бидејќи, да ги спречите да ја поддржат Украина беше прилично важно за Русија.

XS
SM
MD
LG