Достапни линкови

Вести

Фон дер Лајен: Мораме да останеме обединети

Урсула Фон дер Лајен
Урсула Фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 13 септември изјави дека местото на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во Европската Унија.

„Не можеме да си дозволиме да ги оставиме Европејците зад себе. Јасно е дека стратешкиот интерес на ЕУ е нашата унија да биде целосна“, рече таа во својот годишен говор за „Состојбата на Унијата“.

Таа потврди дека се залага за Унија која ќе брои повеќе од 30 членки и дека проширувањето ќе биде „катализатор на напредокот“.

„Докажавме дека можеме да бидеме геополитичка унија и покажавме дека можеме брзо да напредуваме кога сме обединети. Верувам дека нашиот тим може да функционира и со 30 плус“, рече Фон дер Лејен.

Сепак, таа предупреди дека процесот на членство во Европската Унија, која има 27 членки, се заснова на заслуги и дека Европската Комисија секогаш ќе го брани овој принцип.

Во својот годишен говор Фон дер Лајен ги бранеше резултатите што ги постигна на чело на ЕК, велејќи дека работела на промовирање, но и дека ќе продолжи да брани чесна транзиција кон зелена енергија, силна геополитичка унија и фер конкуренција со светот, објавија британските медиуми.

„Денешниот сојуз е доказ за визијата на оние што сонуваа за подобра иднина по Втората светска војна“, порача претседателката на ЕК“.

Фон дер Лајен, која се очекува да се кандидира за втор мандат следната година како шеф на извршната власт на ЕУ, рече дека таа и нејзиниот тим исполниле повеќе од 90 отсто од ветувањата што ги дала кога го презеде раководството на Европската Комисија во 2019 година.

„Погледнете каде е Европа денес. Сведоци сме на раѓање на геополитички сојуз, поддршка на Украина, спротивставување на руската агресија, одговор на агресивноста на Кина и инвестирање во партнерства“, нагласи фон дер Лајен.

Таа додаде дека „сега имаме европски зелен договор кој е централен за нашата економија и неспоредлив во неговата амбиција“.

види ги сите денешни вести

Русија го додаде францускиот бизнисмен Филип Делпале на листата на барани

Францускиот бизнисмен Филип Делпал
Францускиот бизнисмен Филип Делпал

Руското Министерство за внатрешни работи на 3 јули го додаде францускиот бизнисмен Филип Делпал, поранешен извршен директор на инвестициската групација „Баринг Восток“, на листата на барани за неодредени обвиненија.

Во август 2021 година, московскиот суд ги осуди Делпало, американскиот инвеститор Мајкл Калви и петмина руски бизнисмени на условни затворски казни под обвинение за финансиска измама.

Калви е основач на руската приватна инвестициска групација Баринг Восток.

Делпал тогаш доби условна затворска казна од четири години и шест месеци, а Калви беше осуден на условна казна од пет години и шест месеци. Сите тие тврдеа дека се невини.

Судот, исто така, им нареди на бизнисмените да не ја напуштаат Русија без дозвола од властите, но забраната беше укината во јануари 2022 година, дозволувајќи им на Делпал и Калви веднаш да се вратат во своите матични земји.

Калви и неговите соработници беа обвинети во 2019 година за измама од 2,5 милијарди рубљи (28,5 милиони долари) на банката Восточни.

Баринг Восток порано беше главен акционер во банката Восточни. Обвинетите тврдеа дека случајот имал за цел да изврши притисок врз Баринг Восток во рамките на деловниот спор околу контролата на банката Восточни.

Случајот ја потресе инвестициската заедница и поттикна неколку истакнати функционери и бизнисмени да изразат загриженост за третманот на извршните директори.

Баринг Восток е една од најголемите и најстарите приватни компании кои работат во Русија. Основана е на почетокот на 1990-тите и управува со имот од повеќе од 3,7 милијарди долари. Компанијата беше првиот голем инвеститор во Yandex, доминантниот руски пребарувач.

Атал: Повлекувањето на кандидатите значи дека можеме да избегнеме апсолутно мнозинство на десницата

Францускиот премиер Габриел Атал
Францускиот премиер Габриел Атал

Францускиот премиер Габриел Атал изјави дека верува оти напорите на повеќе партии да се спречи десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен да добие апсолутно мнозинство во вториот круг од парламентарните избори следната недела, може да успеат.

Атал го порача ова откако повеќе од 200 кандидати од целиот политички спектар се согласија да се повлечат од вториот круг на парламентарните избори за да го отворat патот на оној кој е најдобро позициониран, да го победи екстремно десничарскиот кандидат во нивната изборна единица.

„Овие повлекувања покажуваат дека можеме да избегнеме апсолутно мнозинство за екстремната десница“, изјави Атал за радиото Франс Интер.

За да победи, екстремно десничарската Национален собир треба да освои апсолутно мнозинство од 289 пратеници, од вкупно 577 места.

Француското Министерство за внатрешни работи подоцна треба да го објави списокот со кандидати за вториот круг гласање, но локалните медиуми проценуваат дека околу 218 кандидати се повлекле.

Французите избираат меѓу повеќе од 4000 кандидати за 577 места во Националното собрание.

По еден пратеник се избира во сите 577 изборни единици со мнозинство гласови во два круга. Тој може да биде избран веќе во првиот круг доколку истовремено добие 50 отсто од гласовите на оние кои излегле на гласање и најмалку 25 отсто од бројот на запишани избирачи. Во спротивно, за победникот се одлучува во вториот круг на гласање, закажан за 7 јули, во кој влегуваат двајцата кандидати со најголем број гласови во првиот круг и следните кои добиле најмалку 12,5 отсто од запишаните гласови.

Агелер: Судски совет треба да ги казнува оние кои мислат дека се над законот

Американската амбасадорка Анџела Агелер
Американската амбасадорка Анџела Агелер

Судскиот совет е важно оружје коешто е потребно за вистинско трансформирање на правосудството во Северна Македонија, во една институција што им служи на своите граѓани, што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот, истакна денеска американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Агелер во своето обраќање посочи дека Судскиот совет треба да ги следи препораките на Оценската мисија, бидејќи како што рече, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска.

„Извештајот од Оценската мисија на ЕУ е еден вреден патоказ за реструктурирање на Судскиот совет и повторно поставување на неговата улога во рамките на правосудството. Судскиот совет е едно важно оружје во арсеналот оружје што ќе биде потребен за вистинско трансформирање на правосудството на Северна Македонија, во една институција која што им служи на своите граѓани, која што ги штити невините и ги казнува оние кои што сметаат дека се над законот. Затоа што денес, како што амбасадорот Коп живописно го опиша, довербата на јавноста во правосудството е шокантно ниска“, истакна Агелер.

Агелер: Граѓаните сакаат да видат промени
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:43 0:00

Американската амбасадорка додаде дека Судскиот совет треба да го следи законот и да даде отпор на политичките притисоци, затоа што, како што вели, Северна Македонија има добро изработени закони, како и искусни обвинители и судии.

„Северна Македонија има добро изработени закони, добро опремени институции и искусни обвинители и судии, а повеќето од нив и патувале и имале размени со САД. Па се поставува прашањето како да почнеме да го надополнуваме оној јаз или недостиг на доверба на оние на кои треба да им служиме. Пораката е јасна и не се менува. Работете ја работата која што треба да ја работите. Следете го законот, работете за луѓето, дајте отпор на политичките притисоци, заштитете го својот интегритет и прифатете ја транспорентноста. Напорната работа веќе започна и гледаме напредок. Сега дозволете ни да ви помогнаме да стигнете уште понапред на својот пат“, рече Агелер.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Најмалку тројца загинати и 18 повредени во руски напад на Дњепар

илустрација
илустрација

Најмалку три лица загинале во руски ракетен напад и напад со дронови врз градот Дњепар во централна Украина, изјави во среда (3 јули) регионалниот гувернер Сергеј Лисак. Тој додаде дека во нападот биле ранети 18 лица.

„Непријателот продолжува со подмолните напади. Испрати ракети и дронови. За жал, тоа не беше без последици. Три лица загинаа“, напиша Лисак на социјалните мрежи.

Официјалниот претставник кој го постави Москва во областа Херсон во Украина, контролирана од Русија, изјави дека двајца цивили загинале во напад на украинско беспилотно летало што погодило пекара.

Во средата, руските сили продолжија со артилериските напади во украинскиот регион Запорожје, каде што еден човек бил ранет, а 14 куќи биле уништени.

Неколку дена претходно седум цивили беа убиени во рускиот напад врз градот Вилњанск во Запорожје.

Руското Министерство за одбрана во среда објави дека соборило 10 украински беспилотни летала над регионите Белгород, Брјанск и Москва, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Министерството додаде дека потонале два дрода без екипаж кои се движеле кон Новоросијск во Црното Море.

Лукашенко најави амнестија за неколку политички затвореници

Александар Лукашенко, претседател на Белорусија
Александар Лукашенко, претседател на Белорусија

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека најверојатно ќе ослободи од затвор неколку од неговите политички противници, а кои сега се тешко болни од рак.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, е еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, а неговите противници и западните групи за човекови права го обвинуваат за кршење на човековите права и затворање на противниците по различни обвиненија.

Реизборот на Лукашенко за шести мандат во 2020 година предизвика улични протести на кои тој беше обвинет за местење на изборите. Полицијата масовно апсеше демонстранти, а групите за човекови права велат дека повеќе од 25 000 луѓе завршиле во затвор во месеците по изборите.

„Немојте да се чудите ако луѓето кои ја поткопаа државата во 2020 година бидат ослободени за неколку дена. Тие се навистина болни, главно од рак“, рече Лукашенко на митингот по повод националниот празник на Белорусија, кој се одбележува денеска (3 јули).

Лукашенко не ги идентификуваше оние кои би можеле да се квалификуваат за амнестија.

Опозициската група за заштита на правата „Вјасна“ наведува дека има 1403 политички затвореници во Белорусија. Од мај, бројот на политички затвореници чие здравје е загрозено е 254, вклучувајќи 92 тешко болни и 63 на возраст над 60 години.

Ниту едно министерство или општина не е имуно на корупција во јавните набавки

илустрација
илустрација

Ниту едно министерство или општина во земјава нема високо ниво на заштита од корупција во јавните набавки, соопшти Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

ЦГК го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според 32 индикатора за антикорупциските перформанси во јавните набавки.

„Ниту една институција не се наоѓа во зелената зона, на висока заштита од корупција, со остварување на антикорупциските перформанси од над 80 отсто. Четири министерства и 43 општини се наоѓаат во црвената зона, односно нивните јавни набавки се спроведуваат со ниско ниво на заштита од корупцијата, бидејќи имаат освено помалку од 50 отсто“, наведува ЦГК.

Според рангирањето, најголема изложеност на корупција имаат Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а со најдобри антикорупциски перформанси, чие остварување е 72 отсто, се Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според Центарот, ниското ниво не мора по секоја цена да значи корупција во јавните набавки на таа институција, туку дека не се преземаат сите можни мерки кои треба да ја спречат, и оттука можноста таа да се случи во овие институции е повисока.

Кај општините, најниско ниво на остварување на антикорупциските перформанси во јавните набавки е утврденo кај Кратово и Гостивар. Во црвената зона е и Градот Скопје, како и 40 други општини. Најдобри антикорупциски перформанси во јавните набавки има Општина Кавадарци, 70 отсто, како и Велес и Пробиштип, 66 проценти.

Рангирањето е изработено во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата“, поддржана од УСАИД.

Деновиве ќе се знае од кои учебници ќе учат седмоодделенците

Искинати учебници за основно образование
Искинати учебници за основно образование

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе утврдат по кои учебници ќе учат седмоодделенците во претстојната учебна година, бидејќи до 1 септември не ќе може да се отпечатат нови, согласно новите наставни од Концепцијата за основно образование.

Министерката Весна Јаневска изјави дека деновиве ќе информираат како ќе учат основците во седмо одделение, посочувајќи дека иако било соопштено дека учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, „фактичката состојба е сосема различна“.

„Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за во седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија“, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во моментот се водат разговори со Бирото за развој на образованието за да се надмине проблемот, а решението веројатно е учениците од седмо и наредната година да учат од старите учебници, односно тие што биле досега во употреба.

Доколку законот, не дозволува, Јаневска најавува одложување на примената на Концепцијата за преостанатите одделенија - седмо, осмо и деветто, за одреден период.

Министерката Јаневска додаде дека наставниците ќе треба да бидат подготвени да им ги предаваат темите со тоа што ќе обезбедат одредени наставни материјали од кои децата ќе учат, и да им посочат друга, интернет литература.

Средба на Путин и Си на безбедносниот самит во Казахстан

Владимир Путин и Си Џинпинг, Пекинг, 16 мај 2024
Владимир Путин и Си Џинпинг, Пекинг, 16 мај 2024

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот Си Џинпинг треба да се сретнат во среда (3 јули) на самитот на Евроазиската организација за безбедност и одбрана во Казахстан, што Москва и Пекинг го гледаат како алатка за спротивставување на влијанието на Вашингтон и неговите сојузници.

Путин и кинескиот претседател ја проширија Шангајската организација за соработка, основана во 2001 година од Русија, Кина и земјите од Централна Азија, за да ги вклучи Индија, Иран и Пакистан како противтежа на Западот.

Во среда, Путин ќе одржи серија билатерални состаноци на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка кој се одржува во главниот град на Казахстан Астана на 3 и 4 јули, објави Кремљ.

Тој треба да се сретне со Си, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и лидерите на Азербејџан, Монголија и Пакистан пред неформалната вечера организирана од казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев.

Индија рече дека премиерот Нарендра Моди, кој се очекува да пристигне во Москва подоцна овој месец, нема да присуствува. Наместо тоа, на самитот ќе присуствува министерот за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар.

Русија и Кина ја гледаат Шангајската организација за соработка, која промовира заеднички пристапи кон надворешните безбедносни закани и се фокусира на спротивставување на внатрешната нестабилност, како средство за проектирање на нивното влијание низ Азија.

На минатогодишниот виртуелен самит, организацијата издаде соопштение во кое го критикува, како што рече, негативното влијание на „едностраното и неограничено проширување на глобалните системи за ракетна одбрана од страна на одредени земји или групи земји“, без директно да го спомене проширувањето на НАТО и западната воена помош за Украина.

Кина и Русија прогласија „неограничено“ партнерство во февруари 2022 година, кога Путин го посети Пекинг, неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина. Оттогаш, Си и Путин го продлабочија своето партнерство.

Си и Путин веруваат дека ерата по Студената војна во која доминираат САД се распаѓа. САД ја сметаат Кина за свој најголем конкурент, а Русија за најголема закана од една земја.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека овој век ќе биде дефиниран со егзистенцијалниот натпревар меѓу демократиите и автократиите.

САД ги гледаат Си и Путин како авторитарни владетели кои ја потиснале слободата на говорот и вовеле строга контрола врз медиумите и судовите во нивните земји. Бајден го нарече Си „диктатор“, а Путин „убиец“.

На самитот во Астана, Белорусија првпат ќе учествува како полноправна членка на организацијата, соопшти Кремљ.

Други држави кои учествуваат во разговорите со групата се: Бахреин, Камбоџа, Египет, Кувајт, Мјанмар, Непал, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. На самитот во Астана се очекува да присуствува и генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.

НАТО испраќа постојан специјален пратеник во Украина

Ukraine – The national flag of Ukraine and NATO flag during the opening the teaching of the Ukraine-NATO disaster relief "Ukraine-2015". Lviv, 21Sep2015
Ukraine – The national flag of Ukraine and NATO flag during the opening the teaching of the Ukraine-NATO disaster relief "Ukraine-2015". Lviv, 21Sep2015

Членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе го прошират цивилното присуство на западната одбранбена алијанса во Украина, потврди портпаролот на НАТО за агенцијата ДПА.

Високиот функционер ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руска инвазија.

Одлуката доаѓа пред самитот на НАТО кој треба да се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон, каде што се очекува лидерите официјално да го усвојат планот на Алијансата за воена координација на помошта за Украина во рамките на формалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.

НАТО има официјално претставништво во Киев речиси една деценија, вклучително и канцеларија за врски и центар за информации и документација кој постои од доцните 90-ти.
Таа канцеларија, меѓу другото, се занимава со контакти со украинските власти и има за цел да промовира политички дијалог и практична соработка. Ставот на НАТО е дека Алијансата не е страна во конфликтот меѓу Русија и Украина.

Новата формална мисија на НАТО, која исто така ќе ја надгледува обуката на украинските војници во земјите на Алијансата, беше формирана додека лидерите размислуваат за исходот од претстојните претседателски избори во Соединетите Држави.

Досега, членките на НАТО ја координираа воената помош не преку самиот на НАТО, туку преку Контакт групата за Украина, која ја предводат САД.

Потпирањето на Контакт групата на американската координација ги загрижи европските сојузници дека улогата на САД би можела да ослабне, доколку претседателските избори во ноември го вратат Доналд Трамп во Белата куќа, бидејќи се сомневаат во неговата подготвеност да ги поддржи воените напори на Украина.

Русија го гранатираше украинскиот регион Запорожје

Последици од нападот врз Запорожје, 3 јули 2024
Последици од нападот врз Запорожје, 3 јули 2024

Руските сили продолжија со артилериските напади во украинската област Запорожје на 3 јули, при што беше ранет еден човек и уништени 14 куќи, изјави гувернерот на регионот, Иван Федоров.

Неколку дена претходно седум цивили беа убиени во рускиот напад на градот Вилњанск во Запорожје.

Руското Министерство за одбрана во среда објави дека соборило 10 украински беспилотни летала над регионите Белгород, Брјанск и Москва, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Министерството додаде дека исто така потонале два брода без екипаж кои се движеле кон Новоросијск во Црното Море.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG