Во сенка на државниот празник 8 Септември, во Светот се одбележуваше денот на писменоста, а кај нас логично, не се ни спомна.
Основното значење на поимот писменост е знаење, вештина да се чита и пишува, додека потоа може да ги додадеме и другите облици како што се: вештина да се пишува граматички и стилски правилно, како и, вештина да се владее некоја наука и уметност, и, сите пишани споменици од некоја епоха, од некој народ.
Македонија претставува лулка на Словенската писменост, а за тоа сведочат безброј историски податоци. Од земјата каде што се проширува Словенската писменост, од земјата каде што е напишана првата Словенска азбука и од земјата каде што е отворена првата книжевна школа (зборувам за периодот од IX век), како ние успеавме да станеме најнеписмениот народ на Балканот, а можеби и во Европа? Зошто учениците во Македонија не знаат? Кој е виновен за тоа?
Се’ почесто се среќаваме со деца кои имаат дислексија, а за тоа не се ни свесни, како децата, така и возрасните. За Кирилицата, граматиката и правописот и да не зборуваме, учениците (и од основните одделенија и од средните училишта) не ги распознаваат буквите, а има случаеви каде што не знаат ни колку букви има азбуката. Учениците од прво одделение до четврта година средно образование (за одредени предмети) немаат книги, ама битно родителите си молчат.
Се прашувам кој е виновен за тоа? Дали учениците чие внимание на часовите е сведено на минимум или наставниците/професорите кои не се трудат да ги научат децата (со должна почит кон оние ретките кои се претопуваат од страна на оние првите)?
За децата да бидат писмени, потребно е писмени, образовани кадари, кој “за среќа” на нашите простори ги има во изобилство, така што можат на рака да се избројат. Затоа се намалува бројот на запишани основци и средношколци во училиштата. А, и, проблемот со писменоста е еден од клучните проблеми за иселување на млади лица од државата.
Епа почитувана публико, грешката е кај сите нас. Наместо да кренеме глас за сите случувања во училиштата, ние молчиме. Знаете, тешките времиња челичат јаки луѓе, а пак, лесните времиња резултираат со слаби . Изгледа кај нас ерата на јаките луѓе заврши, а почна оваа другата...
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.