Достапни линкови

По 12-ти февруари, сите лични документи со Република Македонија, нема да важат


Шалтер за лични документи.
Шалтер за лични документи.

Сите валидни лични документи на кои стои старото име „Република Македонија“ нема да важат по рокот до 12 февруари 2024 година, според Преспанскиот договор, велат од МВР. Прашање е дали ќе настане хаос со оглед на краткиот период од шест месеци во кој граѓаните ќе мора да ги променат пасошите, личните карти и возачките дозволи.

На 13 февруари 2024 година нема да можете да преминете надвор од државните граници со валиден пасош на кој стои старото име „Република Македонија“, односно, од тој датум, станува невалиден. Исто така, ако ве запре полиција со возило ќе ви напише казна ако вашата возачката дозвола не е со името „Република Северна Македонија.“ Неважечки ќе бидат и личните карти. Ниту една институција нема да ги прифаќа како важечки документ.

Издадените лични карти, пасоши и возачки дозволи кои се со важечки датум, но го содржат името „Република Македонија“ ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024 година, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Радио Слободна Европа.

„Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило“, велат од МВР.

Кусото време за замена на пасошите и другите лични документи веќе создава долга листа за чекање. Ако се обидете да закажете термин телефонски, резервација ќе добиете за околу еден месец. Закажувањето преку интернет не успева лесно, па опцијата е да се јавите телефонски. Побрзо термин се добива само по итна постапка, за неколку дена, ама се плаќа три пати поскапо.

Стотици илјади лични документи за неколку месеци

Според податоците, кои Радио Слободна Европа ги доби во мај годинава, тогаш само 40 отсто од важечките пасоши беа со новото име „Република Северна Македонија“. Според овие бројки, оттогаш до 12 февруари требаше да се заменат околу еден милион важечки пасоши на граѓаните. Бројките покажуваат дека за промена на еден милион пасоши, во државната каса треба да легнат над 32 милиони евра, доколку сите граѓани се одлучат да ги променат.

Побаравме од МВР нови податоци, но до објавувањето на текстот не ги добивме овие информации.

Дилемата е дали постојат некви опции, односно дали Министерството за надворешни работи (МНР) размислува рокот да биде пролонгиран за оние граѓани кои нема да успеат да ги променат своите лични документи. Одговор не добивме од министерот за надворешни работи Бујар Османи до објавувањето на текстот.

Преспанскиот договор со Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Но, критиките до институциите се дека иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019-та година, тие не започнаа навреме да издаваат лични документи со новото име Република Северна Македонија.

Така, граѓаните кои вадеа лични документите во текот на 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија. Сега тие одново треба плаќаат за нови документи.

Освен промената на важечките документи, граѓаните сега за нив ќе плаќаат и повисока цена, откако Владата во март донесе таква одлука. Пасошите ќе чинат 500 денари повеќе за возрасните граѓани над 27 години. Тие ќе треба да платат 2.300 денари за патна исправа. Оваа цена е за целата постапка, вклучително со пресметаните трошоци за таксени марки. Поскапо за 1.600 денари ќе чини пасош по итна постапка, односно вкупно 6.100 денари.

Промената на сите документи за едно четиричлено семејство со двајца возрасни и две малолетни деца ќе чини околу 180 евра. Освен пасош, со новите цени, треба да дадат по 310 денари за лична карта, 520 денари за една возачка дозвола, 250 за сообраќајна дозвола и 1.250 денари за промена на таблички за еден автомобил.

Цените на пасошите за деца останаа исти 1600 денари, а за деца од 4 до 18 години 1700 денари. Возачка дозвола по итна постапка изнесува 1.230 денари што е зголемување за 390 денари.

Два преодни периода според Преспанскиот договор

Според Преспанскиот договор, земјава се обврза на два преодни периода во однос на издадените постоечки документи и материјали - еден „технички“ и еден „политички“:

„Техничкиот“ преоден период значи дека сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но и оние кои може да се користат и надвор од државата, нивната важност треба да се обновува во согласност со новото име.

„Политичкиот“ преоден период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба. Во текстот од Договорот се вели дека Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со членот 1, став 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG