Достапни линкови

Комуналците протестираат, Скопје се затрупува со смет

Главниот град Скопје неколку денови е затрупан во смет и отпадоци од домаќинствата поради протест на вработени во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кои бараат повисоки плати, К-15, бенифициран стаж и враќање на работа на отпуштените работници.

Комуналците не ги празнат контејнерите, па граѓаните се принудени отпадоците од дома да ги оставаат покрај контејнерите и кантите за смет од што со денови се шири неподнослива смрдеа низ скопските населби, а уличните кучиња и мачки ги разнесуваат фрлените ќеси.

Владејачкиот СДСМ за оваа ситуација ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а тие пак ја обвинија градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Таа, пак, вели дека ова е сценарио на ВМРО-ДПМНЕ, партија која на изборите за градоначалник на Скопје ја поддржа актуелната градоначалничка. Дел од градоначалниците на скопските општини најавија кривична пријава за Арсовска.

Од „Комунална“ рекоа дека ќе го исчистат централното градско подрачје, а дел од Општините во градот најавија дека сами ќе се организираат за чистење на локално ниво.


Категории

XS
SM
MD
LG