Вести
Јужна Кореја планира разговори со САД поради протечените документи

Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја денеска соопшти дека ќе побара од Соединетите држави да преземат соодветни мерки во врска со извештаите за наводно шпионирање на највисоките американски безбедносни функционери, штом ќе се потврдат деталите за случајот, објави новинската агенција Јонхап.
Претседателската канцеларија, исто така, соопшти дека проверката на фактите е главен приоритет и дека не може да се исклучи потенцијалното искривување на разузнавањето и мешањето на трета страна во процесот, објави друга новинска агенција, ИТН.
Претходно, јужнокорејски официјален претставник изјави за Ројтерс дека Јужна Кореја знаела за вестите за протекување на неколку доверливи американски воени документи и планира да разговара со Соединетите држави за „прашањата што се покренати“ како резултат на истекувањето.
Неодамна на социјалните мрежи беа објавени неколку доверливи американски воени документи кои нудат делумна, едномесечна снимка од војната во Украина, изјавија тројца американски претставници во петокот за Ројтерс, додавајќи дека Русија или проруски елементи најверојатно стојат зад протекувањето.
Ројтерс не беше во можност да ја потврди автентичноста на документите. Американското Министерство за правда соопшти дека го истражува случајот.
Еден од документите, до кои дојде Ројтерс, детално ги прикажува внатрешните дискусии меѓу највисоките јужнокорејски функционери за притисокот на САД врз Сеул да помогне во снабдувањето со оружје за Украина, како и неговата политика да не го прави тоа.
Во документот се вели дека Јужна Кореја се согласила да продаде артилериски гранати за да им помогне на Соединетите држави да ги надополнат своите резерви, инсистирајќи дека „краен корисник“ треба да биде американската војска.
Внатрешно, највисоките јужнокорејски функционери беа загрижени дека САД ќе ги пренасочат кон Украина.
Извештајот делумно се заснова на разузнавачки информации кои сугерираат дека САД ја шпионирале Јужна Кореја, еден од нејзините најважни сојузници.
Претставник на јужнокорејскиот претседател, зборувајќи со новинарите, одби да одговори на прашања за американското шпионирање или да потврди какви било детали од објавените документи.
Запрашан дали Јужна Кореја планира да поднесе протест или да бара објаснување од Соединетите Држави, функционерот, кој одби да биде идентификуван, рече дека владата ќе ги разгледа преседите и случаите во кои се вклучени други земји.
Јужна Кореја потпиша големи договори за испорака на стотици тенкови, авиони и друго оружје за Полска, членка на НАТО, откако Русија ја нападна Украина.
Претседателот Џун Сук-Јол рече дека јужнокорејскиот закон со кој се забранува испорака на оружје на земјите вклучени во конфликт го отежнува испраќањето оружје во Украина.
Претставник на Јужна Кореја изјави дека нема промена во политиката на Јужна Кореја.
Џун треба да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден на 26 април за време на државната посета на Вашингтон.
види ги сите денешни вести
Ваљбона Емини од Вреди е нова пратеничка во Собранието

Државната изборна комисија (ДИК) ќе го извести Собранието да го верификува мандатот на пратеничката Ваљбона Адили Емини, на местото на пратеникот Салим Сулејмани од коалицијата Вреди.
На денешната седница ДИК констатираше дека Адили Емини го прифаќа мандатот за што и се издава писмено уверение, а по оставката на Сулејмани.
Претходно денеска (28 мај) Собранието пред почетокот на 52. седница констираше дека престанува пратеничкиот мандат на Салим Сулејмани, кој на 18. месецов поднесе оставка од сите функции во АА, како и од функцијата пратеник во Собранието, повикувајќи се на морална, професионална и политичка одговорност, а со неговата оставката Вреди добива нов пратеник.
Во јавна изјава Сулејмани го критикуваше доближувањето до ДУИ и го оцени како „недостоен компромис“.
„Не можам да бидам дел од сојуз што прави компромиси со луѓе спомнати на меѓународни црни листи“, посочи Сулејмани.
Објасни дека неговиот влез во политиката бил мотивиран од желбата за вистинска промена, а не од лични амбиции. Тој посочи дека ДУИ е „структура поврзана со клановски и лични интереси“ и додаде дека коалицијата ВРЕДИ ја сметал за „антипод на коруптивната матрица“.
„Приближувањето на Алијанса за Албанците до ДУИ е предавство на ветеното и кршење на принципите“, потенцираше Сулејмани во оставката.
Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Истрагата за Кочани проширена со сопственикот на објектот во кој работела дискотеката „Пулс“

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка со која ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” спрема уште едно лице, кое исто така е осомничено како соизвршител за -Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
„Од дејствијата преземени во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека осомничениот, како сопственик на недвижниот имот – објект во кој со години функционирала дискотеката, го издавал под закуп на еден од претходно осомничените. Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/ кабаре“, соопштија од Обвинителството.
Според Правилникот за урбанистичко планирање,Г3 е наменски објект за сервиси за одржување и поправка на опрема и индустриски производи како што се сервиси за автомобили и други возила, машини, алати и инструменти, хемиско чистење.
Според истрагата дискотеката немала паркинг и пристап во случај на несреќа како што се случи таа на 16 март.
Јавното обвинителство до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки за претпазливост.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство. Со последното проширување истрагата опфаќа 69 осомничени.
Руски фабрики за дронови погодени од украински беспилотни летала

Две фабрики за дронови во близина на Москва се погодени во голем украински напад со дронови, јавија денеска (28 мај) локалните медиуми, а пренесе ДПА.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека една од целите се наоѓала во градот Зеленоград, северозападно од главниот град.
Засега нема извештаи за жртви или сериозна штета, објави тој на Телеграм.
Руските канали на Телеграм јавија дека фабрика за дронови е погодена и во градот Дубна, на околу 80 километри северно од Москва.
Според ДПА руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта, 296 украински дронови биле пресретнати над руска територија.
Бројките не можат да се потврдат од независни извори.
Операциите на неколку аеродроми во Москва и во други градови беа привремено прекинати поради нападите со дронови.
Во меѓувреме, на терен во Украина, осум лица биле повредени во близина на градот Харков во текот на ноќните руски напади со дронови, соопштија регионалните власти.
Според украинските воздухопловни сили, руските сили исто така лансирале пет балистички ракети Искандер-М, но последиците засега се нејасни.
Договорот со Обединетото Кралство усвоен од собраниска комисија за надворешна политика

Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти денеска (28 мај) беше усвоен од собраниската Комисија за надворешни работи. Предлогот е на 52. пленарна седница на Собранието.
Предлогот беше поддржан со 10 гласа „за“, и ниту еден „против“.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа поддршка од другите пратеници за овој договор, и рекоа дека тој ќе овозможи економски развој на државата, со голем број инфраструктурни проекти, што на располагање се ставаат 5 милијарди фунти.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ги посочи предностите кои државата ќе ги добие со овој договор. Стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите се дел од нив.
„Македонија ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10, во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160км на час, а другата линија за товарен транспорт. Линијата за товарен транспорт ќе ја подигне стратешката важност на Македонија и ќе го зголеми протокот на стоки низ државата од пристаништата во Грција кон Средна Европа. Само по основ на транзит, очекувано е државата секоја година да инкасира од 100 до 120 милиони евра. Ќе ја трансформираме државата на здравствен план. Овој договор ќе овозможи доизградба на Клиничкиот центар во Штип, медицински факултет и нов студентски дом, изградба на болница во Кичево и Тетово“, рече Мицевски.
Тој рече дека договорот не е класифициран и не се чува во четири ѕида како претходните на владата на СДС и ДУИ.
„Сѐ е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните. Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРОДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија“, рече Мицевски.
По постигнатиот договор за стратешко партнество со Обединетото кралство меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стамер Мицкоски што го објавија на средба во Тирана на 18 мај, македонската Влада на седница на 20 мај го усвои текстот на Договорот со кој е дефинарно партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, а Предлог законот за негова ратификација вчера беше испартен во Собранието.
Целта на Договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфратсруктурни проекти, во секторите, транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори во Република Македонија.
Планираните проекти со Договорот се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој ориентационо како што соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, би требало да чини околу милијарда и 900 милиони евра до две милијарди евра, како и изградба на Клиничката болница, Медицински факултет и Студентски дом во Штип, целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево, околу 200 милиони евра.
Областите на соработка се наведени во Анекс А, каде стои и дека ќе се реализираат и програми за развој на транспортниот Коридор 8, за развој на капацитети за сајбер безбедност и дигитална трансформација на Владата, како и за развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Во текстот на објавениот Договор стои дека покрај првичната група проекти се наведени во анекс А, а можат да се вклучат и други проекти доколку така одлучат учесниците. Во член 2, каде е уредена програмата за финансирање, е наведено дека учесниците ќе работат заедно за да идентификуваат можности за финансирање проекти, вклучително и од Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на извозот.
Преку тој инструмент за државава се ставаат на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти и финансирање кое ќе оди исклучиво со реализација на проекти.
Во член 4 е дефинирана доверливоста на договорот, каде е наведено дека учесниците прифаќаат разменување на информации за исполнување на целите, а Договорот преку три одредби. Со нив е предвидено дека учесниците можат да ги користат информациите само за намени во поддршка на овој договор и ќе ја чуваат доверливоста на информациите разменети меѓу нив, во случаи во кои кој било од учесниците е законски обврзан да открие информации согласно важечкото законодавство или според судска наредба или заради друга причина, меѓу себе треба да се известат пред да ги откријат информациите.
Зеленски предлага тројна средба меѓу него, Трамп и Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на тројна средба со Доналд Трамп и Владимир Путин, како обид да ја принуди Москва да ја запре инвазијата врз Украина.
„Ако на Путин не му е удобно да има билатерален состанок или ако сите сакаат тоа да биде трилатерален состанок, немам ништо против. Подготвен сум за секаков формат“, рече Зеленски во коментарите објавени во среда (28 мај).
Тој, исто така, рече дека „многу би сакал“ Трамп да ги погоди банкарскиот и енергетскиот сектор на Русија со пакет строги санкции како одговор на бранот руски воздушни напади и одбивањето на Москва да се согласи на прекин на огнот.
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го нападна лидерот на Кремљ, Владимир Путин, откако Русија на 26 мај го заврши тридневното бомбардирање со својот најголем воздушен напад во војната што трае повеќе од три години.
Трамп рече дека досега ја „заштитил“ Русија од болни мерки, но наговести дека губи трпение бидејќи Путин продолжува да го игнорира неговиот притисок за прекин на огнот.
„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека ако не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, и мислам НАВИСТИНА ЛОШО. Тој си игра со оган!“ рече тој во објава од 27 мај на мрежата Truth Social.
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, одговори на критиките на Трамп алудирајќи на Третата светска војна.
„Во врска со зборовите на Трамп за „си игра со оган“ и „со навистина лоши работи“ што ѝ се случуваат на Русија. Знам само за едно НАВИСТИНА ЛОШО нешто - Трета светска војна. Се надевам дека Трамп го разбира тоа!“ , напиша Медведев на мрежата X.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќе од 900 ракети биле испукани врз украински цели во текот на тридневниот период што заврши рано на 26 мај. Тринаесет цивили биле убиени во нападите што се случија на 25 мај. Москва соопшти дека погодила само „воени цели“ во Украина.
Нападот од 26 мај беше најголемиот откако Русија ја започна својата инвазија пред повеќе од три години. Тоа се случи еден ден откако Трамп на социјалните мрежи објави дека Путин е „целосно луд“.
Повеќе европски држави ја повикаа Унгарија да ги ревидира мерките кон ЛГБТ+ лицата

Белгија и уште 16 земји од Европската Унија објавија заедничко соопштение во кое изразуваат „длабока загриженост“ поради кршењето на основните права на ЛГБТ+ лицата во Унгарија и ја повикуваат да ги ревидира новововедените мерки и да се усогласи со своите меѓународни обврски.
„Длабоко сме загрижени поради неодамнешните правосудни и уставни амандмани кои ги кршат основните права на ЛГБТКЈУ+ лицата, усвоени од унгарскиот парламент на 18 март и 14 април 2025 година, по другите анти-ЛГБТ+ закони веќе воведени во претходните години“, пишува во соопштението објавено на Х, потпишано од, меѓу другите, Шведска, Австрија, Франција, Германија и Словенија.
Како што се посочува, „под изговор за заштита на децата“, овие правосудни амандмани дозволуваат воведување парични казни за учесниците и организаторите на настани како што се годишните прослави на гордоста, дозволуваат употреба на софтвер за препознавање лица на такви настани и забрана на такви настани.
„Загрижени сме поради импликациите на ваквите мерки врз слободата на изразување, правото на мирно собирање и правата на приватност“, пишува во објавата.
Во неа се додава дека потписниците се „загрижени“ од развојот на настаните кои, како што се вели, „се спротивни на основните вредности на човековото достоинство, слобода, еднаквост и почитување на човековите права, како што е наведено во член два од Договорот за Европската Унија“.
Исто така се посочува дека почитувањето и заштитата на човековите права и основните слободи на сите луѓе, вклучувајќи ги и ЛГБТ+ лицата, се составен дел од припадноста на европското семејство и дека тоа е одговорност и преземена обврска на земјите членки на ЕУ и европските институции.
Унгарија се повикува да ги ревидира овие мерки и да осигури дека човековите права и основните слободи на сите нејзини граѓани се почитуваат и се заштитени и се усогласени со меѓународни обврски.
Исто така, се истакнува дека посочените земји ја делат загриженоста на Европската комисија во врска со ова и ја повикуваат Комисијата да ги искористи алатките на владеењето на правото што ѝ се на располагање во случај Унгарија да не ги ревидира овие мерки на соодветен начин.
ОН: Израел ги игнорира „фундаменталните принципи на човештвото“ во Газа

Високиот претставник на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека воените акции на Израел во Појасот Газа повеќе не се опфатени со принципот на самоодбрана според меѓународното право.
„Зборуваме за протерување кое е многу, многу сомнително“, изјави Турк за австриското радио, осврнувајќи се на ефектот од војната врз цивилното население.
„Она што го видовме во последните месеци нема никаква врска со почитувањето на основните принципи на човештвото. Навистина не можете да најдете повеќе зборови за да опишете што се случува“, изјави Турк.
Тој порача дека пријателите на Израел, мора да извршат огромен дипломатски притисок врз земјата за да го промени своето однесување.
Израелската армија неодамна изјави дека ја продолжува својата војна против палестинската исламистичка група Хамас со проширување на воената зона и повикувајќи ги жителите на повеќето места во јужниот дел на Појасот Газа да го напуштат регионот. Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и од Евопската Унија.
Според властите во Газа предводени од Хамас, војната во Газа одзеде повеќе од 53 000 палестински животи.
Таа беше предизвикана од најлошиот масакр во историјата на Израел, извршен од терористи од Хамас и други групи на 7 октомври 2023 година. Околу 1200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 беа земени како заложници во Појасот Газа.
Уапсен е поранешниот близок соработник на екс премиерот на Грузија, Иванишвили

Поранешен близок соработник на основачот на грузиската владејачка партија, Биѕина Иванишвили, е уапсен во близина на границата со Ерменија, соопштија властите, неколку месеци откако тој тајно избегал од земјата за време на кривична постапка за која вели дека е политички мотивирана.
Во соопштението од 27 мај, Државната безбедносна служба на Грузија соопшти дека Ѓорѓи Бачиашвили бил приведен еден ден претходно откако добила, како што наведува, анонимна дојава за неговото местоположба.
Фирмата на британскиот адвокат Роберт Амстердам изјави дека Бачиашвили „се соочува со непосреден ризик од тортура“ по она што го нарече негово „присилно враќање“ во Грузија, каде што судот во Тбилиси го осуди за проневера и перење пари, осудувајќи го во отсуство на 11 години затвор кратко време по неговото бегство.
Повеќе од една деценија, Бачиашвили беше близок соработник на Иванишвили, милијардерот и бизнисмен кој беше премиер во 2012-13 година откако неговата партија „Грузиски сон“ победи на изборите и сè уште се смета за де факто владетел на јужнокавкаската земја.
Но, двајцата се скараа и во 2023 година беше покренат случај против Бачиашвили, поранешниот шеф на суверен фонд за богатство основан од Иванишвили, врз основа на изјава од поранешниот премиер.
Обвинителите го обвинија Бачиашвили за злоупотреба на речиси 40 милиони долари криптовалути, а тој беше ослободен со кауција од 2,5 милиони лари (912.000 американски долари) во јули 2023 година. Тој успеа да избегне надзор и избега од Грузија на почетокот на март оваа година.
Во интервју објавено во „Гардијан“ на 26 март, Бачиашвили рече дека бил „десна рака“ на Иванишвили пред да се скараат.
Тој тврдеше дека Иванишвили „ќе ја жртвува земјата, секој интерес за негова лична благосостојба и безбедност“.
Во изјавата од „Амстердам и партнерс“ се тврди дека Бачиашвили „бил цел на интензивирана кампања на политички прогон оркестрирана од Биѕина Иванишвили“.
Засега нема коментар од Иванишвили.
Гаши: Мнозинството е стабилно, ќе работиме со полн капацитет

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска (27 мај) посочи дека мнозинството останува стабилно и оти Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет.
„Мнозинството е стабилно. Нема никаква дилема околу тоа дали имаме мнозинство, се работи за преминување на една од политичките партии во опозиција, но гледате дека неколку пратеници остануваат дел од „Влен“. Мислам дека Владата и парламентарното мнозинство ќе работат со полн капацитет“, изјави Гаши одговорајќи на новинарско прашање, пред почетокот на Балканскиот Самит на Алумни Асоцијацијата.
Прашан кога ќе се избере новиот министер за здравство, Гаши одговори дека најпрвин премиерот треба да го предложи новиот министер, тој предлог да биде ставен на дневен ред и потоа ќе биде доставен до сите пратеници во Собранието.
„Како што знаете, и по Закон и по Деловник, предлогот доаѓа од Владата. Премиерот треба да предложи нов министер. Кога ќе дојде на дневен ред предлогот, тој предлог веднаш во Собранието ќе биде доставен до сите пратеници и ќе ја ставиме на првата наредна седница“, посочи Гаши.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити информираше дека се работи на предлозите за министри и дека тие деновиве ќе бидат доставени до Владата. Како што истакна Меџити, се комплетира листата и со членови на Владата и со заменици и со други позиции.
Првиот вицепремиер смета дека Азир Алиу е најдобар предлог за министер за здравство, како и дека новиот директор на Центарот за управување со кризи од Вреди може да го надмине темпото на работа на досегашниот Стојанчер Ангелов.
Меџити информира и дека вчера (26 мај) 10 членови од Алијанса за Албанците на чело со Арбен Фетаи се вклучиле во претседателството на Вреди. На синоќешниот состанок на партиското централно претседателство избран е Аднан Азизи за шеф на штабот, тој елаборирал за формираниот тим и за отворањето штабови во сите градови каде Вреди претендира за локалните избори.
Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
Двајца мигранти се критично повредени во судир во близина на Сараево

Двајца мажи кои биле повредени во судир меѓу мигранти во камп во близина на Сараево се во опасност, објави Министерството за внатрешни работи (МВР) на сараевскиот кантон на 27 мај.
Според полицијата, од шесте повредени мажи, кај пет биле констатирани сериозни телесни повреди, додека за еден маж лекарите не коментирале за степенот на повредите.
Двајца мажи чии животи се во опасност се во Клиничкиот центар во Сараево.
Меѓу повредените се еден Пакистанец и пет Авганистанци.
Полицијата изјави дека во текот на ноќта неколку лица биле испрашувани како сведоци.
Во службените простории на Полициската управа на Кантонот Сараево моментално има неколку лица со статус на осомничени.
Кампот Блажуј е еден од четирите прифатни центри за мигранти во Босна и Херцеговина. Според податоците од Меѓународната организација за миграција (ИОМ), на почетокот на мај, во овој камп имало околу 320 лица од вкупно околу 540 во четири кампа.
Во исто време, Хјуман рајтс воч на 26 мај предупреди дека третманот на притворените мигранти во Босна и Херцеговина (БиХ) треба да предизвика загриженост кај владите кои размислуваат за испраќање дополнителни мигранти во земјата.
Процедуралните одложувања, ограничениот пристап до адвокати и загриженоста за условите и пристапот до услугите ги ставаат мигрантите во опасност, соопшти ХРВ во соопштението од 26 мај.
Како што пишува ХРВ, владата на Обединетото Кралство ја предложи БиХ, заедно со Србија и Албанија, како потенцијални локации на Балканот за центар за враќање. Барателите на азил од други земји чии барања се одбиени ќе бидат испратени таму, додека да се организира нивното враќање во нивните земји на потекло или во други трети земји.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете