Достапни линкови

Ескобар: Борбата против корупцијата треба да ја водат домашните институции


Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД
Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД

Американските санкции од црната листа, не треба да бидат замена за домашните процеси и институции што треба да осигураат владеење на правото во Северна Македонија, порача американскиот заменик-помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. На денешниот брифинг тој повтори дека Западен Балкан останува висок приоритет за САД, а го поздрави и предлогот на ЕУ за нормализација на односите на Косово и Србија.

Иако не спомена конкретни имиња на македонски функционери кои би можеле да се најдат на црната листа на санкции на Соединетите Држави, Габриел Ескобар, американскиот заменик-помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан, порача дека САД ќе ја продолжат борбата против корупцијата во регионот и пошироко.

На денешниот онлајн брифинг со новинари, тој сепак нагласи дека американските санкции не треба да бидат замена за домашните процеси и институции кои треба да осигураат владеење на правото.

„Верувам дека најдобар начин да се борите против корупцијата, не е преку американска санкции, туку преку домашните истраги и домашните институции, преку зацврстување на владеењето на правото. Нашите санкции не се замена за домашните процеси и институции кои се тука за да го промовираат владеењето на правото. Јас ги охрабрувам владата на Северна Македонија и сите влади во земјите од Западен Балкан да се посветат на борбата против корупцијата, која е нешто што им е заедничко на сите шест земји и единственото нешто важно за нивниот економски и демократски капацитет“, рече Ескобар.

Високиот американски претставник не сакаше да ги коментира моменталните односи помеѓу Македонија и Бугарија, но порача дека и двете земји се значајни НАТО партнери. Повтори дека Соединетите Држави остануваат силен поддржувач на македонското членство во Европската Унија.

„Ќе продолжиме да работиме со владата на Северна Македонија за да и помогнеме да ги оствари евроинтегративните аспирации. Тие се многу важен партнер на НАТО и можам да ги осигурам сите во ЕУ дека доколку станат членка на Унијата ќе бидат доверлива, продуктивна и солидна членка во ЕУ “, изјави Ескобар.

Главната тема на денешниот брифинг беше всушност Бриселскиот договор за нормализација на дијалогот меѓу Косово и Приштина, кој како што информираше Ескобар, е целосно поддржан од Соединетите Држави, иако САД не се дел од преговарачкиот процес.

Американскиот пратеник за Западен Балкан оцени дека договорот на лидерите на Србија и на Косово на средбата во Брисел во понеделникот, на 27 февруари, е важен чекор, но дека претстои напорна работа за спроведување на договорот со анексот за спроведување, каде , како што рече, американската страна сака да види забрзани чекори.

„Целосно го поддржуваме европскиот процес за олеснување на дијалогот меѓу Србија и Косово. Ние не сме дел од овој процес, тој е процес на ЕУ, но ние ќе го поддржиме процесот за нормализација на кој било друг начин, политички, финансиски итн. Вчерашниот договор во Брисел го поздравуваме, како голем чекор, иако потешкиот дел на имплементација останува, и сакаме да видиме дека двете страни ќе работат на брзо спроведување на анексот за имплементација на договорот“, порача Ескобар.

Тој потенцираше дека Заедницата на општини со српско мнозинство е обврска која мора да се спроведе. Потсети дека таа обврска произлегува од 2013 година и дека е дел и од постоечкиот европски предлог.

„Ова барање е претставено во Бриселскиот договор. Постои очекување таа да се формира. Нашиот став е да се формираме на начин што ќе биде вин-вин за двете страни“, рече Ескобар.

Тој потврди дека европскиот предлог не се однесува на меѓусебно признавање, туку на нормализација, но го повтори американскиот став дека евентуално, треба да се постигне признавање.

„Само затоа што го поддржуваме (европскиот) договор во овој момент не значи дека не веруваме дека, за да биде регионот здрав, сите земји во регионот треба да се признаат меѓусебно“, рече американскиот пратеник за Западен Балкан.

Ескобар брифираше еден ден откако косовскиот премиер и српскиот претседател, Албин Курти и Александар Вучиќ се усогласија околу договорот за идните односи на двете страни, додека преговорите за спроведување на договорот допрва претстојат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG