Достапни линкови

Колку Кина „не“ споделува информации за коронавирусот?


Илустрација
Илустрација

Кина се бори со огромен пораст на нови инфекции на коронавирусот. Властите не ги објавуваат сите бројки на починати, заразени и хоспитализирани, па СЗО бара од Кина точни бројки. 10 земји вклучително и САД, ќе ги тестираат патниците кои доаѓаат од Кина. ЕУ ги повика своите членки да го сторат истото. Извор АП

Додека Ковид-19 ја соборува Кина со пораст на нови позитивни случаи, Светската здравствена организација и другите земји бараат од кинеската Влада да споделува подетални информации за ширењето на заразата. Според некои, бројот на нови инфекции што го објавува кинеската влада е нереален и неточен, а изоставени се основните податоци како број на смртни случаи, хоспитализации, тешки инфекции. Додека кинеските власти се скромни со информации, Владите на околу 10 земји побараа патниците кои доаѓаат од Кина да бидат задолжително тестирани.

Загриженоста доаѓа поради стравот дека може да се создаде плодна почва за нови варијанти на коронавирусот од масовната инфекција што се развива во Кина, која би можела да се прошири и во другите земји.

Што објавува Кина, а што крие?

Кинеските здравствени власти на дневна база ги објавуваат новозаразените и оние со смртен исход од вирусот, но во овие бројки се вклучени само официјално потврдените случаи, но не на пример и другите смртни случаи кои се последица од Ковид.

“Кина сигурно прави свои студии за земање примероци, но не ги споделува во јавноста”- вели Реј Јип, кој ја основаше канцеларијата на американските центри за контрола на болести во Кина.

Па така, бројот на национално ниво во четвртокот беше 9,548 нови инфекции и само пет смртни случаи, но други локални власти и провинции објавуваат многу поразлични информации од оние на централната власт, со повисоки бројки. Жеџијанг, провинција на источниот брег, во вторникот изјавија дека забележуваат околу 1 милион нови случаи на ден.

Што се знае, а што може да се сфати?

Досега не се појавија нови варијанти на вирусот од секвенците кои ги сподели Кина. Оние “верзии” на инфекции кои ги објавува земјата, наликуваат на оние што беа забележани насекаде низ светот уште во јули. Според д-р. Гагандип Канг, кој проучува вируси на медицинсиот колеџ во Велоре, Индија, засега во податоците нема ништо особено загрижувачки.

Но сепак, тоа не спречи најмалку 10 земји, вклучувајќи ги САД, Канада, Јапонија, Јужна Кореа, Индија, Австралија, Франција, Британија, Шпанија и Италија да бараат патниците кои доаѓаат од Кина да бидат тестирани. И ЕУ ги охрабри сите нејзини земји-членки да го сторат истото уште оваа недела. За здравствените власти тестирањето ќе ја пополни онаа празнина од недостаток на информации за состојбата со коронавирусот во Кина.

Канада и Британија дури ќе бараат вирусни честички во отпадните води во авионите кои пристигнуваат од Кина.

Споделува ли Кина доволно информации?

Кинеските власти тврдат дека споделуваат, додека СЗО пак, бара од нив повеќе- не само позитивните случаи на вирусот, туку и хоспитализации и сите смртни случаи. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, оваа недела изрази загриженост за ризикот по живот во Кина.

“Податоците остануваат суштински за СЗО да врши редовни, брзи и силни проценки на ризикот на глобалната ситуација”- соопшти Тедрос.

Според Асошиетед прес, Кинеската Влада често не открива информации пред населението, особено за нешто што би се одразило негативно на владејачката Комунистичка партија. Државните медиуми ги избегнуваат бројките на смртни случаи од вирусот, како и пациентите кои се борат за место од една болница во друга, додека здравствениот систем го достигнува капацитетот. Владините претставници ги обвинија странските медиуми дека ја преувеличуваат ситуацијата.

Подготви Тамара Дичоска

XS
SM
MD
LG