Мирно и без инциденти заврши протестот во Северна Митровица, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово. На протест повика Српска листа, водечката партија на косовските Срби, откако вчера беше донесена одлука претставниците на Србите на северот на Косово да ги напуштат косовските институции.
Претседателот на Српската листа Горан Ракиќ денеска побара формирање Заедница на општини со српско мнозинство, како што е договорено во Брисел во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија. Тој изјави и дека бараат повлекување на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со таблички на градови на Косово издадени од Србија.
Ракиќ ги повика насобраните „да не наседнуваат на провокации, да ја продолжат борбата со мирни и демократски средства“ и повтори дека тие „го бранат бриселскиот договор и меѓународното јавно право“.
Ракиќ ден претходно поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање во Владата на Аљбин Курти.
На протестот зборуваше и Игор Симиќ, кој поднесе оставка како пратеник во Собранието на Косово. Тој рече дека му дале шанса на бриселскиот дијалог, но дека повеќе не сакаат да бидат „фронт“ на косовските власти. Истакна дека припадниците на српската заедница на Косово десет години чекаат на Заедницата на општини со српско мнозинство, но дека таа се уште не е формирана.
Заедницата беше договорена во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, но Уставниот суд утврди дека некои заклучоци не се во согласност со законите на Косово.
Симиќ ги покани насобраните да го поздрават потпретседателот на Српската листа, Милан Радојчиќ, кој пак е на црната листа на Соединетите Држави поради неговата вмешаност во меѓународниот организиран криминал. Го бара и Косово, а тој е поврзан со убиството на опозицискиот српски политичар Оливер Ивановиќ.
На почетокот на протестот, вработените во образованието, здравството и во косовското правосудство се обратија пред насобраните со порака дека се против „кршењето на основните права“, дека нема да дозволат „протерување од овие простори“, додека оние од судството порачаа дека тие повеќе нема да работат за институциите на Косово.
Српската листа претходно објави дека „средбата“ се одржува со цел да се покаже единство и едногласно да и порачаат на Европа дека Србија е нивна земја.
Зошто протестираат Србите на северот на Косово?
Србите од северот на Косово вчера ги напуштија сите институции на Косово, Владата, Собранието, локалната самоуправа, судството и полицијата.
Тие побараа Владата на Косово да ја повлече одлуката за пререгистрација на табличките со ознаки на градови во Косово издадени од Србија, кои се незаконски за Косово. Главно се работи за таблички на КМ (Косовска Митровица), од кои во северните општини има околу 9 000.
На 1 ноември, Владата на Косово почна да го спроведува својот план за пререгистрација, откако меѓународната заедница побара процесот да се одложи за десет месеци. Според планот на косовските власти, од април следната година во Косово треба да бидат во употреба само регистерските таблички РКС (Република Косово).
Ваквата одлука на север не сакаше да ја спроведе директорот на полицијата за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој поради тоа беше суспендиран.
Во меѓувреме, косовскиот премиер Албин Курти ги повика припадниците на српската заедница да не ги бојкотираат или напуштаат косовските институции, да не бидат „жртва на политички манипулации и геополитички игри“.
Во објавата на Фејсбук на албански и српски јазик, Курти синоќа им порача на припадниците на српското малцинтво во земјата дека тој не е против нив, туку властите во Србија се против него.
„Ги повикувам сите српски граѓани во Косово да ги зачуваат мирот и безбедноста. Јас не сум премиер против вас, туку Белград е против мене. Јас сум премиер кој ќе ви служи вам, почитувајќи ги уставноста и законитоста на Република Косово. Мој приоритет се борбата против корупцијата, значи правдата и економскиот развој, односно вработувањето, еднаквоста и добросостојбата за сите, без оглед на етничката припадност, верата или потеклото,“ напиша Курти.
Планот на Владата на Косово за пререгистрација на регистарските таблички на РКС (Република Косово) предвидува три фази. Во првата се предупредуваат возачите, во втората може да платат казни од 150 евра, додека во третата ќе се издаваат пробни таблички. Планот е од 21 април 2023 година да може да се користат само таблите РКС.