Достапни линкови

Нередовно читање на струјомерите - повисоки сметки


Илустрација
Илустрација

Голем број на граѓани се жалат дека поради нередовно отчитување на струјомерите од страна на ЕВН, по неколку месеци добиваат висока сметка и автоматски влегуваат во најскапата тарифа за струја. ЕВН тврди секој месец се читаат броилата. До народниот правобранител секојдневно стигаат поплаки.

Човек што плаќал по 600-700 денари струја месечно, сега добил сметка од 7.000 денари.

Голем број на граѓани се жалат дека, поради нередовно отчитување на струјомерите од страна на ЕВН, по неколку месеци влегуваат во најскапата тарифа за струја и добиваат неправедно високи сметки.

Од 1 јули беа воведени четири блока за скапа струја. Семејствата што трошат повеќе, плаќаат поскапа струја. Најевтино се плаќаат првите 210 киловатчаса месечно, малку поскапо се плаќа потрошувачката меѓу 210 и 630 киловатчаса, уште поскапа меѓу 630 и 1050, а ако во месецот потрошите над 1.050 киловатчаса, тие ќе ви се пресметуваат по скоро 2,5 пати повисока цена.

Тоа значи дека ако овој месец сте потрошиле 700 киловатчаса скапа струја, а ЕВН не го прочитало броилото и паушално ви наплатило само 300 киловатчаса, останатите 400 киловатчаса ќе ги платите наредниот месец. Но проблемот е што наредниот месец, наместо потрошените 700, ќе треба да ги платите и овие 400, па тие ќе ви се тарифираат по повисока цена.

Граѓанинот со кој разговаравме вели дека ако ЕВН редовно го чита броилото, тој не би преминал во поскапата тарифа.

Новиот правилник кој беше договорен по средбата помеѓу претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски и народниот правобранител Насер Зибери, предвидуваше Електродистрибуција да мора најмалку 4 пати годишно да ги чита струјомерите.

Сепак скопјанецот за РСЕ вели дека од Електродистрибуција (ЕВН) му одговориле дека немаат обврска да го вршат отчитувањето на броилата повеќе од еднаш годишно.

ЕВН тврди отчитувањето го прават секој месец

Од ЕВН за Радио Слободна Европа одговорија дека и покрај тоа што со „Закон за енергетика“, „Мрежни правила“ и „Правила за снабдување“ е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува четири пати годишно, во интерес на корисниците, како би добиле фактура според реално потрошена електрична енергија, екипите на Електродистрибуција отчитувањето го прават секој месец.

„Се случува броилото да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), поради спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, поради непристапност до мерното место, лоши временски услови, боледувања на отчитувачи, изолација поради корона вирусот итн“, велат од ЕВН.

Додаваат дека доколку се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб страната evnonline.mk, преку маил, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енерго центри на Електродистрибуција по што службите ќе ги направат соодветните корекции.

„Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено. Доколку поради горенаведените причини не било возможно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната состојба“, велат во ЕВН.

Поплаки до Народниот правобранител

Во меѓувреме до Народниот правобранител секојдневно пристигнуваат поплаки за ЕВН, кои се однесуваат на износот на потрошена електрична енергија, каде што граѓаните добиваат повисоки сметки кои не соодвестуваат со износот на електрична енергија.

Заменик-народниот правобранител, Јован Андоновски, вели дека она што доведе до сериозен проблем и забуна кај граѓаните е дека и покрај тоа што цената порасна за 10 отсто сите добија повисоки сметки.

„Дојдовме до сознанија дека износот за пренос и дистрибуција е неколкукратно зголемен во изминатава година дена. Она што мене ме загрижува е транспарентноста на РКЕ која што иако редовно ги известува граѓаните за сите промени на цените, за топлинската енергија, за промена на цената на електричната енергија итн., сепак не најде за сходно да ги извести граѓаните дека имаме неколкукратно зголемување на износот за пренос и дистрибуција“, вели Андоновски.

Поради ова, Народниот правобранител отвори и предмет, со укажување до Регулаторната комисија за енергетика дека барем додека трае кризната состојба во државата да се врати износот којшто бил пред кризата за да можат граѓаните и фирмите да го преживеат овој тежок период, но одоговор досега немаат добиено.

„До моментов немаме повратен одговор од РКЕ дали ќе го прифати ова наше мислење и навистина очекувам од нивна страна да има поголем сенс, затоа што ниту МЕПСО како компанија ниту ЕВН како компанија која што е универзален снабдувач на електрична енергија не се компании кои што работат со загуба, така што нивното билдање финансиско на сметка на фирмите и граѓаните за мене е апсолутно неприфатливо“, вели Андоновски.

Најголемиот проблем, според него, е оној скриен надоместок кој што бил зголемен.

„На граѓаните им се споделува информација дека тие спаѓаат во таа и таа категорија, а сите добивме многу поголеми сметки од таа причина што давачката за пренос и дистрибуција е енормно зголемена“, нагласува Андоновски.

ЕВН - Целта е да се мотивираат граѓаните што повеќе да штедат

Од ЕВН пак велат дека кај домаќинствата количината на електрична енергија потрошена во висока тарифа се дели на блокови на потрошувачка, додека во ниска тарифа овие блокови не постојат.

„Целта на оваа одлука на Регулаторната комисија за енергетика е да се мотивираат граѓаните што повеќе да штедат, што е истовремено добро за нив и за енергетскиот систем“, велат оттаму и додаваат дека до кој блок на потрошувачка ќе стигне корисникот зависи од неговата потрошувачка.

Струјата во Македонија од 1 јули поскапе за просечно 7,4 отсто.

За да избегнат сметки со „паушална“ проценка за потрошената електрична енергија, воведена е можност за домаќинствата и фирмите сами да направат отчитување на нивните броила за струја и потоа да ја достават состојбата до операторот на електродистрибутивниот систем.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG