Достапни линкови

Инфлацијата ги јаде парите, државната помош може да биде повисока


Ако продолжи кризата ќе има нов сет мерки за помош
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:12 0:00

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Tрошоците за живот се зголемени за 18,7 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика, а храната е поскапена за 30 проценти. Владата донесе мерка за ранливите категории граѓани, но инфлацијата веќе ги изеде парите кои граѓаните треба да ги добијат како помош. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека помошта може да биде поголема, но посочува дека со новата мерка се опфатени голем број граѓани.

Госпоѓо Тренчевска, Владата го донесе последниот сет мерки за парична помош за социјални случаи, невработени и пензионери со ниски пензии. Зошто е донесена интервентна мерка за наредните четири месеци, а не се оди кон тоа да им се зголеми социјалната помош за луѓето?

Пред неколку дена како Влада ја донесовме одлука за нов сет на антикризни мерки, се со цел ранливата категорија на граѓани да добијат финансиска поддршка од Владата за да може полесно да ги поминат наредните четири месеци, односно зимскиот период кога и сметките за електрична енергија или потребата од кој било друг енергенс да може сето тоа полесно да го платат и едноставно да имаат повеќе приход.

Системот на социјална заштита, со реформите во 2019 година, ја зголеми социјалната гарантирана минимална помош за 300 отсто и денес едно четиричлено семејство само по основ на гарантирана минимална помош зема околу 11-12 илјади денари финансиска поддршка од државата. Во овој сет на мерки се отиде да бидат таргетирани оние граѓани кои до сега не добиле никаква финансиска поддршка, а се сметаат за ранлива категорија на граѓани, тоа се примателите на социјална сигурност за стари лица, лицата со попреченост -тука имаме две категории, децата до 26 години со попреченост кои примаат посебен додаток и лицата со попреченост од 26 години на натаму кои го оствариле правото на попреченост, тука се и граѓаните со попреченост и оние кои имаат тешка здравствена состојба, а не примаат право на попреченост, а примаат право на помош за нега од друго лице, и тука се граѓаните кои се евидентирани како невработени лица, а примаат надоместок за вработување, односно стечајните работници согласно законот за материјално обезбедување. И како најранлива категорија, покрај овие граѓани, се и пензионерите кои зимаат пензија до 14 илјади денари.

Што ќе се случува после овие четири месеци? Пак ќе се оди на некоја мерка?

Зависно од состојбата после четири месеци. Владата ќе ги разгледа сите анализи и ако има потреба секако ќе носиме нов сет на мерки за ранлива категорија на граѓани.

Примателите на гарантирана минимална помош ќе добијат по 3000 денари, надвор од правото на гарантирана минимална помош, што требаше како еднократна помош да го добијат уште пред ребалансот, но поради чекањето да помине ребалансот на Буџетот, па законските измени, ова право ќе им биде дадено сега.

И да не заборавам дека и на самохраните родители, кои се приматели на гарантирана помош ќе им се овозможи финансиска поддршка од по 3000 денари во наредните четири месеци.

Дали ова ќе биде доволно бидејќи инфлацијата веќе ги изеде парите што треба да ги земат како помош?

Дали можеше и повеќе, секако може и повеќе, меѓутоа треба да биде земено предвид дека со овој сет на мерки ние опфаќаме околу 180 илјади граѓани.

Покрај сетот на мерки што ги презедовме претходно преку измена на законската регулатива, како што е зголемување на минимална плата, усогласувањето на пензиите, тоа се политики кои значат постојан раст на платите и на пензиите и политики кои ја следат инфлацијата. И минималната плата и усогласувањето на пензиите методологијата е направена така да се следи порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. И ова е системско решавање на проблемите со порастот на платите и порастот на пензиите.

Дали сметате дека генерално во моментов се доволни парите за социјална помош, бидејќи еве во однос на минатиот септември трошоците за живот се зголемени 18, 7 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика, а храната е поскапена за 30 проценти?

Во однос на корисниците на гарантирана минимална помош, или социјална помош, во септември со исплатата имаме намалување на бројот на корисници во однос на август годинава. Во септември имаме 34. 687 домаќинства, кои добиле гарантирана минимална помош, а во август сме имале 36. 138 домаќинства. Што значи дека дел од домаќинствата што примале гарантирана минимална помош, член на семејството се вработил, односно имаат приходи во домаќинството со што им престанува правото на гарантирана минимална помош.

Интенцијата на Министерството за труд и социјална политика, намерата во наредниот период е што повеќе граѓани што се во системот на социјална заштита, односно приматели на гарантирана минимална помош да ги вклучиме, односно да ги активираме на пазарот на трудот. Активацијата е нашиот приоритет во следниот период, за да можеме не да бидат зависни од социјална заштита со години, туку со својот труд да бидат активирани на пазарот на труд.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG