Излезните анкети во Бугарија покажуваат дека централно-десничарската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на долгогодишниот лидер Бојко Борисов заврши со најголем процент од гласовите на предвремените парламентарни избори во земјата, четврти во помалку од две години.
Излезната анкета спроведена од Галуп интернешнал, од паралелното пребројување на 100 отсто од гласовите, покажа дека партијата ГЕРБ освоила 23,5 отсто, очигледно победувајќи ја реформистичката партија Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков, која има 19,5 отсто. Трета е ДПС со 15,2%.
Слични податоци има и во анкетата на Алфа Рисрч, според која ГЕРБ имаат освоено 25,5% од гласовите, ПП 19,9 отсто и ДПС со 14,4%, речиси идентично како и во анкетата на Маркет линкс, каде ГЕРБ исто има 25,5%, ПП 19%, а ДПС 13,3%.
Може да поминат неколку дена пред да бидат објавени конечните официјални резултати. Доколку тие ги потврдат излезните анкети, ќе значи дека Борисов ќе добие мандат да го формира четвртиот кабинет.
Излезноста на гласачите денеска според Галуп беше проценета на 39 отсто. Бугарите гласаа на вонредни избори, во услови кога се очекува формирање уште еден раслоен парламент и тешки разговори за формирање владејачка коалиција по гласањето.
Земјата од југоисточна Европа со речиси 7 милиони жители е зафатена од политички ќор-сокак од 2020 година, кога беше потресена од протести ширум земјата, додека зовриваше гневот на јавноста поради годините корупција. Голем дел од гневот беше насочен кон долгогодишниот водач Борисов и неговата партија ГЕРБ.
Последната влада, предводена од Кирил Петков, пропадна во јуни по само шест месеци кога еден од нејзините коалициски партнери поднесе оставка. Петков, кој ја предводи про-реформската партија ПП, се бореше да го исполни своето ветување за сузбивање на корупцијата.
Тој, исто така, ја поддржа Украина во нејзината борба против Русија, земја која е традиционално пријателска кон Москва, и го обвини Кремљ дека помага во оркестрирањето на колапсот на неговата влада, која одби да плати за гас во рубли како што бараше Русија.
Откако го даде својот глас, Борисов им рече на новинарите дека Бугарија треба јасно да се позиционира за тековната руска војна во Украина.
„Со оваа агресија, со оваа војна со јасен агресор во лицето на (рускиот претседател Владимир) Путин, немам ништо против рускиот народ, со оваа фарса со референдумите, Бугарија мора да биде многу јасна, категорична и прецизна за нејзиното место во Европската унија и НАТО“, рече тој, додавајќи дека влезот на Бугарија во еврозоната треба да биде првата и најважна задача.
Петков пак во изјавата непосредно по гласањето, беше уверен дека гласањето ќе даде позитивни резултати за неговата партија.
„По овие избори, ќе направиме коалиција со бугарскиот народ. Денешните избори се многу важни. Изборот е помеѓу враќање во годините на транзицијата или прекинување на овој период еднаш засекогаш и упатување кон нова просперитетна и реформирана Бугарија. Верувам дека сите Бугари денес ќе го направат изборот Бугарија да оди напред“, рече Петков по гласањето.
Според податоците на агенцијата Галуп, осум партии го надминуваат прагот од 4 отсто потребен за влез во парламентот и место во законодавниот дом од 240 членови.
Една од нив екстремно десничарската партија Преродба, која според оваа анкета има 10,1% од гласовите, а се обиде да го искористи бранот на популизам што ја зафати Европа, како пробивот на екстремната десница во Италија и Шведска, поттикната од економските стравови и несигурност прво поради пандемијата, а сега и од неиспровоцираната инвазија на Русија на Украина.
Партијата „Преродба“ вети дека ќе ја извади Бугарија од ЕУ и НАТО и ќе ги унапреди пријателските политики кон Кремљ. Иако многу експерти ја отфрлија антизападната реторика на оваа партија како нешто повеќе од предизборна кампања, тие предупредуваат дека партијата ги исполнува барањата на Кремљ.
Инаку на овие избори право на глас имаа 6 602 990 бугарски граѓани запишани во избирачкиот список, на 11 636 избирачки места. На најголемиот дел од нив беше предвидено да се гласа на гласачки машини, во 1 105 избирачки места на два апарати, додека во 2 785 места, претежно помали градови и села, бугарските граѓани можеа да гласаат само со хартиени ливчиња.
Регистриран беше и зголемен број отворени избирачки места во странство, што на бугарските државјани надвор од земјата им даде можност да гласаат во максимален број.
Така, во Македонија, Бугарите имаа можност за гласање во седум града, односно во Скопје, Битола, Охрид, Велес, Кавадарци, Прилеп и во Струмица. Последниот попис во земјава покажа дека тука живеат 3 054 Бугари, покрај тврдењата на бугарските политичари дека тој број изнесува над 100 илјади. Според податоците од Бугарската изборна комисија, официјално во Македонија за гласање се пријавиле 181 граѓанин.
На предвремените избори во Бугарија учествуваа 28 политики формации, од кои 22 се политички партии, а шест се коалиции. Според родовата застапеност, вкупно 1 954 жени и 4 670 мажи се бореа за место во бугарскиот парламент.
Централната изборна комисија (ЦИК) соопшти дека до нив, до 17:30 часот пристигнале 7 приговори и 66 пријави за изборни прекршоци, меѓу кои и пријави за прекршување на социјалните мрежи, но и информации дека набљудувачите не се пропуштаат на гласачкото место.
Избирачките места беа отворени во 7:00 по локално време, а гласањето траеше до 20:00 часот.