Достапни линкови

Прва средба на Џинпинг и Путин од почетокот на инвазијата врз Украина


Претседателите на Кина и на Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин
Претседателите на Кина и на Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин треба за прв пат да се сретнат од почетокот на руската инвазија врз Украина. Тие ќе се состанат на самитот на азиски лидери во Узбекистан кој се одржува неделава.

Оваа средба треба да доведе до јакнење на нивната позиција во дома и во странство, како и во меѓусебните односи на двете земји наспроти либералните демократски вредности, анализираат странските медиуми.

Деликатно време

Состанокот меѓу Џинпинг и Путин ќе се оддржи во рамките на самитот на Шангајската организација за соработка, во рамките на политичкиот, економскиот и безбедносен форум на 15 и 16 септември.

Овој состанок може да сигнализира засилување на односите меѓу двете светски сили кои веќе се соочуваат со тензии од Западот, пишува новинската агенција Асошиетед Прес. Средбата доаѓа во деликатно време за двајцата лидери, се истакнува во анализата на АП. Путин се соочува со економски и политички последици поради неговата инвазија врз Украина, со што Русија остана изолирана, додека Си Џинпинг се соочува со тензии од Западот поради статусот на Тајван и третманот кон Ујгурите, и другите муслимански и етнички групи.

Аналитичарите сметаат дека рускиот и кинескиот лидер може да се надеваат дека овој состанок ќе им донесе јакнење на нивната позиција во нивните земји и странство, додека Русија и Кина се повеќе ја усогласуваат надворешната политика со цел да им се спротивстават на либералните демократски сили во Азија, Европа и пошироко, заложувајќи се за авторитарно владеење.

Нивната последна средба беше на Олимписките игри во Пекинг во февруари неколку дена пред Кремљ да ги испрати своите трупи во Украина. Двајцата претседатели тогаш надгледуваа потпишување на меморандум со кој е нагласено дека во нивните меѓусебни односи „нема да има ограничувања“.

Во меѓувреме се уште е нејасно дали кинескиот претседател во тоа време знаел за плановите на Русија да ја нападне Украина, пишува Асошиетед прес. Во анализата е посочено дека Кина со својата премолчана поддршка за руската воена кампања, настојува да изгледа неутрално со што ги избегнува можните последици од меѓународни санкции.

Иако Москва и Пекинг во минатото ја отфрлаа можноста за создавање на воен сојуз, Путин изјави дека таквата перспектива во иднина не може да се отфрли во целост. Тој додаде дека Русија споделува со Кина многу чуствителна воена технологија што и помогнало на Москва во значајно јакнење на одбранбените способности.

Пофалби од пријатели

Очекуваниот состанок меѓу кинескиот и рускиот претседател на Самитот на Шангајската организација за соработка, ќе биде прва средба од инвазијата врз Украина и ќе ја сигнализира важноста од јакнењето на односите со Кина, анализира Си еН еН. На овој Самит ќе учествуваат и лидерите на осумте земји членки, - Индија, Пакистан и четирите земји од Централна Азија. Посетата на Централна Азија за Си Џинпинг ќе биде прва официјална посета по две и пол години од почетокот на пандемијата со корона вирусот.

Ова патување е во пресрет на големиот политички состанок во Пекинг на кој се очекува тој да ја прекине традицијата и да го преземе третиот мандат на власт зацврстувајќи си ја својата улога како најмоќен кинески лидер во последните неколку децении.

Вонредниот професор на Националниот универзитет во Сингапур Алфред Ву изјави дека одлуката на кинескиот претседател да отпатува на само неколку недели пред одржувањето на 20 – тиот Конгрес на Комунистичката партија може да се протолкува како знак на самодоверба и сила на лидерот, односно да покаже оти одлуката за негов трет мандат е најверојатно донесена.

Професорот Ву смета дека не е за изненадување одлуката на кинескиот претседател да се сретне со рускиот колега наместо со лидерите од ЕУ или САД на неговото прво патување во странство по пандемијата.

„ Ако оди во САД или Европа, веројатно ќе треба да се соочи со многу предизвици, а вака кога оди да се види со Путин, ќе добие секакви пофалби од својот како што порано го нарекуваше, најдобар и најдраг пријател“, вели Ву.

Кина, како што се вели во известувањето на Си еН еН, до сега одбиваше да го осуди нападот на Русија против Украина, додека кинеските енергетски компании ги купуваа руските залихи на енергија. Рускиот енергетски гигант Гаспром на 6 септември соопшти дека потпишал договор за плаќање на испораката на гас за Кина во домашни валути, односно во јуани и рубљи наместо во долари.

Симболика на кинеско-рускиот сојуз

Минатонеделната економска конференција во Владивосток на Далечниот исток беше прилика за Путин да ја најави можноста од средба „лице в лице“ со својот кинески колега на Самиот во Узбекистан со цел проширување на односите со Кина која ја нарекува „стабилен и лојален партнер“ пишува Њујорк Тајмс.

Економската конференција вклучува и разговори за изградба на гасоводот до Кина со кој би се снабдувал со гас цел сибирски регион. Овој гас претходно беше наменет за европските земји.

Путин на една од сесиите одговори дека Москва и Пекинг може да се договорат околу параметрите на новиот гасовод, додека Русија од своја страна и понудила на Кина геополитичка поддршка околу Тајван. Исто така месецов руската војска им беше домаќин на кинеските трупи со кои заедно спроведоа воени вежби на Далечниот Исток.

Клуб на антизападни дикатори

На самитот на Шангајската организација за соработка која од своето основање во 1996 година не го привлекувала глобалното внимание, покрај авторитарните лидери Путин и Џинпинг ќе им се придружи и иранскиот претседател Ибрахим Раиси на кого ќе му биде понудено полноправно членство, пишува „Тајмс“.

Покрај Кина и Русија, во оваа организација членуваат и Индија, Пакистан, Таџикистан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан. Нивните лидери ќе се сретнат во четврток во древниот узбекистански град Самарканд, на стариот трговски пат познат како „Пат на свилата“.

Меѓународната организација за заштита на човековите права ја опишува Шангајската организација за соработка како средство за кршење на човековите права, додека други критичари ја гледаат како сојуз на моќници што му се спротивставуваат на Западот и демократските вредности, пишува лондонски Тајмс.

Покрај Иран и Белорусија наскоро најверојатно ќе биде примена во овој сојуз како полноправна членка. Таа засега има статус на земја набљудувач. Лондонскиот Тајмс посочува дека е можно и Турција, која е земја членка на НАТО, да ја разгледа опцијата за аплицирање во оваа организација. Таа засега е еден од партнерите во дијалог со Шангајската организација за соработка, а статус ќе им биде понуден и на Саудиска Арабија и Катар.

„Почна како лабава група која не направила ништо повеќе од тоа да им остава простор на своите членови за разговори. Сега добива членови нови и расте, почнува да се појавува како институција со голем капацитет и сила,“ изјави еден од членовите на американскиот Совет за надворешни работи Чарлс Капчан .

Некои западни критичари оваа група ја опишуваат како клуб на диктатори, кои има за цел да го избрише европскиот печат од евроазиското срце.
Но, можно е да имаат поголема амбиција. Денешниот геополитички поредок со војната во Европа, му остава простор на кинескиот „клуб на автократи“ да понуди на светот нов поглед на антизападен светски поредок, пишува лондонскиот Тајмс.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG