Достапни линкови

Дали новите бугарски документи ќе ги закочат преговорите?


Румен Радев, претседател и Галаб Донев, технички премиер
Румен Радев, претседател и Галаб Донев, технички премиер

Новиот писмен документ кој ќе ги дефинира обврските во дијалогот со Македонија, што го најави бугарскиот шеф на дипломатијата Николај Милков, за македонското МНР е само за внатрешна употреба. Опозицијата и експертите се сомневаат дека следуваат нови, тврди бугарски условувања.

Македонското министерство за надворешни работи ги отфрла сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол. Реакцијата на МНР следува откако вчера новиот шеф на бугарската дипломатија Николај Милков најави усвојување на писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски за дијалогот со Македонија.

Од нашето министерство велат дека со внимание го следат процесот на формирање на Службената Влада на Република Бугарија и развојот на внатрешните и надворешните политики.

„Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата Влада се внатрешна работа на Република Бугарија и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори. Оттука сакаме да ги отфрлиме сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол кои значат: прво реципроцитет во рамките на преземените обврски; како и автономија на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“, се наведува во соопштението од МНР.

Бугарскиот министер Милков вчера изјави дека е потребна координација на различни институции, за да се донесе писмен документ кој како што рече, „ќе ги дефинира задачите на различни институции, организации во однос на тоа што треба да се направи во иднина во нашите односи со Северна Македонија, за да се постигне систематски пристап, јасно да се напишат задачите и одговорностите, за да може да се очекуваат и резултати“.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак се сомневаат дека новиот документ за кој зборува Милков е уште едно предавство на македонскиот идентитет. Оттаму ги повикаа министрите Османи и Маричиќ и премиерот Димитар Ковачевски да одговорат што содржат овие нови документи, кои се новите барања и услови?

„Додека се обидуваа од петни жили да ја убедат македонската јавност дека со Протоколот се затвораат сите услови и барање од страна на Бугарија, за нецел месец, повторно добиваме нови услови и нови барања за исполнување,“ реагираат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Нов документ-нова блокада во процесот на македонските евроинтеграции

Дел од домашните аналитичари пак се сомневаат дека документот кој го најавува бугарската страна ќе го закочи процесот на проширување поради огромниот отпор на општеството, но и дека ќе креира регионална нестабилност.

Марко Трошановски, претседател на Институот за демократија потсетува дека како и со претходната техничка влада така и со оваа, со земјата раководи претседателот Румен Радев, кој како што додава, е застапник на тврдата линија во билатералните односи меѓу Бугарија и Македонија.

„Очекувам овој документ да ги намали можностите за заобиколување или флексибилно толкување на Билатералниот протокол којшто беше потпишан и да и ги врзе рацете на некоја друга идна влада во нејзиниот евентуален добронамерен пристап. Овој документ би ги стеснил маневарските рамки и би инсистирал таа да не излегува од некои тврди бугарски националистички позиции, што всушност значи забарикадирање на процесот на проширување и зголемена ранливост на регионот од руско влијание“, вели Трошановски.

Билатералниот Протокол со Бугарија беше потпишан на 17 јули во рамки на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство. Протоколот го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Теодора Генчовска во Софија. Иако македонските власти тврдат дека тој не е дел од Преговарачката рамка за Македонија, Генчовска тогаш изјави дека Протоколот има конкретни рокови и тој е дел Рамката за преговори на Северна Македонија со ЕУ.

„Треба да почекаме и да видиме каков ќе биде документот, неговата форма и содржина. Документот не е предвиден со Протоколот, но исто така не е ниту забранет. Целата идеја на Протоколот беше да има пофлексибилни формулации за коишто сите апологети на тој Протокол се надеваа дека овие недокажани аспекти во истиот ќе ни помогнат да напредуваме во процесот на преговори. Меѓутоа, очигледно е дека самиот Протокол кој е дел од рамката не превенира вакви недобронамерни влади да инсистираат на документи кои би можеле да го закочат процесот на проширување,“ категоричен е Трошановски.

Откако беше потпишан Протоколот се одржа и првата меѓувладина политичка конференција на С.Македонија и ЕУ во Брисел. Сепак, фактичкиот почеток на тие преговори, односно отворање поглавја, нема да се случи додека не бидат направени измени во македонскиот устав, односно запишување и на бугарскиот народ во Уставот.

Инаку, Македонија се стекна со статусот земја кандидат за членство во ЕУ уште пред 17 години, ама не можеше да ги почне преговорите поради спорот за името со Грција. Овој спор беше решен со Преспанскиот договор, кога земјава го прифати името Република Северна Македонија, а јазикот остана македонски.

Сепак, наместо брз почеток на преговори за ЕУ, како што беше најавено од тогашните власти, блокадата стигна прво од Франција, а потоа се „бетонираше“ со бугарското вето пред 2 години. Бугарија го смета македонскиот јазик за бугарски дијалект, а има проблеми и со повеќе делови од македонската историја.

Кој е кој во новата преодна Влада на Бугарија?

Инаку новата преодна влада во Бугарија положи заклетва на 2 август. Она што е карактеристично за неа, е што како и во претходните технички влади членовите на владата се луѓе од најблиското опкружување на претседателот Румен Радев.

Од неговиот кабинет дојде новиот привремен премиер Галаб Донев кој му беше личен советник на Радев и беше вицепремиер, како и министер за труд и социјална политика во двете претходни преодни влади.

За министер за одбрана сега го именуваше Димитар Стојанов, кој од 2017 година беше главен секретар на претседателот Радев.

Во четвртата по ред техничка Влада во Бугарија речиси половината министри веќе биле назначени од бугарскиот претседател во претходните технички влади, како министерот за внатрешни Иван Демерџиев, министерот за земјоделство Јавор Гечев или Александар Пулев кој е министер за иновации. Од кабинетот на Радев доаѓа и Христо Алексиев кој е вицепремиер за економски политики и министер за транспорт и врски, а му бил и економски секретар на претседателот, а министерот за образование Сашо Пенов е член на Правниот совет на претседателот Радев.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG