Владимир Илиевски е уметник. Главно сликар кој ја претпочита безусловната слобода на мислата и делото. Импулсивен, тој наликува на џез музичар кој неуморно трага по својата импровизација. По некој нов тон, нова боја, разулавена идеја која ќе го одведе уште три чекора повисоко во облаците. Кој се преиспитува во соништата и како и сите ние, колку да не му биде здодевно, ја живее оваа и ваквата реалност. И, се разбира твори до изнемоштеност обидувајќи се да ги собере некако конците и да ја збогати сопствената колекција на немири.
Роден 1989 година во Скопје, Владимир Илиевски дипломирал како најдобар студент на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот за сликарство, во класата на професорите Вело Ташовски, Свето Манев и Благој Маневски.
За неговото сликарство најнапред ќе биде забележано дека „во голем дел е тематски фигуративно, но дека во себе ги содржи ликовноста и духот кои прават едно дело да биде занаетски, технички и емотивно-вредно, а во исто време авторот да ги претстави сопствените психолошки состојби, но и надворешните постојани или моментални особености“. Од таму, Илиевски во своите слики внесува најразлични тематски содржини. Од наједноставни обоени полиња, до ликови, портрети и сцени со фигури. Од мрачни претстави на лица, до преосветлени, ведри пејсажи. А сите нив ги поврзуваат неколку значајни чинители- динамиката, енергичноста и ритамот на потезите. Кон ова само уште информацијата дека уметникот досега има реализирано 12 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни постановки во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 2012 година, а за сопственото творештво има добиено бројни национални награди и признанија меѓу кои наградата „Вангел Коџоман“ за најуспешна реализирана изложба во периодот 2011- 2013 година, првата награда за стрип на 40. Светска галерија на карикатури на Остен, награда Експериментален цртеж на ДЛУМ во 2014, прво место на конкурсот за избор на идејно решение за изработка на бел штрк во парк Чешиново - Облешево, откупна награда „Владимир Георгиевски“ за „Автопортрет во изолација“ на Здружението за култура „Транзен“ од Струмица пред две години... и така со ред.
По само неколку месеци од пролетното претставување во Нови Сад, соседна Србија, Владимир Илиевски еве го во Галеријата на МКЦ со нова серија на слики. Кога и како настана поставката „Не е ниту сон“?
Делата на изложбата во Нови Сад беа некое очекувано продолжение на она што го работев во последните 2-3 години, и особено на минатогодишната изложба насловена „Соединување“, или “Becoming One”. Ова сега, би рекол е нешто прилично различно и поголемиот дел од сликите се насликани непосредно пред изложбата со цел да ги употребам мислите и енергијата кои ми се појавија во овој период.
Во своето обраќање до ликовната публика и македонската културна јавност велите дека тоа се всушност „слики кои се доближуваат до она што може да биде сон“? Од каде мотивот кај уметникот да зачекори на „новата планета што ја открил“? Од каде потребата да се избега од постојното, „здодевното“ како што вели?
Би рекол дека повеќе се работи за игра отколку бегство, бидејќи не постои здодевно без да постои интересно. И не може да биде сѐ и постојано интересно бидејќи во еден момент ќе стане здодевно. Па така во толкувањето на едно од делата, иако главниот и присутен лик е на нова планета и ја гледа месечината која е око, дрвјата од шлаг и облаци, клавијатурата преку белиот коњ, сепак на крајот кажува колку е тоа обично и здодевно. Слично и во односот на сонот со реалноста, понекогаш гледаме на двете како на спротивни едно од друго, но некогаш и самите знаеме дека сонот може да ни делува толку „реално“ што не сме сигурни дали е сон, или обратно, реалноста да биде како сон. Го користам тој момент бидејќи дава многу широко поле за размислување и создавање дела, но не се задржувам конкретно на сонот, па затоа и насловот е дека „не е ниту сон“. Можеби само е искористен стилот на концепција од некои сонови. Ниту една од сликите не претставува одреден сон. Уште понатаму, во некои од делата се провлекуваат и останати размислувања кои си играат со концептот на логиката. Па така планината, која е огромна и карпеста – лебди. А под неа човек сосема опуштено си лежи. Во друго дело пак, над кафезот со птици, стои петел кој се чувстува надмено и гордо во однос на птиците од кафезот, бидејќи тој е надвор од него. А она што не го сфаќа е дека тие заедно со него, се наоѓаат во уште еден поголем кафез. И дури и кога би излегол и од таму, се поставува прашањето дали би бил „надвор“ или повторно ќе биде „во нешто“.
Колку новиот момент во творештвото на Илиевски може да се смета за продолжување на неговата развојна авторска линија или, пак, можеби за „раскинување“ со она што веќе го создал? Импулсивна реакција, можеби?
Ми се допаѓа прашањево бидејќи како што работев на овие дела константно размислував за истово. Мислам дека, со одредени сегменти, како стилскиот и технички пристап, ова е продолжение на тоа што досега сум го работел, а истовремено е и сублимат на неколку од минатите серии, и токму тоа ме води кон можноста за да бидам стабилен и во импулсивната реакција која навистина ја имам постојано. Сакам да насликам облак, прикажан онаков каков што го гледаме. Но истовремено сакам да е и необично. И сакам да насликам соба. Што ако облакот е во собата? Што ако прозорот наместо на ѕидот, е на подот? Ајде да видиме!
Каде новите идеи во сликарството очекува да го одведат ? Подготвен ли е за нови потраги, експерименти... за побрзо доаѓање до материјализација на својот вител од мисли и идеи?
Бидејќи се изразувам ликовно, многу често имам повеќе идеи отколку што можам да успеам да ги материјализирам во дело. Тоа ми создава проблем кој истовремено ме учи како идејата многу често не вреди речиси ништо пред самото дело. Во моментот кога сликаме, идејата се растопува, се менува, пропаѓа. Веројатно помага како иницијатива за да се започне делото, но потоа не знаеме каде ќе не одведе. За мене е добро да не се знае. Не сакам да знам. Можеби го сликам токму тоа што не го знам (тоа што не знам како би изгледало насликано)... а тоа што го знам, можеби не би ме поттикнало да го насликам.
Што по актуелното претставување во МКЦ на оваа поставка? Ќе соберете ли сили да ја однесете на пат по Македонија, или можеби со неа да се упатите малку подалеку, во регионот...
Верувам дека барем некои од делата, ако не и целосната серија, би се нашла на уште некоја изложба, на некое ново место. Можно е за почеток да биде низ Македонија, а ќе се потрудам да биде и во некоја од соседните земји.
Што е потребно, освен талентот, идеите, писмото ... за еден автор да помисли за посигурен исчекор кон ликовниот свет? Да се обиде да биде творечки присутен таму некаде и ако е можно да живее од својата уметност? Ликовна критика, промотери, галеристи... мецени...
Да се биде творечки присутен е веројатно одлична формулација во овој контекст. Според тоа, за да се остане творечки присутен, потребна е упорност, одреденост. Ликовната уметност нуди добри можности за создавање без неопходност од тим. За разлика од другите уметнички дисциплини каде што често е потребен тим, во ликовното, голем дел од процесите може да се изведат прилично независно. Секако дека ликовната критика, галериите, и сите оние кои имаат однос кон ликовната уметност, ѝ се потребни. И взаемно таа им е потребна на нив. Авторот може да го поттикне критичарот, критичарот-авторот, и сите останати односи се можни, па така секој игра важна улога за да се формира целосниот ликовен свет.
И, каде творечки ќе се упати Владимир Илиевски по стивнувањето на џагорот околу оваа нова поставка? Работи ли на нови дела, нови серии слики, поставки...
Како што велеше еден мој професор, додека работиш на едно делче во сликата, размислувај и на другите делови; додека ги работиш другите делови, размислувај на целата слика, а додека ја сликаш таа слика, размислувај на други слики. Иако ова може да делува деконцентрирачки, всушност за мене е сосема природно, и гледано од растојание, е концентрација кон ликовното делување.
Во план се две нови серии на дела, кои технички се цртежи, но како што често велиме, сликајќи цртаме, цртајќи сликаме, можеби повеќе би ги дефинирал како насликани цртежи. Двете серии се започнати и работам на нив, па ќе може наскоро да се видат.