Достапни линкови

„Локум фест - музика и традиција“ или промоција на трајните вредности


Монистра
Монистра

Етно групата МОНИСТРА, американката Сара Ароетре, хрватско-шведско-македонската атракција АФИОН... се само некои од учесниците на 16-от Балкански етно фјужн фестивал „Локум фест -музика и традиција“ што од 21 до 23 јули ќе се одржи во Битола.

Битола, градот под Пелистер, Градот на конзулите... по 16 пат ќе биде домаќин на првата фестивалска манифестација во Македонија која својот зародиш го има во тамошната Стара чаршија. Од 21 до 23 јули, на неколку локации ќе биде одржан Балкански етно фјужн фестивал „Локум фест -музика и традиција“, од неодамна и член на Европската фестивалска мрежа за Балканот „МОСТ“.

Отворањето на манифестацијата како што велат организаторите, Центар за културна деконтаминација Битола, ќе биде во четврток вечерта на платото пред Офицерски дом со концерт на македонската етно група МОНИСТРА, кои со овој перформанс ги одбележуваат двете децении од својата активност на музичката сцена. Истата вечер своја средба со публиката ќе имаат и PLANTEC од Франција чија звучна понуда е спој на традиционалната со електронската музика.

Плантек
Плантек

И, по еден таков моќен вовед во тридневните случувања, продолжението е повеќе од значајно за сите љубители на традицијата, но и на музиката, Најнапред е планирана концертната промоција на ладино албумот „Монастир“ посветен на Битола на Сара Ароесте од САД со музичари од Израел и од Македонија, а потем на истата сцена се очекува шоуто на познатата хрватско-шведско-македонска атракција АФИОН која ја негува балканската музика и ја изведува со невидена страст и енергија.

Афион
Афион

Потем традиционално „Локум фест -музика и традиција“ се сели во Старата битолска чаршија каде се предвидени работилници за музичко новинарство и промоција на магазинот „Етноумље“ со гостите од Србија, како и Саем на ракототворби со ЗУР „Македонски ракотоворби“. Овде ќе се одржи и изложбата подготвена од Државниот архив - одделение Битола, насловена како „Данабаш низ архивскиот материјал - Раскошот и проклетството“.

Во музичкиот дел, пак, од третиот фестивалски ден најавени се настапите на старите пријатели и чувари на традицијата, Пензионерското пеачко друштво „Сирма Војвода“ од Битола, тајфата „Антико“ и специјалните гости, џипси-ска бендот GIPSY GROOVE од Косово.

Плакатот за Локум фест 2022
Плакатот за Локум фест 2022

Музичкиот концепт е јасен во својата намера најнапред да промовира македонски ансамбли кои негуваат стилови на традиционална музика за што сведочи долгата листа на досегашни учесници како: ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАКЛАВА, ЉУБОЈНА, Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ, Кинг Наат Велинов и ОРИГИНАЛ КОЧАНИ ОРКЕСТАР, легендарната Вања Лазарова, Драган и Ратко Даутовски, Влатко Стефановски...Од региониот на Локум фест“ досега настапиле бројни ансамбли од етно-фјужн музиката од Унгарија Полска,Словенија, Србија, Хрватска, Албанија, Грција, додека светските имиња доаѓаат од Индија, Египет, Јапонија, Бразил, Данска, Шведска, Финска и други земји, вели Тодор Ивановски, уметнички директор на Фестивалот.

Тој и со дополна дека Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест -музика и традиција“ ја следи иницијалната идеја која се потпира на потребата да ја крепи традицијата и заштитува Чаршијата.

Битолската чаршија синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам и секако за кафе со локум како синоним за средба, со години се празни, а објектите ги јаде времето. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, се повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Отаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт: музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство, смета тој.

Ароесте
Ароесте

Кон ова уште еднаш информацијата дека „Локум фест -музика и традиција“ од неодамна е член на Европската фестивалска мрежа за Балканот „МОСТ“ што подразбира негово европско легитимирање и далеку побогата програма. Во таквите настојби манифестацијата како Проект од национален интерес финансиски е поддржана и од Министерството за култура, и од Општина Битола, која патем му ја дава неопходната поддршка сите овие години.

„Локум фест -музика и традиција“ е еден од ретките фестивали кои сеуште смело стои на браникот на одбраната на културата од се поголемата естрадизација промовирајќи ги трајните вредности наместо само забава. Културата може да биде забавна, но културата не е забава.Токму и таков однос треба да имаат оние кои ја субвенционираат културата, а потребна е и дебата и интервенција во законот за спонзорства и донации каде јавниот интерес во културата е изедначен со естрадата, ќе рече Ивановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG