Достапни линкови

Македонските писатели и летово во фокусот на „Антолог“


Второто издание на „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски
Второто издание на „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Четири нови реизданија само оваа недела и така со ред во наредните неколку летово ја чинат акцијата на издавачката куќа „Антолог“ со која е најавено засилена промоција на домашните автори и нивните дела. Акцијата има цел наново да го актуелизира интересот за македонската литература.

Второто издание на „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, книгата што најнапред ја доби наградата „Роман на годината“ за 2020 година и потоа беше македонски кандидат за „Балканика“ и згора се закити и со наградата за литература на Европската Унија, третото издание на „Виенски гамбит“ од Анде Јанков, првиот автор на крими серијал во Македонија, четвртото издание на „Нека играат децата“ од Денис Бојаров, добитник на наградата „Планетопија“ за 2020 година и второто издание на „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска, инаку една од највизионерските претстави за Скопје во македонската книжевност, се четирите реизданија со кои издавачката куќа „Антолог“ излегува пред домашните читатели.

На тој начин овој реномиран издавач наново и даде гласност на идејата следните неколку недели да ги посвети на зголемена промоција на домашни автори и дела од сите жанрови и видови - проза, поезија, книжевност за деца, специјални изданија...

Ова подразбира дека всушност најавената акција е дел од долгогодишниот ангажман на издавачката куќа во актуелизирање на интересот за македонската литература и подигнување на свесноста за домашните автори, кој сега вака добива и една сосема поинаква димензија.

- Нашата цел, преку активностите што следат, е уште позасилено да го привлечеме вниманието кон домашниот автор, за секој на својот список книги ова лето да допише и по некој таков наслов. Отсекогаш сме ги поддржувале и охрабрувале македонските писатели чии дела се вредни за читање. Низ годините нашите автори го добиле соодветното внимание, биле наградувани од критиката, а нивните книги доживувале нови изданија и тиражи. Секогаш сме тука да ги поттикнеме читателите да се решат за книги од македонската литература, затоа постојано оддржуваме промоции, настани, средби со писателите, сè со цел и овие книги да си го добијат своето заслужено место во библиотеките, како на нашите читатели, така и на јавните установи, вели Ирина Тумбовска од „Антолог“.

Таа и со информација дека меѓу авторите чии дела ја одбележаа македонската литература во минатите неколку години, а кои исто така ќе бидат дел од оваа акција со вторите изданија на нивните книги се и Жарко Кујунџиски со „Сфинга на гневот“, една од најчитаните книги, македонски кандидат за наградата „Балканика“ во 2021година, потем Дијана Петрова исто така со нејзината „Не правете им сенка на гробовите“, Катерина Шошко со „Случајот Чернобог“, Марта Димитров со „Шардоне и шпагети карбонара“ и Јасна Котеска и нејзините „Санитарна енигма“ и „Комунистичка интима“ и други.

Дијана Петрова со својата „Не правете им сенка на гробовите“

Заедничко за сите овие дела и автори е што тие веќе го имаат освоено интересот на читателите и низ годините доживеале нови тиражи, што е и најголема награда за секој писател: интересот на публиката, појаснува Тумбовска.

Ирина и со дополна дека за целото ова време на нивната интернет страница и на социјални медиуми постојано ќе бидат споделувани содржини од различен вид, а секој ден во фокус ќе имаат и претставување на еден македонски писател.

Конечно од „Антолог“ и со информација дека овој период ќе го заокружат и со најава на четири нови дела од македонски писатели и нивни автори - „Свадбите на ежињата“ од Александар Кујунџиски, „Планино, убавице!“ од Вера Лилчиќ, „Доберос“ од Цоне Крстевски, како и „Крунски панагон“ од режисерот Горан Тренчовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG