На демирхисарска Слоештица, родното место на бардот Петре М.Андреевски, на Ирена и Сергеј Андреевски како идејни творци и организатори на Меѓународната ликовна колонија која со своето постоење одамна ги надмина границите на постојното и стреми кон творечките висини и промоцијата на Македонија како културно место за живеење и градење на мостови на пријателство, по 20-ти пат им се случи АРТ ПОИНТ – ГУМНО. Едновремено на македонската култура и се случи уште еден изблик на траење и потврда на идентитетот во неговата суштина.
А, за јубилејот Колонијата онака како што прилега на времето, торечките немири и пост-ковид околностите го пригрли слоганот „Веруваме во уметноста и во природата / "In Art and Nature We Trust". Чисто како круна на мислата што ја води низ изминативе две децении.
Ова подразбира дека фокусот беше на уметноста и природата односно, на можните одговори како уметноста може да ја промовира природата којашто сама по себе е најсовршениот уметник.
Притоа преку творечки дијалог и со иновативни уметнички реализации во различни медиуми, од коишто дел се инспирирани од локалната традиција, уметниците создадоа дела што предизвикуваат восхит.
И, кога сме веќе тука збор два за творците.
За Памела Тол ќе биде забележано дека е сликар-сонувач. Таа работи на пејсажи од нејзиното опкружување. Тоа е просторот што Тол искрено го пренесува на хартиите или платното, понесена од чинот на радоста на создавањето.
Беате Куне, пак, како што појаснуваат организаторите ги истражува процесите и енергиите на природата преку апстрактни линии и форми. Нејзините слики прикажуваат континуирана палета на бои и импресивна рамнотежа, нудејќи му на гледачот хармонично визуелно откритие.
А, скулпторот Синиша Новески, како што вели каталогот, и овој пат инспириран од македонската традиција создава скулптури од дрво и прачки коишто не потсетуваат за болните идентитетски прашања.
Од друга страна за Јасмина Главинче, важноста на еколошката тема во нејзината работа е клучна, бидејќи таа е единствената супстанца за позитивни промени во општеството, реинвенција на нашата соработка со природата. Така, таа „свесно избира да испреплетува и повторно да користи различни материјали создадени од самата природа, парадигмата на уметноста“.
За Владимир Симоновски ќе биде речено дека ги реинкарнира старите, отфрлени предмети давајќи им нов смисол и форма што пулсираат во духот на современото време-невреме.
И, конечно Сандра Котевска е уметница којашто преку своите дела ги истражува и ги истакнува духовните и чувствителните вредности и убавини на човекот. Само тие се состојби со кои животот добива вредност и длабока оправданост.
А, кога ова е веќе познато еве дел од импресиите на некои од творците кои беа учесници на јубилејното издание на АРТ ПОИН ГУМНО.
М-р Синиша Новески е академски скултор кој знае да каже прекрасната природа и амбиентот во Слојештица, како и топлината на луѓето позитивно влијаеа на неговата скулпторска креативност да направи неколку скулптури во стилот на Ленд арт, односно да користи материјали од природата како дрво,гранки земја... и подоцна тие скулптури да ги вклопи во природата и македонскиот мистичен пејзаж.
Домаќините на Арт Поинт- Гумно Ирена и Сергеј Андреевски дадоа дополнителен шмек и мотивација да за краток период од десеттина дена направам четири интересни скулптури.
Првата скулптура ја нареков „Самовилата од Слојештица“ и инспирирана е од локалните приказни за мистичните самовили во демирхисарскиот крај.
Стилизираната скулптура на Самовилата е висока околу 2,5 метри направена од гранки прачки и дрво.Симболиката на скулптурата на Самовилата е всушност претстава на жена т.е Мајка Mакедонија од гранки кои се метафора на македонскиот пиреј кои излегуваат во височина кон небото заедно со портретот од дрво кој е сличен со портретот на античката Нике која значи дека Македонија ќе победи висока до небесата. Оваа скулптура феноменално се вклопи во природниот и селски амбиент и го освојува небото и пејсажот на Слоештица, вели Новески.
За втората скулптура „Македонски рани“ истакнува дека е инспирирана од моменталните неправди кои му се случуват на македонскиот народ.
Преку формата, линијата и текстурата односно ликовниот јазик ги врежав во дрвото гребнатинките и раните кои ги трпи Македонија и македонскиот народ.
Третата скулптура е насловена како” Македонски пиреј во јарем” и претставува спој на македонскиот фолклор и историја. Гранките кои се испретлетуваат една со друга е македонскиот народ претставен како заробен пиреј во јарем кој полека али сигурно излегува, се пробива надвор од тој затворен стегнат коцкест јарем и ќе ја доживе својата слобода и правдина.
И последното четврто дело е групација на три дрвени скулптури со наслов „Фамилија“, Таа е продолжение на последниот мој циклус кој го работам на тема семејство и фамилија. Тие стилизирани скулптури амбиентално се вклопуваат во селскиот амбиент на старите куќи и прекрасната природа, појаснува скулпторот.
Неговата колешка Јасмина Главинче забележува дека во животот понекогаш желбите се остваруваат, па така се остварила и нејзината годинава да учествувам на првата колонија.
Огромна чест и задоволство ми беше што ме поканија на Арт Поинт- Гумно, колонијата на Сергеј и Ирена Андреевки во с. Слоештица родното место на таткото на Сергеј, и еден од моите омилени писатели, големиот Петре М. Андреевски. Во селото бев прв пат, планинско-низинскиот предел во кој е позиционирано е навистина живописен, вели Главинче.
Таа дополнува дека кога стигнала во Слоештица буквално почувствувала како да влела низ некој портал, во некој друг паралелен свет.
Ме плени архитектурата на куќите, ме плени начинот на којшто со гранки беа „исткаени“ ѕидовите на шталите, ме пленија уредените дворови полни со разнобојни цвеќиња, малите бавчи полни со разновидни градинарски култури, звукот на реката измешана со шумот на дрвјата, спокојот кој го препознав и во лицата на ведрите селани. Можеби највеќе од се, ме плени гостопримството на Ирена и Сергеј, нивниот домаќински уреден вилает, нивната несебичност и огромен напор да пренесат и воспостават вистински вредности во оваа мала, рурална средина, да им го понудат својот дом на уметниците и да ги меѓусебно да ги вмрежат, ќе рече скулпторката.
Таа и со дополнување дека творела во непосредна близина на сликарките Пам Тол од Северна Каролина, Беате Куне од Германија и скулпторот Новески, но дека притоа „сите си имале различен пристап и сензибилитет во работата“.
Бевме физички присутни на едно, но истовремено и отсутни. Втурнати во творечки транс секој на свој начин ја преведуваше инспирацијата која ја нуди средината на својот ликовен јазик.
Присутни и соединети бевме само за време на оброците кои ги подготвуваше Ирена и кои не можам а да не ги споменам тука, бидејќи беа подготвувани со огромна љубов, беа превкусни и посебни и во себе ја соддржеа етеричноста на традицијата и локалната клима и почва. Разговаравме за најразлични теми поврзани за животот и уметностаа, делевме се, се раскажуваа и случуваа чудни случки, се смеевме, се радувавме и разделбата навистина беше тешка за сите нас бидејќи станавме како семејство.
Јасмина Главинче и со појаснување дека делата кои ги изработила за време на 14 дневниот престој на Колонијата се асамблажи од најразлични материјали кои ги пронаоѓала при секојдневните љубопитни талкања низ гумното.
Ги спојував градејќи ликовни композиции кои се специфични за моето досегашно творештво. Во секој од нив препознавав приказни проткаени низ времето, подалечно или поблиско минато.
Во едно дело користам остатоци од малтерот- кој за мене е симбол на поврзување и стабилност, исушен плевел како е моја ликовна интерпретација на Пирејот од Петре, за други две скулптури искористив стари тули од плитар - симбол на домот, семејството. Не ги изоставив и мајсторски исплетените гранки од оградите и плевните кои често, љубопитно ги набљудував при прошетките низ селото.
Секое дело што го направив на колонијата е мини колекција којашто сум си ја зела како сувенир од местото кое навистина ме воодушеви, искуството кое ќе го паметам, кое го направи мојот живот поубав, побогат и вечно ќе бидам благодарна, ќе рече уметницата.