Достапни линкови

„Отворен Балкан“ сепак оди во Брисел - прогрес или загрозен кредибилитет на ЕУ


Премиерот Димитар Ковачевски и останатите лидери од Отворен Балкан сепак ќе одат во Брисел на Самиот на ЕУ, по вчерашното двоумење. Пораката треба да биде сфатена како порака на незадоволство од сето тоа што се случуваше, а не како некој сигнал дека овој регион би можело да се осврне кон други алтернативи, вели Сефер Селими од Демокраси лаб.

Лидерите на Отворен Балкан испратија порака дека ЕУ не треба да го потценува регионот, со тоа што прво се двоумеа, а потоа прифатија да одат на Самиот на ЕУ во Брисел, вели политичкиот аналитичар Сефер Селими од Демокраси лаб.

Премиерот Димитар Ковачевски и останатите лидери од Отворен Балкан сепак ќе одат во Брисел на Самиот на ЕУ, по вчерашното двоумење. Премиерот на Фејсбук напишта дека во Брисел сакаат да потврдат дека Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина, но доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот.

Селими вели дека еден сегмент на пораката е да не се потценува регионот. Другиот сегмент со одлуката да одат не ги изневеруваат поддржувачите на интеграциите на Западен Балкан, а третиот сегмент што можеше да биде проблематичен доколку одлучеа да не одат, вели Селими, ќе се косеше со пораката од САД, дека Отворен Балкан треба да биде економска, а не политичка иницијатива, ако сака да ја задржи поддршката.

„Се надевам дека двоумењето нема да оди во прилог, посебно на они што се противеа на нашето членство и ќе биде сфатено барем како предупредување или како некоја порака на незадоволство од сето тоа што се случуваше, а не како некој сигнал дека овој регион би можело да се осврне кон други алтернативи“, вели Селими.

Попладенво Ковачевски на Фејсбук напиша дека „чиста формулација на македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, како и вклучувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот откако ќе почнат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, се дел од клучните елементи, за „францускиот предлог“ да биде прифатлив за македонската страна. Тој пишува дека историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка. Понатаму, за да биде прифатлив предлогот, мора да има цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија. Премиерот вели дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.

Селими - Отворен Балкан до ЕУ е „не не третирајте здраво за готово“
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:52 0:00
Директен линк

Што се однесува, пак, на тоа дека закочените евроинтеграции ќе се одразат на кредибилитетот на ЕУ на Балканот, Селими вели дека тој веќе се топи.

„Ако гледате како поддршката за ЕУ се топи, тоа е доволен факт дека кредибилитетот на Европската унија е веќе нарушен во овој регион“, вели Селими.

Албанскиот премиер Рама на Твитер објави дека ќе присуствуваат во Брисел, иако, како што наведе -„ Нема да има многу што да се слушне за нас'“.

„Но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, наведува Рама.

Во соопштение од Претседателството на Србија наведуваат дека лидерите на трите земји одлучиле заедно да одат на самитот, при што се договориле за принципите кои ќе бидат главниот столб на разговорите со бројни претставници на Европската унија.

„Одлуката за учество и заеднички пристап на самитот во Брисел е уште еден чекор во борбата за напредок на нашите земји, но и јасен сигнал дека и покрај бројните пречки, продолжуваме да даваме конструктивен придонес на патот кон европската интеграција“, стои во соопштението.

Се додава дека лидерите на трите земји се свесни дека темите за кои ќе разговараат на самитот нема да бидат лесни.

„Но, нашето учество уште еднаш ќе ја покаже и потврди посветеноста на европскиот пат на Србија, Албанија и Северна Македонија“, соопштија од Kабинетот на претседателот на Србија.

Ковачевски, Вучиќ, Рама и нивните колеги од другите земји од Западен Балкан се повикани во Брисел на средба со челниците од ЕУ, што треба да се одржи в четврток, пред јунскиот самит на Европскиот совет на кој ќе се разговара за проширувањето на Унијата.

Откако вчера тројцата лидери најавија дека одлучуваат дали да присуствуваат на Самитот, претседателот на државата Стево Пендаровски синоќа во телевизиско гостување го советуваше премиерот Ковачевски да не оди на Самитот во Брисел, оти како што рече, премиерот нема што да бара таму.

Претседателот оцени дека на историските прашања и оспорувањата за јазикот не им е место во Преговарачката рамка. Тој вели дека преговарачката рамка не може да се усвои, ако Македонија не каже „да“. Претседателот рече и дека граѓаните не треба да стравуваат дека нешто ќе ни биде наметнато со сила.

Одлуката за присуството во Брисел доаѓа во време на закочени евроинтеграции на Западен Балкан. Србија иако ги има почнато преговорите не отвора нов кластер, оти не вовела санкции кон Русија по инвазијата на Украина. Неодамна германскиот канцелар Олаф Шолц рече и дека ако Приштина и Белград не се признаат меѓусебно, нема никогаш да влезат во ЕУ. Албанија и Македонија, иако долги години се кандидатки за членки, пак никако да добијат датум за преговори, во последните две години причината е бугарското вето за македонските евроинтеграции, но бидејќи двете земји се во пакет, ниту Албанија не ги почнала преговорите.

Во пресрет на самитот во Брисел, лидерите на ЕУ бараат да се забрза пристапниот процес

За прв пат по долго време, шефовите на држави и влади на Европската унија (ЕУ) ќе ја потврдат „својата недвосмислена посветеност на перспективите за членство на Западен Балкан во ЕУ и ќе повикаат на забрзување на процесот на пристапување“. Ова се наведува во нацрт-заклучоците до кои има пристап Радио Слободна Европа (РСЕ).

Од почетокот на војната во Украина, Брисел ги интензивираше своите активности кон земјите од регионот во обид да му помогне на Западен Балкан да се соочи со можните последици од руските акции.

Селими вели дека процесот на проширување на ЕУ, во минатото, не секогаш бил поврзан со критериуми и реформи.

„Сега војната во Украина и целото помрднувањето на безбедносната инфраструктура во Европа налага дека овој регион треба што побрзо да се вклучи во ЕУ и мислам дека ова е многу битен момент тоа да се направи и конкретизира“, вели Селими.

Што е со Северна Македонија и Албанија?

За разлика од претходните верзии на овој нацрт-заклучок, во кој посебен простор е посветен на отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија и Албанија, најновата верзија го отстрани текстот поврзан со ова прашање. За ова прашање се остави да се одлучува на лидерско ниво.

Бугарија одлучува и за ветото и за Владата на Петков

Во меѓувреме пак, денеска бугарското Собрание ќе го разгледува „францускиот предлог“ за тргање на ветото со што Македонија и Албанија би добиле датум за почеток на преговори. Седница на Kомисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент, на која ќе се разгледува ваквиот предлог, треба да започне во 14 часот по македонско, односно 15 часот по бугарско време.

Бугарското Народно собрание, пак, од утринава имаше неколку обиди да обезбеди кворум за да може да работи. Пратениците треба да изберат нов претседател на Собранието, откако минатата недела го разрешија Никола Минчев од таа позиција. Но сите партии најавија дека нема да поднесат кандидатури за оваа функција. Вршителот на должност собраниски спикер Мирослав Иванов ја затвори редовната седница и закажа вонредна седница за вечерва во 19.10 часот кога треба да се гласа за недоверба на бугарската Влада предводена од премиерот Кирил Петков.

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека „францускиот предлог“ е најдобар во моментов, но бугарските политичари да не брзаат со прогласување историска победа. Според Радев предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија.

Лидерот на бугарската опозициска партија ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека неговата партија дава „зелено светло“ за С. Македонија и Албанија. Борисов вели дека мнозинството пратеници би го поддржале францускиот предлог.
Ветото кон Македонија беше наметнато од владата на ГЕРБ и Обединети патриоти пред две години. Коалицијата предводена од Петков и ГЕРБ заедно во Парламентот имаат 176 пратеници, доволно да се донесе одлука за укинување на ветото.

Европскиот предлог предвидува условите на Бугарија да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ. Оваа опција стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Минатата недела Владата на Кирил Петков донесе одлука со која се предвидува секој предлог од ЕУ да биде испратен до Парламентот за тој да ги носи одлуките. Сега владејачката коалиција на Петков нема мнозинство во Собранието, оти коалицијата ја напушти партијата „Има таков народ“ на Слави Трофонов.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG