Достапни линкови

Замаени пешаци и возачи и неажурна полиција – еднакво на сообраќаен хаос


Полиција во Северна Македонија.
Полиција во Северна Македонија.

Сите учесници во сообраќајот се однесуваат неодговорно. Дефокусирани од мобилните телефони, возат под дејство на алкохол и дрога поради што се случуваат голем број на сообраќајни несреќи, во кои жртви се почесто се пешаци и велосипедисти. Според експерти, полицијата треба да биде поригорозна, но велат дека народот генерално не сака да почитува правила

Прегазениот велосипедист на раскрсницата на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов од пред неколку дена е меѓу последните примери кои ја покажуваат (не)безбедноста на сообраќајот на ниво на цела држава.

Иако полицијата секојдневно објавува извештаи за стотици казнети учесници во сообраќајот, прашање е колку е ефикасен методот што го применуваат, бидејќи прегазените пешаци и велосипедисти, но и судирите на возачи на автомобили и моторцикли, често ја полнат рубриката црна хроника.

За ваквата состојба фактор е и несовесноста на луѓето кои во секоја ситуација ги прекршуваат сообраќајните правила:

Од пешаци, кои во некои случаи и со своите деца фатени за рака минуваат булевари на места каде не е означен пешачки премиен, до моторџии кои возат со огромна брзина... Голем дел од возачите на автомобили како да заборавиле дека постојат трепкачи, поминуваат на црвено, не ги почитуваат ранливите учесници во сообраќајот, возат брзо покрај училишта и градинки.

Се случува и во Градскиот парк во Скопје несвесни луѓе да влегуваат со мотори и коли каде често има голем број деца. Несовеснот и загрозување на безбедноста има и од страна велосипедистите и оние на електричните тротинети.

Зошто вакво однесување?

Една од причините е поради тоа што полицијата го има загубено авторитетот кај луѓето, вели доктор Викторија Вујовиќ од Клиниката за психијатрија.

Од друга страна, вели таа, голема е употребата на психоактивни супстанци кај возачите: алкохол, тутун и дроги, а фактор е и зморот, дефокусираноста при возењето, употреба на мобилни телефони и слушање гласна музика...

„Решенијата треба да бидат во поригорозно казнување, на пример за високи количини на алкохол да има трајно одземање на возилото, бидејќи одземените возачки дозволи повторно се враќаат кај истите возачи“, вели Вујовиќ.

Пред неколку месеци, поради состојбата на улиците граѓани излегоа на протест под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“, откако на булeварот Партизански одреди кај „Сити мол“ во Скопје загина младата Викторија Николова која беше прегазена. Граѓаните рекоа дека се револтирани од сообраќајното насилство и начинот на кој се третирани пешаците и сите учесници во сообраќајот. Тогаш за само една недела на скопските улици загинаа тројца луѓе, двајца додека минувале на пешачки премин.

Министерството за внатрешни работи дневно објавува извештаи во кои наведува дека спроведува засилени контроли во сообраќајот. Според вчерашниот извештај, санкционирани биле околу 240 возачи на возила поради недозволена брзина, некои од нив возеле над 70 километри на час повќе од дозволената брзина од 50 километри на час.

Полицијата прави радарски контроли за брзо возење. Денеска Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека казнети биле 41 возач за брзо возење над дозволеното, меѓу 149 казнети од кои 14 возеле без возачка дозвола, додека честворица биле фатени како минуваат на црвено.

Според Стоимко Златковски - сообраќаен инженер од Техничкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, несреќите делумно се должат и на состојбата на патиштата, што значајно ја нарушува безбедноста особено на загрозените категории учесници во сообраќајот (пешаците и велосипедистите).

„Нема доволно соодветни технички решенија за постоење на пешачки и велосипедски патеки. Од друга страна, контролата врз овие загрозени категории учесници во сообраќајот често затајува. Редовни се контролите над возачите на моторни возила, додека велосипедистите и пешаците како да не се еднакви учесници во сообраќајот. Потребна е перманентна контрола и врз оваа категорија на учесници во сообраќајот“, вели Златковски.

Ниска култура

Психологот Марија Младеновска вели дека народот во земјава е познат по тоа што генерално не сака да почитува правила, посочувајќи дека тука не е исклучок ниту ниската сообраќајна култура и непочитувањето на сообраќајните правила.

„Ова делумно се должи и на психолошки фактори кај луѓето. Во последно време ние како психолози забележуваме дека расте анксиозноста, нетрпеливоста и нервозата кај луѓето кои имаат се помала концентрација. Расеаноста и невниманието и тоа како придонесуваат за зголеменот број на сообраќајни несреќи“, вели Младеновска.

Доктор Вујовиќ укажува на примери во Хрватска, каде вели дека постојат високи парични казни за „насилен начин на возење“, за што пропишани се и затворски казни во траење од една до три години.

„За намалување на бројот на сообраќајни несреќи треба поодморени луѓе, кои не се под влијание на психоактивни супстанци, поконцентирани на сообраќајот, почитување на правилата и почитување на авторитетот на тие што се грижат за сообраќајот“, вели Вујовиќ.

Д-р Младеновска додава дека потребно е подигнување на општото ниво на култура, поголем број на полициски контроли врз возачите, зголемена едукација, пред се на младите луѓе, за кои вели дека се уште немаат развиено чувството на одговорност како кај повозрасните возачи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG