Франција предлага годинава да се создаде Европска политичка заедница меѓу сите европски држави кои сакаат заедно да придонесат кон безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Ова се наведува во нон-пејперот што Франција го предлага до државите членки, а во кој РСЕ имаше увид.
Предлогот за основање на Европска политичка заедница ќе се најде на дневен ред на Самитот на ЕУ кој ќе се одржи на 23 и 24 јуни. На самитот шефовите на држави и влади на ЕУ ќе расправаат за проширувањето, со акцент на барањето на Украина, Молдавија и Грузија за полноправно членство во Унијата.
Во нацрт-документот се наведува дека Европската политичка заедница би била отворена за европските држави кои делат заеднички демократски вредности, без разлика дали се членки на ЕУ или не и без разлика на нивниот сегашен однос со ЕУ, односно дали сакаат да и се придружат, веќе ја напуштиле, не планираат да и се приклучат на Унијата или пак со Унијата имаат само економски договори.
Ваков предлог даде претседателот на Франција Емануел Макрон на Самиот во март. Целата на предлогот за Европска политичка заедница, според нацрт документот, е да се понуди координативна политичка платформа за европските земји низ целиот континент. Тоа би можело да се однесува на Западен Балкан, земјите од Источното партнерство и други европски земји со кои имаме блиски односи, стои во нацрт-документот до кој дојде РСЕ.
„Без разлика на фазата која би била постигната на овој Самит, политиката на проширување, поради барањето за реформи кои се неопходни за придружување кон ЕУ и траењето на процесот, кое нужно следи, денеска не се нуди неопходна политичка рамка која треба да одговори на итните историски и геополитички потреби, кои произлегуваат од војната против Украина и да се развие политичко структурирање на нашиот европски континент“, се наведува во францускиот документ.
На прашањето зошто тоа се прави, во документот се наведува дека целта била да се поттикне политичкиот дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес за да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.
Но, таквата рамка нема да ги замени и да ги надополнува постојните политики и инструменти на ЕУ, особено проширувањето, и целосно ќе ја почитува автономијата на одлучување на Европската унија, стои во документот.
ЕУ нацрт закључоци
Во нацрт-заклучоците до кои дојде РСЕ, се наведува дека ЕУ повикува на забрзување на процесот на интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, на „реверзибилен и заснован на заслуги начин“.
Во нацртот се потсетува на важноста на реформите, особено во владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата и правата на малцинствата. Само се спомнуваат преговорите меѓу Македонија и Бугарија.
„Европскиот совет ја нагласува итноста од постигнување опиплив напредок во решавањето на отворените билатерални спорови, меѓу другото дијалогот Белград – Приштина за поддршка на нормализација на односите меѓу Србија и Косово“, се наведува во заклучоците.
Исто така се поздравува политичкиот договор постигнат меѓу лидерите на БиХ и Брисел на 12 јуни, потребен за стабилноста и целосното функционирање на земјата.
Одлука за апликациите на Украина, Молдавија и Грузија
Европскиот совет треба да одлучи за апликацијата на Украина за влез во Унијата. Аспирациите за членство се засилија откако Русија ја нападна Украина, по што земјата побара по скратена процедура за започне преговори за членство.
На самитот во Версај што се одржа во март, лидерите на ЕУ се обврзаа на дополнително зајакнување на врските и продлабочување на партнерството за да ѝ помогнат на Украина. Тогаш францускиот претседател Емануел Макрон предложи создавање за паралелна европска заедница за земјите кои чекаат да се приклучат на Европската унија.
Говорејќи во Стразбур на 9 мај, Денот на Европа, Макрон, коментирајќи го барањето на Украина за влез во ЕУ по забрзана процедура, рече дека може да поминат децении за да се случи такво нешто. Макрон е категоричен дека стандардите мора да се почитуваат и дека не треба да се забрза постапката за Украина или друга земја.
На претстојниот самит ќе се зборува и за аспирациите на Молдавија и Грузија, врз основа на мислењата на Европската комисија. Молдавија и Грузија аплицираа за членство во Европската унија на 3 март, а Украина на 28 февруари.
Во документот се наведува дека Европскиот совет повторува дека цврсто стои со Украина и дека Европската унија ќе продолжи да дава силна поддршка за севкупната економска, воена, социјална и финансиска отпорност на Украина, вклучително и хуманитарна помош.
„Европскиот совет одлучно ги осудува руските неселективни напади врз цивили и цивилна инфраструктура и ја повикува Русија веднаш и безусловно да ги повлече сите свои војници и воена опрема од целата територија на Украина во нејзините меѓународно признати граници. Мора да се почитува меѓународното хуманитарно право, вклучително и за постапувањето со воените заробеници. На Украинците, особено децата, насилно одведени во Русија мора веднаш да им се дозволи безбедно да се вратат. Русија, Белорусија и сите одговорни за воените злосторства и други тешки злосторства треба да одговараат за своите постапки, во согласност со меѓународното право. Усвојувањето на шестиот пакет санкции дополнително го интензивира притисокот врз Русија да ја прекине војната против Украина. Европскиот совет ги повикува сите земји да се усогласат со санкциите на ЕУ“, се наведува во документот.
Европската унија останува силно посветена на обезбедување натамошна воена поддршка за да и помогне на Украина да се брани, па затоа Европскиот совет повикува дополнително да се зголеми воената поддршка во рамки на Европскиот мировен фонд.
ЕУ ја повикува Русија веднаш да престане со таргетирање на земјоделските капацитети и отстранување на житарките, и да го деблокира Црното Море, особено пристаништето Одеса, за да дозволи извоз на жито и комерцијални бродски операции.
Начин на функционирање на Европската заедница
Идната Европска политичка заедница би имала облик на правна структура со капацитет да носи одлуки со почитување на автономијата на одлучување на ЕУ и на секоја од државите што ќе бидат членки. Се предлага државите членки да се собираат неколкупати годишно на ново на шефови на држави и влади, но и на министерско ниво.
Во нон-пејперот се нагласува дека оваа европска политичка заедница нема да биде замена за Советот на Европа, ОБСЕ или трансатлантските односи. Се вели и дека ова нема да биде алтернатива за членството во ЕУ и нема да биде замена за процесот на проширување. Нон-пејперот објаснува дека за европските земји кои сакаат да се приклучат на Европската унија, овој форум ќе овозможи зајакнување на врските со земјите-членки на ЕУ пред пристапувањето, како политички, така и во однос на придружното учество во одредени политики на ЕУ, вклучувајќи, каде што е соодветно, преку постепена интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ.
Идејата е дека Европската политичка заедница ќе ги зајакне политичките, економските, културните и безбедносните врски меѓу членките, дека ќе биде форум за координација и одлучување со цел да се одговори на конкретен начин на предизвиците со кои се соочуваат сите земји на европскиот континент.
Кои се предизвиците?
Предизвиците вклучуваат прашања од надворешната и безбедносната политика, климатските промени и снабдувањето со енергија и други суровини, безбедноста на храната, развојот на инфраструктурата и меѓусебното поврзување, мобилноста, миграцијата, борбата против организираниот криминал и односите со другите геополитички актери.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја претстави идејата за создавање европска политичка заедница на 9 мај во говорот што го одржа во Европскиот парламент во Стразбур по повод годишнината од формирањето на ЕУ.
Неколку дена подоцна, со слична идеја излезе и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој припаѓа на истата европска политичка групација како и Макрон - европските либерали.
Мишел на 18 мај предложи формирање на „Европска геополитичка заедница“ која, според него, ќе вклучи постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во одредени секторски политики на ЕУ, во согласност со нивниот напредок во пристапниот процес.
Македонија пак очекува Бугарија да го крене ветото за да започне преговори со ЕУ. Бугарија го блокира стартот на преговори на Македонија со ЕУ, со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Изгледите да се тргне ветото до Самиот дополнително се комплицираат со превирањата во владината коалиција во Бугарија со излегувањето на партијата „Има таков народ“.