На урбано Скопје и на македонската културна сцена по 21 пат им се случи ОФФЕСТ, фестивалот на „светска“, но уште повеќе на една поинаква музика чија „употребна“ моќ длабоко понира во повеќето слоеви на општеството. Која е настаната од неуморниот ритам на срцето, но чии слободарски пораки ги надминуваат наметнатите граници и временски отсечки.
Ете и затоа, манифестацијата што пред нешто повеќе од две децении иницијално беше еден вид вентил низ кој беше замислено да прострујат поинаквите идеи кои ја обременуваа програмата на тогаш веќе големиот Скопски џез фестивал, денес веќе е стамено исправена и подготвена да се фати во костец со потребата да ја шири мисијата и да отвора нови простори за музичка, уште повеќе културна комуникација и општо човечки вредности. За афирмација на малите култури, за силните и жилави творечки напори за промена на обичноста. За народите во чии жили пламти духот на слободата.
А годинава, по двете последователни ноемвриски пандемиски изданија, ОФФЕСТ му се врати на традиционалниот термин – крајот на мај и почетокот на јуни. Кога липите најубаво мирисаат во Скопје и кога распукува младоста. Се разбира, сето тоа следено од сите проблеми и општествени нелогичности во нашата „убава Македонија“, од културните (не)прилики, големите и празни ветувања, беспарицата и кризата што не прави се* поситни и понесигурни во себе... Ама ајде, сето тоа се само нијанси што го поттикнуваат нашиот инает по којзнае кој пат да им покажеме, себе си да си докажеме дека сме повисоко од нивната кусогледост и дека како и во други и тоа како потешки прилики знаеме и ќе останеме свои по потребата да бидеме дел од сиот нормален свет. Несразмерно од големината и нечијата потреба за доминација.
Е, токму за тоа адекватен пример, дефинитивно и не единствен скраја да е, е токму штотуку завршениот 21 ОФФЕСТ. Распослан во четири дена, од 1 до 4 јуни, на две сцени – НОБ и МКЦ, Фестивалот понуди шаренолика музичка понуда и единствена творечка ангажираност – да се пее и довикува слободата во сите нејзини појави и облици. Да се слави отпорот. Да се слави разноликоста и заедничката потреба за еднаквост и прогрес.
ПЕРИЈА - Македонија
Отворањето овој пат беше македонско. Со актуелната инкарнација на нео-хипи-фолк-постпанк психоделик-транс... дружината ПЕРИЈА во чија звуковност се допираат Блискиот Исток, Балканот, Северна Африка ... традиционалната музика и сложените макамски скали, непарните ритми... и каде на регионалните јазици се говори за правата и слободите. Оправдано беа дочекани како миленици на овдешнава (суб)културна сцена и испратени со верба дека нивното време допрва доаѓа. Ова беше убаво искуство за Леа Милиновиќ, Катерина Димитровска, Огнен Златанов и Деа Плевнеш пред да се упатат кон широкиот свет што ги очекува во своите прегратки.
Истата вечер триумфално беше затворена со настапот на дуото Добрила и Дориан. Со музиката која е забележана на нивниот деби ( и веќе „класичен“) албум „Апокриф“ и новите песни кои настанале во меѓувреме. Нивната изведба на некои од најубавите македонски традиционални песни како „Аир да не сториш мајко“ „Столен ми болен легаја“, „Три години стана“.„Кирајџиче“ едноставно ја има моќта да те понесе и да те натера да леташ помеѓу две тишини, две воздишки, две силни треперења на срцето... И, уште нешто дуото со силината и експресивноста на својата интерпретација, со сериозноста на понудата, е далеку над овдешните стандарди и оправдано стреми високо кон големите светски фестивали. Кон широка потврда на нивните интимни заложби и нашите очекувања. Јас лично им пожелувам да ги достигнат висините што безрезервно ги заслужуваат.
Балаке Сисоко - Мали
Во четвртокот, пак, воведот во магијата го стори еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора – Балаке Сисоко од Мали. Сам на сцената, навидум статичен, тој со леснотија ја воведе публиката во својот свет на убавина и имагинација, ја натера со него да плови и да ги допира ѕвездите што така силно светат на пустинските шатори. Да сонува.
И, по едно такво инструментално патешествие, придружуван од перкусионистот Џејмс Милер и од басистот Каетано Малта, на сцената осамна бразилскиот пејач и мулти инструменталист Лукас Сантана, „еден од најжешките феномени јужно од Екваторот“. Тој со одбран сет на песни од повеќето свои албумски објави, со материјалите од својот актуелен пост-тропикализмичен електро-акустичен албум и оние што допрва ( во јануари следната 2023) ќе излезат на носачи на звук, дојде со крената глава и многу гнев да проговори за неправдите. За реакционерните политики во својата микро средина, во државата Баија и воопшто во Бразил, игнорирањето на човечките слободи и права, зачувувањето на животната средина... Но таквата форсирана „политичност“ не значи дека Сантана беше тмурен. Напротив. Потпиша еден од највеселите концерти во последниве години на ОФФЕСТ над кој бележито лебдеше духот на БИТЛСИ ( за ова речовито говори неговата верзија на класиката Fool On The Hill), но и на неговите ментори во чии бендови го печел занаетот – Жил и Велосо, а во кој и тоа како беше свој и реално Голем. Затоа беше на два пати враќан на сцена од публиката. Срцето никако да стивне.
Лукас Сантана - Бразил
Петокот, 3 јуни, за ОФФЕСТ 2022 почна филмично. Со извонредниот документарец „The Rumba Kings“ на Алан Браин во кој не само што е е воспеана епската потрага по конгоанската румба, туку е раскажана сторијата за тоа како музиката ја иницирала борбата за слобода против колонијалното угнетување. За рушењето на бариерите, надежта и освоената независност, за хероите и музичари иноватори како Франко Луамбо и ОК ЏЕЗ, големиот Гранд Кале и АФРИКАН ЏЕЗ, Доктор Нико...
Продолжението речиси и да беше идентично. Елвис Алварен на гитара, клавијатури и електроника, Марио Галеано на бас и Педро Оједа на тапани, или заедно ЛОС ПИРАЊАС го сторија пробивот до душите и мускулите на присутните токму „филмски“. Колумбијците со својот „ретро футуризам“, со звуците на својот Континент (кумбија, чампета, тропикалија, салса...) пропуштени низ авангардниот психо-рок, дабот, минимализмот, џезот... направија ретко видена „транс“ журка. Лудо и до немајкаде откачено. И, се разбира заминаа како јуришници во освојување и на подиумот каде изборот и понудата беа на Галеано, или Френте Кумбиеро кого го знаеме од ОНДАТРОПИКА.
ЛОС ПИРАЊАС - Колумбија
И, конечно последната ноќ од ОФФЕСТ 2022 започна со пејачката Марија Мацота и нејзиниот придружник Антонио Де Лука на хармоника. Со некогашната пејачка на култните КАНСОНИЕРЕ ГРЕКАНИКО САЛЕНТИНО која во меѓувреме стана една од најзначајните пројави на музичката сцена од регионот Апулија во Италија и ѕвездата чие име е привилегија на глобалните фестивали од типот на Womad и други. Мацота со себе на своето прво гостување во Скопје го донесе материјалот од својот последен албум „Amoreamaro“ и куферот со песни набиени со искрена и топла емоција. Ангажираноста во промовирањето на културните вредности на родниот регион и драматичноста на еден врвен изведувач од југот на Апенинскиот полуостров. Од таму не случајно ја освои публиката на прва топка, оти нели и овде кај нас секој миг е историски, а денот судбински. Незаборавно.
Марија Мацота - Италија
И, по еден таков емотивен слалом, како убав допир на морски бран на зајдисонце, на сцената мазно се прошета наследничката на големата Цезарија Евора – пејачката Нанси Виера од Кабо Верде. Дојде со својот бенд од искусни инструменталци и уште поважно со својата „морна“ , националниот музички стил кој неодамна беше прогласен од УНЕСКО за нематеријално светско културно наследство. Со приказните за морето и патувањата, за далечината и за копнежот... со звукот кој ги довикува и премостува далечините. Љубов. Неизмерно многу љубов за споделување. И со звуци за танцување. Онака мазно, нежно, и потем засилено... и речиси бесно, како игра која ве води до сладострастие. А, на ова публиката, и младите и старите, и... збеснаа. И, по три песни на бис за продолжување на чинот на задовоство... заедно се поклонија.
Нанси Виера - Кабо Верде
А, длабоко во ноќта или ако милувате раните утрински часови, во салата „25-ти мај“ на МКЦ беснееја разулавените САНТРОФИ од Гана. Бендот чиј заразен оптимизам, врели ритми и реки енергија не оставаат двојба: Танцувај или бегај надвор! Исто онака како што сториле на Sines ВО Потугалија, WOMAD во Велика Британија, Womex во Финска... Басистот и основач Емануел Офори и неговиот октет длабоко слегуваат до пребогатиот звук на матичната сцена од 1970-те, гитарскиот „хајлајф“, различните етно форми и фанкот, афробитот... едноставно како фурија бришат се* пред себе. Како од тој еден и единствен настап да им зависи животот. Или можеби како поинаку и да не знаат. За нив ритамот е живот.
САНТРОФИ - Гана фото: Татјана Ранташа
И, овде запираме до следното издание на ОФФЕСТ кое дефинитивно ќе се случи во истите услови, веројатно на истите сцени во очекување на некоја летна што сеуште е мисловна именка, со истиот буџет и препознавање од нашата официјална културна политика и... така со ред околу нашите (не)прилики. Ама нималку не се сомневаме во потребата и амбициите на организаторот и желбите на публиката Фестивалот да ја продолжи идејата за Скопје – градот во кој се слуша и ужива светската музика и каде има клима громогласно да бидат изговорени пораките за слобода и еднаквост, за човековите права и за зачувување на животната средина. За малку или малку повеќе свест во креирањето на заедничката иднина.