Русија можеби користи проектили и бомби во својата инвазија врз Украина, но има и друго оружје, помалку смртоносно, но сепак заканувачко, насочено кон остатокот од Европа: енергијата.
Во услови на меѓународен гнев поради нејзината неиспровоцирана агресија, Москва се соочува со низа зголемени санкции.
Бидејќи ја снабдува ЕУ со 40 насто од својот гас, Русија возврати. Претседателот Владимир Путин објави дека „непријателските“ земји ќе мора да платат за таквите испораки во рубљи.
ЕУ нема инфомации дека европските компании плаќаат гас во рубљи
Руската државна енергетска компанија „Газпром“ на 26 април објави дека ја прекинала испораката на гас за Полска и Бугарија и нема да ги рестартира додека не се извршат плаќањата во руска валута, што предизвика бес во ЕУ и обвинувања за „уцена“.
Варшава, која увезува околу 45 насто од својот природен гас од Русија, соопшти дека може да „менаџира“ и со затворени руски вентили.
Но, Софија, која увезува околу 73 насто од својот гас од Русија, посочи дека ќе се соочи со проблеми.
Во интервју за францускиот дневен весник Le Monde објавено на 28 април, бугарскиот премиер Кирил Петков откри од каде неговата земја се надева дека ќе добие дел од исчезнатиот гас: Азербејџан.
„Многу конкретно, се надеваме на помош за да се добие азербејџански гас што е можно побрзо“, рече Петков.
Официјално, Баку не ја коментираше забелешката на Петков.
Во моментов, Азербејџан доставува до 300 милиони кубни метри гас за Бугарија годишно, што не е значителна количина.
Речиси две децении, Азербејџан маневрираше да стане значаен извозник на гас во Европа, што кулминираше кон крајот на 2020 година со пуштањето во употреба на гасоводот Трансјадрански (ТАП) кој пренесува азербејџански гас преку Грција и Албанија и преку Јадранското Море до Италија.
Лидери од Балканот и челници на ЕУ во посета на терминалот за течен гас во Александруполис
ТАП е последниот дел од Јужниот гасен коридор долг 3.500 километри, кој испумпува гас од џиновското поле во Азербејџан Шах Дениз II во Каспиското Море.
Јужниот гасен коридор е изграден за да го диверзифицира снабдувањето со природен гас на Европската унија и да го намали бројот на земји од Унијата кои имаат единствен извор на снабдување.
Во 2021 година, ЕУ увезе вкупно 155 милијарди кубни метри природен гас од Русија, најголемиот светски извозник на гас.
Поголемиот дел од докажаните резерви на природен гас на Азербејџан, кои беа проценети на околу 60 трилиони кубни стапки во јануари 2021 година, се наоѓаат во наоѓалиштето Шах Дениз.
Иако гасот од Азербејџан може да им помогне на земјите од ЕУ да се одвикнат од рускиот гас, количините едноставно не се доволни за целосно да го заменат.
„Гасоводот ТАП, кој носи азербејџански гас во Европа, и другите напори на ЕУ за намалување на зависноста од увозот на руски гас отсекогаш се однесувале на диверзификација, наместо целосно елиминирање и замена на руските испораки“, објаснува Алиса де Карбонел, заменик програмски директор за Европа и Централна Азија во Меѓународната кризна група.
„Идејата е алтернативните извори на енергија - колку и да се мали како дел од вкупниот увоз - да гарантираат дека Газпром не може да го искористи монополското држење на кој било пазар“, вели Де Карбонел.
За да искористи повеќе азербејџански гас, Бугарија смета на завршување на гасниот интерконектор Грција-Бугарија, кој, како што сугерира неговото име, треба да ги поврзе грчката и бугарската мрежа на гасоводи за природен гас.
Кога гасоводот ќе биде пуштен во употреба, што е предвидено за подоцна оваа година, Азербејџан за прв пат ќе започне да испорачува милијарда кубици гас годишно за Бугарија.
„Најоптимистичката прогноза е дека изградбата ќе биде завршена до јули оваа година. Потоа треба да се направат тестови и други процедури. За да ѝ се помогне на Бугарија да ги задоволи нејзините итни потреби, азербејџанскиот гас може да се испрати веднаш штом ќе заврши тестот. Ова ќе ѝ помогне на Бугарија да се справи со гасната криза што ја создаде Русија до одреден степен“, изјави Мартин Владимиров, бугарски енергетски аналитичар, за РСЕ.
Бугарска делегација во Брисел на разговори за прекинот на испорака на гас од Русија
Приклучокот за гасоводот ќе оди од грчкиот град Комотини до градот Стара Загора во централна Бугарија. Проектот, проценет на околу 240 милиони евра е финансиран од земјите-учеснички и ЕУ.
Овој гасовод ќе понуди други можности освен испораката на азербејџански гас. Петков рече дека Бугарија може да земе гас од Романија и да го испрати во Турција, како и назад, со надеж дека и Букурешт и Софија би можеле да го намалат притисокот на Русија на пазарот на гас.
Растечки енергетски врски меѓу ЕУ и Баку
Во услови на зголемени регионални тензии, но пред руските сили да ја започнат својата инвазија врз Украина на 24 февруари, Брисел и Баку разговараа за зголемување на испораките на азербејџански гас во ЕУ.
„Сакаме обемот на извезен гас од Азербејџан во Европа да достигне 10 милијарди кубни метри“, рече еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон на прес-конференција по разговорите во Баку на 4 февруари со претседателот Илхам Алиев.
„Таквото зголемување е важно „во недостигот и против зголемувањето на цените на енергетскиот пазар“, рече Симсон.
Алиев пак, изјави дека Азербејџан извезол 19 милијарди кубни метри гас во минатата година. за Турција, Италија Грузија, Грција и Бугарија.
Азербејџанскиот министер за енергетика Парвиз Шахбазов во март изјави дека земјата има 2,6 трилиони кубни метри резерви на природен гас, што според него е „доволно за нејзините соседи и европските земји“.
„Дефинитивно ќе започне проширувањето на проектот Јужен гасен коридор и во оваа насока започнавме дијалог со европските земји, земјите од Западен Балкан и другите источноевропски земји“, додаде Шахбазов.
Азербејџан извезе 2,6 милијарди кубни метри природен гас во Европа во првиот квартал од 2022 година и се очекува да го зголеми снабдувањето со гас во Европа за 30 насто во 2022 година.
Но, дури и зголемениот извоз на гас од Азербејџан само ќе ги намали потребите за гас на Европската унија, а згора на тоа, не е јасно дали Азербејџан може да ги исполни своите повисоки извозни цели, рече Де Карбонел.
„Но, производството во Азербејџан се намалува во последниве години и ќе биде потребно време да се промени тоа“, рече таа.