Достапни линкови

Руска пропаганда непречено се шири во македонскиот етер


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Две руски телевии се исклучени од македонскиот етер, но руската пропаганда се шири преку српски телевизии. Македонски Телеком, кој пренесува српски телевизиски канали во Македонија, вели дека се води од комерцијални интереси, но, зошто не реагираат членовите на управниот одбор кои се од редовите на власта?

Откако провајдерите ги тргнаа информативните руски државни канали од македонскиот телевизиски простор, руската пропаганда продолжува да се шири преку српски телевизии кои се пренесуваат преку македонските оператори.

Така, од скоро, македонски Телеком на својот сервис Макс ТВ вклучи повеќе нови српски ТВ канали. Сашо Ордановски, новинар и политички аналитичар, ја обвини за дволичност македонската Влада за ова, бидејќи државата поседува 35% од акциите на компанијата, па така дозволува ширење неквалитетни содржини и пропаганда.

„Во Србија е јасна политичката ориентација на српската елита, таа е сепак про-путиновска, и тоа не е само во оваа војна, туку трае со децении. Со постојана изложеност на една тивка пропаганда, но и на најдиректни пропагандни содржини, македонската публика која сака да ги гледа тие содржини, а кои се вешто изблендирани во забавни, во дебатни, информативни формати итн, со тек на време станува информативна жртва на таа пропаганда. И затоа е важна мерката околу сето тоа. Јас не велам дека треба се да се забрани, но велам дека треба да се воведе некој ред, особено кога се работи за медиуми коишто не се само приватни и комерцијални, туку во коишто државата има значителен удел во сопственоста“, дециден е Ордановски.

Тој забележува дека и во самиот управниот одбор на Телеком седат видни политичари кои биле на високи позиции во власта на СДСМ и ДУИ. Така, претседател е струмичанецот Зоран Китанов, до неодамна директор на ЈП за Државни патишта. Во одборот меѓу останатите се и поранешните министри Садула Дураки и Нина Ангеловска, како и поранешна директорка на Клиничкиот центар во Скопје, Шкодране Дарлишта

„Не може Владата да повикува официјално како членка на НАТО на една прозападна позиција во целата оваа ситуација со војната, а нивните луѓе коишто седат во компанијата во којашто самата држава поседува златна акција да се однесуваат како тоа да не се однесува за нив“, дециден е тој.

Уште кон крајот на феврари, една недела по почетокот на руската воена инвазија во Украина, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), по препорака на владата им укажа на кабелските оператори да ги исклучат руските информативни канали што се реемитуваат во Северна Македонија.

Препораката дојде по одлуката на земјите членки на Европската унија да ги забранат „Раша тудеј“ и „Спутник“ на територијата на ЕУ. На неа се одзваа најголем дел од операторите, но не и сите. Како што откри првиот вицепремиер Артан Груби во неодамнешното гостување на ТВ21, Телеком без одлука на Владата не сакал да прифати да ги исклучи руските канали од својата понуда.

Како Русија ги манипулира своите граѓани за војната во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Двете руски телевизии беа целосно тргнати од македонскиот етер дури по носењето одлука на Влада со која им се наложи на операторите да ги исклучат каналите, потврдува Зоран Трајчевски претседателот на АВМУ. Тој појаснува и дека тоа се однесува исклучиво за два руски информативни канали, Раша Тудеј и Спутник, но не и за други руски канали, како на пример, оние што пренесуваат документарци.

„Што се однесува до српските канали, односно тв каналите кои доаѓаат од Република Србија, иако кај голем дел од нив имаше и поголемо ширење на пропаганда во однос на војната, во однос на Раша Тудеј, не постои законска можност за нивно исклучување. Останува на самите оператори да проценат како општествено одговорни компании дали има потреба или каква е потребата тие канали да се реемитуваат во нашата држава“, вели Трајчевски.

АВМУ, додава тој, не може да исклучува канали по свое убедување, односно дека имаат ингеренции само за случаите на говор на омраза или ако се повикува на уривање на уставниот поредок.

Од Телеком велат дека изборот на каналите на МаксТВ се прави според комерцијалните потреби, барањата на корисниците и пазарните услови.

„Телеком, како и сите други оператори на пазарот, според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нема право на уредувачка политика, туку само на реемитување на каналите. ТВ понудата операторите ја креираат исклучиво според потребите и барањата на корисниците, со цел поголем избор на ТВ канали и содржини. Новите канали кои од неодамна се прикажуваат на MaxTV, се пуштени промотивно за сите корисници, а од 1 мај ќе бидат достапни со дополнителна активација по избор на корисниците“, велат од компанијата.

Радио Слободна Европа, за ова прашање побара став и од Владата. До објавувањето на овој текст, не добивме одговор

Планско ширење на пропаганда

Аналитичарот Алберт Муслиу, смета дека ширењето на руската пропаганда преку дел од српските телевизии се прави плански.

„Секако дека ја шират. И не само што ја шират, тие имаат и нивни партнери кај нас, и тоа не се случува случајно, тоа е дел од една машинерија, добро разработена, која се разработува веќе повеќе години наназад и сега е ставена само во функција. Истите тие провајдери кои се на каналите ако веќе зеле јавно овластување од државата за тоа да им го пренесуваат на граѓаните, тогаш треба да земат и јавни обврски во заштитата на граѓаните од пропагандистичките тенденции“, дециден е Муслиу.

Тој додава дека е неопходно да се вложува во борбата со дезинформациите, а регулирањето на телевизиите го гледа како едно од решенијата.

„Ако можевме да забраниме големи канали како Раша Тудеј, секако дека може помали канали исто така да ги забраните или да им укажете дека ако продолжат со таков однос, дека истите ќе бидат забранети. Во крајна линија ние немаме обврска во државата сите канали да ги пуштаме“, додава Муслиу.

По почетокот на руската воена инвазија врз Украина, македонското Собрание донесе декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи пак посочија дека интензивно ги следат и коментарите и изјавите на социјалните мрежи за случувањата во Украина, како и дека кривично ќе ги гонат сите сторители кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе сторат кривично дело „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“.

Ваквите соопштенија стигнаа откако дел од македонските граѓани и јавно преку социјалните мрежи се ставија во одбрана на руската воена агресија.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG