Достапни линкови

Разговори Русија-Украина во Истанбул, Зеленски инсистира на „територијалниот интегритет“


Локална жителка до зградата во која се наоѓа нејзиниот уништен стан во опколениот град Мариупол. 28.03.2022.
Локална жителка до зградата во која се наоѓа нејзиниот уништен стан во опколениот град Мариупол. 28.03.2022.

Неделава во Истанбул ќе продолжат мировните преговори меѓу Украина и Русија. Во меѓувреме, Украина го разгледува руското барање за неутралност, а Министерство за одбрана соопшти дека руски бродови подготвуваат ракетни напади врз украински цели.

Кремљ соопшти дека преговорите меѓу Русија и Украина најверојатно ќе започнат во вторник, откако Турција претходно се согласи да биде домаќин и најави дека тие ќе бидат одржани Истанбул.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави подготвеност да разговара за неутралниот статус на Украина во рамки на мировниот договор, но рече дека суверенитетот и задржувањето на територијата на Украина остануваат приоритет.

Приоритетите на Украина во разговорите ќе бидат „суверенитетот и територијалниот интегритет“, рече Зеленски во своето обраќање до нацијата.

Во разговор со рускиот претседател Владимир Путин, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се согласи да биде домаќин на разговорите и повика на прекин на огнот и подобри хуманитарни услови, соопшти неговиот кабинет. Украинските и руските преговарачи потврдија дека ќе има разговори во лице.

Украинското разузнавање на 28 март соопшти дека целта на Русија е да ја подели Украина на два дела.

Александар Родњански - советник на украинскиот претседател Зеленски рече дека Киев се противи на „пресекување“ на Украина во каков било мировен договор, на пример официјално предавање на источен Донбас и Крим на Русија.

„Ние секако не сме подготвени да се откажеме од која било територија или да зборуваме за нашиот територијален интегритет“, рече Родњански на радио Би-Би-Си.

Изјавата дојде откако шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов изјави дека Русија сега се обидува да ја подели земјата на два дела и „да создаде Северна и Јужна Кореја во Украина“, откако не успеа брзо да ја окупира целата земја.

И Родњански рече дека Украина е отворена за потпишување договор за неутралност, но дека ќе бидат потребни безбедносни гаранции од други земји, веројатно членки на НАТО, во случај „да биде загрозена нашата безбедност или територијален интегритет“.

Зошто сѐ повеќе луѓе бегаат од Русија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Распоредот на руските сили во Украина во последните 24 часа не доживеа значителна промена, соопшти денеска британското воено разузнавање .

Градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко изјави дека градот на брегот на Азовското Море е на работ на хуманитарна катастрофа и дека мора целосно да се евакуира.

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека руски бродови подготвуваат ракетни напади врз украински цели.

„Бродовите на Црноморската флота на Руската Федерација извршуваат задачи во одредени области на оперативната зона на Црното и Азовското Море“, соопшти Министерството.

„Некои бродови влегоа во затворена област, веројатно за да извршат ракетни напади врз објекти во Украина“, се вели во соопштението.

Во него се наведува дека Русија се прегрупира со цел да напредува кон административните граници на регионите Доњецк и Луганск, кои делумно се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија.

Од друга страна, украинските сили презедоа целосна контрола врз градот Ирпин, кој беше еден од главните жаришта на борбите во близина на главниот град Киев, изјави градоначалникот на градот.

„Денес имаме добри вести - Ирпин е ослободен“, рече Олександр Маркушин во видео порака на Телеграм.

„Разбираме дека ќе има уште напади врз нашиот град и храбро ќе го браниме“, вели тој.

Инвазијата на Русија врз Украина започна на 24 февруари и оттогаш речиси 4 милиони Украинци ја напуштија земјата. Околу половина од нив заминаа во Полска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG