Достапни линкови

Студентите по гастрономија со награди, рестораните без професионални готвачи


Наградените студенти по гастрономија и ректорот на Битолскиот Универзитет Свети Климент Охридски.
Наградените студенти по гастрономија и ректорот на Битолскиот Универзитет Свети Климент Охридски.

Кризата со ковид-19 и недоволните примања во угостителството доведоа кадрите од областа на гастрономијата да бидат дефицитарни во земјава, а Факултетот за туризам и угостителство се обидува да го надополни недостатокот со квалитетни кадри образовани на академско ниво. Студентите постигнуваат меѓународни успеси.

Отсекот по гатрономија на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се обидува преку академски образован кадар да го надмине дефицитот на кадри од областа на гастрономијата, но да го издигне и квалитетот на оваа професија на повисоко ниво. Во прилог одат и наградите што на 18 Меѓународен натпревар по гастрономија во Истанбул ги освоија студените од оваа насока, од Гран при до девет златни, сребрени и бронзени медали. Студентите раскажуваат во што се крие успехот на нивната професија.

„Секогаш гледаме да споиме македонско со модерно. Сите намирници што ги имаме во Македонија ги употребивме и гледавме на македонски начин тоа да го презентираме. Рибата ја полневме со брокула, направивме сос од риба и домати и пире од брокула. Прво го гледаат изгледот на чинијата, па колку е вкусно и трето, колку сме организирани, смирени и колава ни е хигиената дури работиме“, вели студентот Христијан Јордановски од Прилеп.

„Правам паста полна со модар патлиџан, овча урда и сос од црвени пиперки, испадна како ајвар, сакав да направам нешто македонско“, рече студентот Роберт Тодорчев од Кавадарци.

Од рестораните во земјава се жалат на недостиг на професионални готвачи, па и менаџери по гастрономија. Доста од ова нив не можејќи да го издржат притисокот од кризата со ковид-19, преминаа во други професии, а дел заминаа да работат во странство за повисоки примања.

Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, чиј дел е Факултетот за туризам, Сашо Коруновски вели дека важно е квалитетот на кадрите да има и финансиска и општествена валоризација.

„Она што тие го постигнале да биде признаено, прво онаму каде што работат. Прашањето е дали ќе останат да работат тука или во странство. Ако вие освојувате медали, мора да бидете третирани како шампиони, ако не некој друг ќе ве третира како шампион. Затоа апелирам до оние кои навистина треба да го препознаат и да го вреднуваат квалитетот“, рече Коруновски.

Оваа насока беше во замирање, врз што посебно влијаеа промените во образовните концепти на укинување на тригодишните студии. Но, со вложување во квалитетна настава, професорски кадар и опрема во универзитетската кујна, се подига квалитет и интересот за студирање. Со оваа студиска програма се овозможува градење на гастрономијата на универзитетско ниво.

„Факултетот за туризам и угостителство може да се пофали со современо опремена кујна на површина од 100 метри квадратни, со опрема која чини 150.000 евра, обезбедена преку различни проекти. А овозможува практично надоградување на нашите студенти“, рече професорот Климент Наумов, раководител на студиската насока по гастрономија.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG