Достапни линкови

Човечка грешка главна причина за автобуската несреќа, жртвите се задушиле во пожарот


Автобусот кој се судри и изгоре на автопатот во Бугарија, на околу 40 километри од Софија.
Автобусот кој се судри и изгоре на автопатот во Бугарија, на околу 40 километри од Софија.

Во Софија денеска беа соопштени наоди од тековната истрага за автобуската несреќа која се случи пред три дена на бугарскиот автопат Струма. Во Скопје истрагата главно е насочена кон техничката исправност на возилото, кое немало лиценца за меѓународен превоз, а било пуштено да мине граница.

Човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“, изјави на денешен брифинг заменик главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.

Според првичната верзија од истрагата, дополнително за несреќата влијаеле лошата сигнализација и ознаките на патот, но и лоша организација на сообраќајот. Сарафов рече дека заштитната бариера (банкината) во која удрил автобусот била опасна и исто така придонела за несреќата, а при триењето со банкината искри ги запалиле маслата во автобусот.

Причина за смртта на сите загинати е задушување од пожарот, соопштија бугарските обвинители од Државното јавно обвинителство. Тие наведоа дека обдукциите се завршени и покажале дека ниту еден патник не починал од здобиени повреди од ударот, ниту пак од експлозијата.

Според досега утврденото од собраните материјали, категорично се отфрлаат тврдењата дека пожарот во автобусот настанал поради шверц на нафта или поради терористички акт. Утврдено е дека во автобусот имало празни туби за гориво, кои не биле причина за избувнувањето на пожарот.

Несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници од Северна Македонија кои од Истанбул се враќаа во Скопје преку Бугарија. Првичните информации беа дека се загинати 46 патници, а дека седум се преживеани и префрлени во болница, а потоа во официјалните соопштенија беше наведена бројка од 45 загинати.

Но, портпаролката на главниот обвинител во Бугарија Сијка Милева на денешната прес-конференција изјави за време на истрагата еден од преживеаните во несреќата сведочел дека 8 луѓе биле спасени, а не 7 и дека во исто време 44 тела биле најдени на местото на трагедијата.

Во таа насока, рече Милева, истражителите ја проверуваат верзијата да видат дали има уште еден преживеан и каде тој се наоѓа. Таа рече дека е можно еден од патниците на територијата на Бугарија да се префрлил во еден од другите автобуси, кои беле дел од туристичката група.

Милева наведе дека главниот обвинител Иван Гашев наредил да биде извршен увид на сигнализацијата и обележувањето на патните правци низ државата. Во увидот ќе бидат вклучени странски експерти и претставници на невладини организации.

Бугарија и Северна Македонија соработуваат во истрагата за случајот. Тројца обвинители од Окружното обвинителство во Перник и шест истражители од бугарската национална служба работат на истрагата. Се уште не е утврден идентитетот на жртвите. Идентификацијата се очекува да трае најмалку седум дена, како што соопшти македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Ова е една од најголемите сообраќајни незгоди во Европа во последните години. Сеќавањата се уште се свежи за загинувањето на 16 патници во автобусот кој се удри на автопатот Скопје-Тетово во февруари 2019 година.

Експерти кои ги консултираше Радио Слободна Европа сметаат дека системските пропусти низ годините резултираат со вакви катастрофални последици во јавниот превоз, но причините ги гледаат и во корупцијата и испреплетени надлежности на институциите кои треба да го спроведуваат контролниот механизам.

„Потребни се многу чести контроли и јас би рекол санкции што не е популарна мерка“, изјави за РСЕ Стоимко Златковски – сообраќаен инженер од Универзитетот во Битола.

Студеничани во жалост и очекување на исходот од истрагата за автобуската несреќа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Вчера македонското Министертво за транспорт и врска соопшти дека ја одземало лиценцата за работа на „Беса транс“, бидејќи за автобусот во кој загинаа патниците не бил издаден извод од лиценца за вршење меѓународен превоз на патници, ниту пак за друг јавен превоз. Министерството наведе дека возилото не било евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци.

„Поради што на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејност“, се вели во соопштението на Министерството за транспорт и врски.

Од друга страна, директорот на македонскиот Државен инспекторат за транспорт Руфат Хусеини на 24 ноември изјави дека доколку автобусот немал извод од лиценца, Царинската управа требала да му забрани излез од Северна Македонија.

Двајца македонски цариници кои го пуштиле автобусот да помине преку границата денеска беа отпуштени, соопшти македонската Царинска управа. Царинските службеници биле на смена кога автобусот излегол од Северна Македонија.

Царинската управа евидентирала дека автобусот на „Беса транс“ во периодот од 15 октомври до 11 ноември оваа година повеќе пати преминал преку граничните премини Деве Баир, Блаце, Ќафасан и Делчево за различни видови превоз, вклучително превоз на патници, но првичните наоди од внатрешната контрола на Царинската управа покажале дека на 18 ноември царинските службеници не го евидентирале електронски излезот на автобусот на „Беса транс“, односно дека била извршена само заверка на евидентниот лист за превоз на патници.

„За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работно место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“, се вели во соопштението на Царинската управа.

Инаку, екипата од обвинители и истражители од Бугарија утре заминуваат во Скопје каде ќе подигнат ДНК-профили од роднините на загинатите за да го утврдат идентитетот на починатите. Потоа телата на жртвите ќе им бидат предадени на нивните семејства.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG